Македонија
Мицкоски од Берово: Народот се сплотува и на 15 јули конечно ќе ја победиме сите заедно оваа ненародна и криминална власт
Претседателот на најголемата политичка опција во државата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Берово ги повика сите граѓани да се обединат, и оние неопределените, па и оние досегашните поддржувачи на СДСМ, против проектот на СДСМ и Беса за федерализација на Македонија до нејзино крајно уништување.
„Кога човек делува навидум разочарано треба да застане цврсто на нозе и да продолжи да се бори за она во кое верува. А тоа што во кое сите ние веруваме е онаа Македонија за којашто сите сонуваме. Онаа нашата Македонија. И тоа не е лесна едноставна цел. Таа е многу голема цел. И повозрасните велат, колку што целта е поголема толку искушенијата на патот за реализација на таа цел се поголеми. И кога ќе ви речат попусто се борите сè а завршено, тоа не треба да ве обесхрабрува, а ќе има и такви. Туку тоа треба дополнително да ве мотивира да продолжите да се борите во остварувањето на вашата крајна цел. Но, јас чувствувам, една чудна енергија се обединува за обновата. Народот се сплотува како многупати во историјата, и кога било и потешко. Затоа и овој пат, заедно сите на 15 јули ќе победиме. Тука никој не треба да има дилема“, порача Мицкоски.
Мицкоски од Берово ги повика и досегашните поддржувачи на СДСМ за да се обедини целиот народ против проектот на СДСМ и Беса за федерализација на Македонија и нејзино крајно уништување.
„Најпрвин да си ја ослободиме државата, а потоа ние ќе ви помогнеме да си ја ослободите партијата од овие коишто ви ја заробија. Нам по 15 јули ќе ни треба конструктивна опозиција. Опозиција која заедно со владата која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе работи за интересите на Македонија. Ова не е само борба на два спротивни концепта, туку и борба помеѓу различни вредности. Ние нема да владееме со народот како што правеше СДСМ, туку ние ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот ќе си ја обновуваме Македонија нашата татковина“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

