Македонија
Македонски концепт се залага лажните политички ветувања да се водат како кривично дело
Петар Богојески на последната граѓанска трибина која се одржа на кејот на Вардар во Карпош 4 ја повтори програмата на Македонски концепт заснована на концептот 3С, односно Слобода, Спокој и Солидарност. Богојески зборуваше за слободата како една од клучните алки за постоење на едно демократско општество.
Една од клучните програми на Македонски концепт е политиката на воведување ново кривично дело – лажно политичко ветување.
„Ако имавме такво кривично дело денес на овие избори, јавното обвинителство ќе имаше полни раце работа после изборите. Сето она што значи политичко ветување да биде евидентирано во текот на кампањата, програмата да биде депонирана во ДИК и во обвинителство и после периодот назначен за реализација на ветените проекти, по иницијатива на членови на ДИК или било кој граѓанин кој чувствува дека е измамен да има право да отвори постапка за утврдување одговорност за лидерот на политичката партија или самата политичка партија како правно лице“, потенцираше Богојески.
Богојески се осврна и на законот за финансирање на партиите. Како што вели, со тoj закон сега се валоризираат неколку политички субјекти и на тој начин сме сведоци на нерамноправна битка во сите избори однапред да бидат факторизирани истите тие субјекти. Ова е нешто кое се случува со години, само што останатите политички субјекти упорно се прават слепи и тоа не го истакнуваат, исто како што не се истакнува дека само 10% е просторот за целокупната конкуренција за рекламирање и финансирање.
„За да констатираме дека живееме во едно целосно слободно општество во кое нема ограничувања да бираме и да бидеме бирани, многу тешко ќе може да се оствари без да се реализираат овие неколку проекти презентирани од Македонски концепт”, додаде Богојески. Според него, овие политики може да дадат целосна промена и шанса за сите граѓани да можат да дејствуваат во насока на зацврстување на државноста на Македонија.
Д-р Елена Зафировиќ зборување за проектите за деца со пречки во развојот и згрижување на бездомните животни кои се дел од програмата Солидарност. Секоја цивилизирана држава мора да се погрижи за детската и возрасна популација кои имаат пречки во развојот да се чувствуваат не како товар на општеството, туку како рамноправни членови. Грижата за децата и возрасни со попреченост е оставена целосно на нивните родители и најблиското семејство, додека државата има многу мал, ако не и никаков удел во тоа. Ние треба да започнеме од почеток. Тоа значи право на пристоен стандард и квалитет на живеење и на овие лица и нивните семејства како и едукација на поширокото население и прифаќање на овие дечиња од најрана возраст.
„Ова ќе го постигнеме на тој начин што ќе се обезбеди за секое дете во училиштата систем којшто ќе биде или образовен или персонален. За реално остварување на ова треба да се зголеми бројот на тие персонални асистенти кои ќе бидат по еден за секое дете. Дополнително мора да обезбедиме грижа за овие дечиња додека нивните родители работат, со тоа што треба да се даде опција родителот да има статус родител негувател”, изјави д-р Зафировиќ.
Адвокатот Илија Илијевски говореше за третиот столб од програмата 3С – Спокој. Тој нагласи дека во Македонија имаме судска власт која е комплетно монополизирана од извршната и законодавната власт. Политичките елити во овие 30 години најмногу се концентрираат да ја контролираат извршната власт преку која што ја контролираат и законодавната и судската власт.
„Идејата на Македонски концепт и на правниот тим којшто работи на програмата е тоа веќе да запре. Да почнеме да воспоставуваме практики кои што навистина Македонија ќе ја доведат на ниво на една нормална држава каде што особено правосудството ќе ја има улогата која што му е доделена со уставот и ќе ја зајакне”, изјави Илијевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

