Македонија
Пендаровски за геноцидот во Сребреница: Идеите за етнички чисти територии секогаш водат кон трагедии

Претседателот, Стево Пендаровски, упати порака по повод 25-годишнината од геноцидот во Сребреница.
„Пред 25 години се случи геноцидот во Сребреница кога повеќе од 8.000 луѓе, претежно мажи и деца беа систематски убиени, само поради тоа што беа Бошњаци. Ова е, без дилема, еден од најмрачните настани во модерната европска историја за кој не постои никакво рационално оправдување. Некои од злосторниците веќе се соочија со правдата пред Меѓународниот суд. Дел од преживеаните, собраа храброст да им погледаат во очи на своите џелати, и да им простат на оние кои се покајаа за своите злодела. Но, многумина од нив продолжуваат да живеат со ужасните трауми дополнително засилени со негирањето и релативизирањето на вистината за злосторот“, вели Пендаровски.
„Меморијалниот центар и Мајките на Сребреница преку јасна порака, не соочуваат со колективното минато и се совеста на нашата генерација. Тие не поттикнуваат омраза, ниту бараат одмазда, бидејќи со тоа се продлабочува неправдата. Тие само ја бараат вистината и правдата, како предуслов за мирот.
Историјата, не само на Балканот, не учи дека идеите за етнички чисти територии, секогаш водат кон трагедии. А, последните балкански војни покажаа дека и по Холокаустот геноцидот може да се повтори. Ако една генерација не зборува, наредната ќе заборави, што создава плодна почва за нови конфликти.
Освен сеќавањето, алтернативите се градат преку образованието што промовира солидарност и сочувство кон другите, почитувајќи го вроденото достоинство на секој човек. Единството во различноста се штити преку механизми што се борат против системската неправда.
Дваесет и пет годишнината од геноцидот во Сребреница, се случува во период на пандемија на КОВИД-19 којшто секојдневно зема илјадници човечки животи низ целиот свет. Сребреница е сеќавање на опасниот вирус на нетрпеливоста кон различните.
Да градиме општества во кои ќе има место за секој од нас. Да направиме дом во кој ќе се прифаќаме едни со други и покрај нашите разлики. Затоа што сите сме луѓе“, додава Пендаровски во пораката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски од Мала Преспа: Македонскиот дух тука живее силно и гордо

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков се во посета на Македонците во Мала Преспа каде присуствуваат на фестивалот „Македонско културно лето“–симбол на истрајноста и духот на македонската заедница во Албанија.
„Фестивалот претставува жив сведок на богатството на македонската култура, уметност и традиција и испраќа јасна порака дека македонскиот идентитет не познава граници. Наша обврска е да го зачуваме и промовираме, секаде каде што чука македонско срце”, потенцираше министерот Тошковски.
Во рамки на посетата на Пустец министрите остварија средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски со кого разговараа за конкретни начини на поддршка од страна на македонската држава.
„Како Министерство за внатрешни работи, подготвени сме да го олесниме процесот за издавање на лични документи на оние жители кои имаат македонско државјанство и да преземеме мерки за олеснување на граничниот проток на преминот Стење, особено во сезоната на берба на јаболка, кога многу жители од овој крај доаѓаат на работа во Ресенскиот регион“, истакна министерот Тошковски.
Присутните вечерва имаа чест да го проследат настапот на велешкиот театар – силна потврда дека македонската култура обединува, каде и да се наоѓа.
„Мала Преспа е прекрасна, но уште повредно е чувството дека македонскиот дух тука живее силно и гордо“, заврши министерот Тошковски.
Македонија
Улиците во Карпош вечерва во тотален мрак

Општина Карпош во моментов е без улично осветлување поради пад на системот.
Од Општината информираа дека во моментот се работи на отстранување на проблемот и повторно подигнување на системот.
Се очекува осветлувањето да биде нормализирано во најбрзо време.
Македонија
Костадинов го замрзнува членството во СДСМ, најави ново политичко делување

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ, незадоволен од сегашното раководство и од насоката во која се движи партијата. Како што наведе во објава на социјалните мрежи, одлуката е донесена од чесност и срце, со уверување дека СДСМ треба да се врати таму каде што и е местото.
Костадинов порача дека во моменталната политичка состојба не гледа реална понуда и визија за градот, додавајќи дека не сака да се кандидира по инерција или без конкуренција. Тој нагласи дека во изминатите 11 години не изгубил ниту едни избори и дека секоја негова победа била победа за Струмица.
Во своето обраќање, Костадинов ги потенцираше реализираните проекти во Струмица, како електричниот јавен превоз, велосипедските патеки, нови паркови.
Иако го замрзнува членството, тој изјави дека останува социјалдемократ по вредности, но и дека не може да молчи кога гледа немање став и храброст кај раководството на СДСМ.
Најави и создавање ново интерпартиско делување кое ќе биде презентирано по локалните избори, а за кое вели дека ќе има целосно прецизна стратегија со цел обединување авторитети.
Конечната одлука за неговото идно делување, Костадинов, ќе ја соопшти по завршување на локалните избори.
СДСМ денес соопшти дека за нов градоначалник на Струмица ќе го кандидира претседателот на општинската организација, Марјан Даскаловски.