Македонија
Зибери од Крушево: Ќе бидам премиер за сите, ги поканувам сите заедници да гласаат за нова надеж во земјата
Денес кандидатот за прв премиер албанец, Насер Зибери, од градот Крушево, се обрати потсетувајќи на историјата на ова место, која содржи важни историски моменти како што е Илинденското востание, што претставува симбол на ослободувањето од Отоманската империја.
„ Северна Македонија, оваа земја која што сите ја сакаме и ја нарекуваме татковина, поминала низ многу револуции и војни во минатото, борејќи се за независност, а исто се соочувала и со меѓуетнички тензии. Ние се боревме заедно против непријателите однадвор, и се боревме едени против други, кога Албанците бараа еднаквост“.
Во сбоето обраќање Зибери потенцираше дека “иако борбите можеби биле неопходни – никогаш не е борбата таа што ќе носи успех, туку е секогаш мирот. Успешни сме само кога се бориме заедно, а не едни против други. Албанци, Македонци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци и Роми. Можеби сме различни етнички заедници но споделуваме една татковина, споделуваме еден дом. Заедно, постигнавме мир, постигнавме влез во НАТО, а можеме да постигнеме и членство во Европската унија. Заедно, ќе го направиме животот во Северна Македонија подобар за сите граѓани и ќе создадеме една иднина со подобри можности за нашите деца“.
Меѓу друото тој се осврна и на борбата за ослободување од дуополната власт, поделена помеѓу ВМРО и СДСМ последните триесет години.
„ Ова е студена политичка војна каде никој не победник. Но, едно е сигурно: Граѓаните, секогаш биле губитници, а ние сè уште сме заглавени во овој застарен политички систем, кој им служи само на политичките партии, а се заснова на поделба и омраза. Борбата против овој систем, борбата за ослободување од овој дуопол, е демократска, мирна и без насилство. Треба само да го искористиме нашето основно право на глас – иако старите македонски партии го ризикуваат тоа“ – рече Зибери.
Тој ги повика сите граѓани „без оглед на етничка и политичка припадност – ајде да го изодиме овој пат заедно, да се движиме напред во нова, современа демократска држава, каде граѓаните се еднакви и каде демократските права се неприкосновени.
Тој се заложи дека „како прв, непартиски и независен премиер на Северна Македонија, ќе биде на располагање да им служи на граѓаните.
„ Моја основна задача е Владата да работи за граѓаните, да стави крај на партискиот режим и да создаде подобри услови за сите нас. За Албанците, Македонците и сите други етнички заедници“ додавајќи дека “Крушево е симбол на ослободувањето и независноста, изборот на првиот премиер албанец, ќе биде симбол на еднаквоста и новата современа демократија. Па, дури и повеќе од симбол.“
Зибери го заврши неговото обраќање ветувајќи “ќе бидам подобар премиер, за сите граѓани. За Албанците, Македонците и за сите вас. Како непартиски премиер, ќе се посветам на вас, на граѓаните и единствена моја обврска ќе биде да ја направам Северна Македонија подобра земја. Со поголем просперитет, со поквалитетен живот, со поголема транспарентност и со вистинска еднаквост. Да го оставиме минатото зад себе и да се движиме заедно кон подобра иднина. Ајде да го оствариме сонот“ истакна Зибери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

