Спорт
Реал пак е на +4 со гол од сомнителен пенал и ВАР асистенција за двоен офсајд

Лидерот во шпанската Ла лига, мадридски Реал без многу мака, рутински дојде до трите бода на мечот против Алавес во рамки на 35-тото коло.
На стадионот „Алфредо ди Стефано“ во Мадрид, Реал со 2-0 славеше против Алавес и повторно се одлепи на 4 бода од второпласираната Барселона, на врвот на табелата во Ла лига, а преостануваат 3 кола до крајот на сезоната.
Критичарите на пулените на Зинедин Зидан, а посебно заговорниците дека ВАР му помага на мадридскиот клуб да стигне до титулата вечерва повторно ќе имаат за што да коментираат.
Реал дојде во водство во 11 минута. Стрелец од белата точка беше Бензема, во отсуство на суспендираниот Рамос кој е непогрешлив од ударите од 11 метри.
Сепак во најмала рака дискутабилно е дали имаше пенал. Менди при еден продор од левата страна падна во противничкиот шеснаесетник, но останува дилемата дали Наваро стартуваше над него или, пак, актерските способности на Менди дојдоа до израз.
Тоа беше резултатот по првиот дел, во кој поседот на топката беше 76% наспроти 24% во полза на домашната екипа.
Во вториот дел Бензема успешно избегна офсајд замка (милиметри беа во прашање), па асистираше до Асенсио за 2-0 во 50 минута. Додека играчите на Реал славеа, судијата Манзано го консултираше ВАР и потоа покажа на центарот на теренот. Во двете ситуации очигледно немаше офсајд.
До крајот на мечот немаше промена на семафорот, па Реал дојде чекор поблиску до новата титула.
Алавес, пак, е на 3 бода над зоната за испаѓање, го очекува грчевита борба за опстанок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Јунајтед доби нова понуда за Фернандеш, капитенот треба да реши дали ќе ја прифати

Манчестер јунајтед неодамна доби голема понуда од Ал Итихад за Бруно Фернандеш (30) во износ од приближно 116 милиони евра, објавуваат голем број англиски медиуми. Ова не е прв пат ова лето да пристигне ваква понуда за капитенот на Јунајтед од Саудиска Арабија.
Претходно, Ал Хилал се обиде да го доведе Португалецот со огромен договор од околу 50 милиони евра годишна плата, но Бруно одлучи да остане во клубот.
Почетокот на новата сезона не ветува, Јунајтед освои само еден бод од првите две кола од Премиер лигата, а дополнителна бура предизвика промашениот пенал на Фернандеш против Фулам токму во моментот кога се појавија нови написи за можен трансфер.
Според извештаите, Ал Итихад испратиле нова понуда. Од „Олд Трафорд“ засега не одговориле, решиле одлуката да ја донесе фудбалерот.
Доколку Фернандеш сака да си замине, клубот нема да му застане на патот. Следните неколку дена ќе бидат клучни бидејќи играчот од средниот ред треба да донесе конечна одлука.
Ова би можел да биде најголемиот трансфер во историјата на Јунајтед.
Рекордот моментално го држи продажбата на Кристијано Роналдо во Реал Мадрид за 94 милиони евра.
Фернандеш му се придружи на Јунајтед пред повеќе од пет години од Спортинг за 65 милиони евра. Тој ги оправда вложените пари и оттогаш постигна 98 гола и имаше 86 асистенции, но нивото на целиот тим не ги следеше неговите индивидуални перформанси. Во Јунајтед, тој го освои Лига Купот и ФА Купот.
Спорт
Неуспешна мисија на Ал-Румајан: Исак не сака да игра за Њукасл

Трансфер сагата продолжува. Александар Исак не сака да игра за Њукасл, сака трансфер во Ливерпул.
Претседателот на Њукасл, Јасир Ал-Румајан, се обиде лично да го убеди шведскиот напаѓач да го промени својот став и да ги почитува професионалните обврски што ги има според договорот и да се врати на тренинзите, но според „Дејли Телеграф“ не успеал.
Исак одамна му поставил на клубот ултиматум дека сака трансфер во шампионите на Премиер лигата, чија последна понуда пред три недели од 110 милиони фунти беше одбиена. Њукасл побара 150 милиони фунти и ни фунта помалку, и тука сè запре.
Напаѓачот не тренира, ниту има намера да го стори тоа, свесен е дека го чекаат сериозни санкции, на крајот можеби тужба од клубот до ФИФА за непочитување на договорот.
Трансфер периодот рок трае уште четир дена, останува да се види што ќе се случи на крајот.
„Долго време не сум актер во овој случај. Го подготвувам тимот за натпреварите и вложувам максимална енергија во тоа. Најдоброто за Њукасл е приказната да се расчисти. Челниците ги презедоа сите чекори, навистина немам поим како ќе заврши сето ова околу Исак“, рече менаџерот Еди Хау, по поразот од Ливерпул.
Но, дури и да не биде реализран трансферот, а Исак да се премисли и да се врати во тимот, навивачите се огорчени од него, дури и направија маички со натпис дека е „стаорец“.
Спорт
Ѓоковиќ: Најдобриот и најлошиот момент во кариерата ми се случија на ОИ

Во интервју со Џеј Шети на Јутјуб, Новак Ѓоковиќ го откри најдобриот и најлошиот момент во неговата кариера. И двата се случиле на Олимписките игри.
„Најдобриот беше кога го освоив златниот медал во Париз минатата година. Дури и подобар од освојувањето на Дејвис купот и освојувањето на првиот Вимблдон затоа што знаев дека може да биде мојата последна шанса. Најлошиот беше во Рио де Жанеиро 2016 година, кога загубив од Хуан Мартин дел Потро во првото коло. Беше многу емотивен меч, сите во публиката ме поддржуваа, бев на врвот на мојата кариера, ги освоив сите четири Гренд слем турнири по ред. Чувствував дека тоа е мојата шанса“, се сеќава Ѓоковиќ.
Во истото интервју, тој откри и што е најтешкото нешто во тенисот:
„Да го победиш Рафаел Надал на Ролан Гарос е најголемиот предизвик што постои во историјата на нашиот спорт. Рафа беше мојот најтежок противник од физички аспект. Битките со него беа неверојатни. Го одигравме најдолгото финале во историјата на Гренд слем турнирите, во Австралија, и се сеќавам кога дојдов во соблекувалната и се соблеков. Моите патики беа полни со крв. Не можев ни да одам. Но, нашите мечеви на земјена подлога беа уште потешки“, рече најдобриот тенисер на сите времиња.