Свет
Меркел: Пандeмијата можеме да ја победиме само со глобален одговор

Германската канцеларка Ангела Меркел ја повика меѓународната заедница на заедничка борба против пандемијата на коронавирусот и се заложи за соработка со меѓународните организации како Светската здравствена организација.
„ Само ако на оваа глобална закана пронајдеме глобални одговори, ќе бидеме во состојба да ја победиме оваа и идните пандемии“ рекла Меркел.
Во своето обраќање, посветено на Денот на светското население на Обединетите нации, таа истакна дека зголемениот број на жители бара и зајакнување на напорите во борбата против предизвиците како што е пандемијата на коронавирусот.
„ Германската влада ги поддржува актуелните напори во борбата против коронавирусот и учествува во програмата на меѓународните организации како што се СЗО, ММФ и Светска банка“ рекла Меркел.
Германија исто така се залага, како што истакнала Меркел, и за глобална и праведна распределба на вакцини и лекови.
„ Германија започна „Итна програма за корона“ со која финансираме испорака на потребна помош за погодените земји“ изјавила германската канцеларка.
Таа додала дека Германија во проектите за помош на земјите во развој и контрола на растот на бројот на жители, посебно внимание ќе посвети на вклучување на жените и девојчињата во развојни проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Прекинати летовите на главниот аеродром во Бангладеш, избувна пожар

Властите во Дака ги прекинаа сите летови на Меѓународниот аеродром Хазрат Шахџалал, главниот аеродром во Бангладеш, по пожар во товарниот дел. Талха Бин Засим, портпарол на Противпожарната служба и Одделот за цивилна одбрана, изјави дека 32 противпожарни возила биле распоредени за гаснење на пожарот, кој започнал денеска попладне.
Управата за цивилно воздухопловство на Бангладеш ги прекина сите летови веднаш по инцидентот, наведувајќи дека операциите ќе останат запрени до понатамошно известување.
Покрај националната противпожарна служба, единици од Воздухопловните сили и Морнарицата на Бангладеш се придружија на напорите за гаснење на пожарот, според Одделот за односи со јавноста меѓу службите.
Причината за пожарот сè уште не е позната.
Снимките од местото на настанот покажаа црн чад како се извишува над аеродромот.
Како одговор, државната авиокомпанија „Биман Бангладеш ерлајнс“ пренасочи четири од своите летови, кои требаше да слетаат во Дака, кон аеродромите во Силхет и Чатограм.
Свет
Од јануари до септември годинава, Албанија пречекала 10.228.686 туристи

Министерот за туризам, култура и спорт, Бленди Гонџја, на социјалните мрежи објави дека „од јануари до септември годинава, Албанија пречекала 10.228.686 туристи, што претставува зголемување од 6 отсто во споредба со истиот период минатата година“.
“Овој позитивен тренд сведочи за одржливиот развој на туристичкиот сектор и за заедничката посветеност на промоцијата на Албанија како гостопримлива и сè поатрактивна дестинација”, напиша Гонџја.
Додава дека од албанските алпи до долгата крајбрежна линија, земјата нуди комплетен туристички пакет за секој тип туристи, а секоја година се шири и мапата на земјите од кои доаѓаат.
“Туристите ја избираат Албанија не само поради нејзините прекрасни плажи и поволната клима, туку и поради нејзините планински предели со импресивни природни пејзажи, антички градови со историска и културна вредност, како и нејзиното гостопримство и традиционална кујна”, оценува тој.
Според него туризмот станал активност што трае цела година и не само што генерира значителни приходи за економијата, туку ја промовира Албанија како дестинација што е посетувана во текот на цела година.
Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи или 15,2 отсто повеќе од претходната. Очекувањата за годинава се над 12 милиони туристи, што, посочува Гонџа, ќе бидат остварени.
Свет
Во експлозија на фабрика во Русија загинаа три жени

Три жени загинаа во експлозија што се случи вчера во фабриката „Авангард“ во градот Стерлитамак во Република Башкортостан во југозападна Русија, изјави денеска гувернерот Радиј Хабиров.
-За жал, загинаа три лица, сите жени. Меѓу нив беше и млада жена родена во 2002 година. Две жени оставија зад себе деца. Компанијата ќе ја обезбеди потребната поддршка, а ќе биде исплатена и отштета. Изразувам искрено сочувство до семејствата на жртвите, објави Хабиров на социјалните мрежи.
Уште пет лица се хоспитализирани – две со сериозни повреди и три со умерени, но гувернерот потврди дека нивните животи не се во опасност.
Хабиров рече дека една од зградите е уништена во експлозијата и потврди дека немало напад со дрон.