Македонија
(Видео) Заев од Конче: На 15 јули гласаме за број три, за повеќе пари кај земјоделците
На 15 јули, во среда имаме важни избори на кои се носи голема одлука. На 15 јули носиме одлука за сопствената иднина и за иднината на нашата татковина. Денес на последниот ден од кампањата, пред нас се исправени две спротивставени перцепции, два целосно спротивставени концепти, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„ Едниот концепт на СДСМ и коалицијата „Можеме“ кој ја носи земјата напред, кон ЕУ и НАТО, другиот на ВМРО-ДПМНЕ кој нуди само обнова на режимот, обнова на криминалот и туркање кон изолација. Концептот кој носи пари кај граѓаните и концепт кој зема пари од граѓаните. На 15 јули бираме дали земјоделците ќе добиваат 200 милиони евра годишно субвенции и поддршка за рурален развој, или ќе добиваат лажни ветувања, манипулации и уцени со исплатата на субвенциите.
На 15 јули, вие почитувани земјоделци одлучувате дали ќе имате сто процентно бесплатна зелена нафта или ќе дозволите некој од ВМРО-ДПМНЕ да го гази вашиот труд, како што правеше цели 11 години. Знам дека мнозинството граѓани овде во убавото Конче, овде низ изборната единица 4 но и низ целата државата ја имате донесено правилната одлука. Но таа одлука треба да ја потврдите и на гласачките места и да излезете на фер, слободни, демократски и пред сé безбедни избори и да гласате за бројот три. За СДСМ и за Коалицијата „Можеме“.
Да не дозволиме Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да не враќаат назад, туку уште подобро и уште повеќе да продолжиме напред, кон развој, кон нова македонска развојна економија, кон повисок стандард за земјоделците, за младите, за пензионерите. На 15 јули гласаме за бројот три за успесите на секое поле да продолжат уште повеќе, уште подобро.
Овде во нашето Конче реализиравме многу капитални проекти, изградена е нова спортска сала, детска градника, асфалтирани се 8 километри патишта, 10 улици, целосна реконструкција на три спортски и повеќе наменски игралишта, нова енергетско ефикасно улично осветлување, тампонирање на 6 километри полски патишта, нова опрема и машини за јавното комунално претпријатие, нови возила за сигурен и безбеден превоз на учениците, водоводи, канализации и други инфраструктурни објекти.
Со изградбата на експресниот пат Радовиш – Штип кој е во тек и до 2021 година ќе биде пуштен во употреба и почетокот на изградбата на патот Конче – Липовиќ – Рич, општина Конче ќе ја отвориме за уште подинамичен развој и за уште подобар живот на граѓаните“ заклучи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На едно семејство со четири члена му биле потребни близу 1.100 евра за да го помине декември
Вредноста на синдикалната минимална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за декември годинава изнесува 65.492 денари и е за 319 денари зголемена во однос на минималната кошница за минатиот месец кога изнесуваше 65.173.
ССМ денеска информираше дека со изнајмен стан од 60 метри квадратни за декември синдикалната минимална кошница изнесува 80 .867 денари.
Според пресметките на ССМ, во декември за храна и пијалаци се потребни 23.640 денари, за Образование 7.159 денари, за Станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.130 денари, Облека и обувки 5.875 денари, Транспорт 4.636 денари, Ресторани и хотели 4.131 денар, Комуникации 3.417, Лична хигиена и оддржување на хигиена во домот 2.620 денари.
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески на 17-ти месецов најави дека од 1 јануари освен што синдикатите ќе ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка и тие како Влада ќе прават пресметка за просечна потрошувачка кошничка, која ќе биде за најмалку четиричлено семејство. На оваа тема ќе се разговара на Економско –социјалниот совет, кој е закажан на 22 декември (понеделнк).
– Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината, изјави Ристески.
Македонија
Боки 13 ја вознемирувал Русковска, таа го пријави во полиција
Поранешната обвинителка Вилма Русковска поднела пријава до полицијата против Бојан Јовановски – Боки 13 за телефонско вознемирување.
Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 18 декември 2025 година, кога Јовановски, додека бил во живо вклучување на „Јутуб“, повеќепати телефонски ја контактирал Русковска, и покрај нејзиното одбивање на повиците.
Од снимката што циркулира на социјалните мрежи може да се види дека разговорот бил проследен со навредливи и вознемирувачки изјави од страна на Јовановски. Русковска во еден момент го предупредила дека доколку продолжи со повиците, ќе го пријави во полиција, по што повиците сепак продолжиле.
Од Министерството за внатрешни работи за медиумите ја потврдија пријавата и информираа дека работат на расчистување на случајот.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.

