Македонија
Мицкоски: СДСМ и Заев се минато завршено време и никогаш повторено

СДСМ и Заев се минато завршено време и никогаш повторено, Македонија е разбудена, Македонија е на нозе и обединета пред голема историска победа на 15-ти јули. Ова го изјави вечерва во Пробиштип претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Денеска зборуваме за една голема победа која ќе се случи за неколку дена. Ако пред 30 месеци зборувавме за нешто вакво, малкумина ќе поверуваа дека за само две ипол години ќе успееме да срушиме ваква ненародна власт која што ја беше заробила нашата Македонија. Чекоревме напред со крајна цел, знаејќи дека вие сте позади нас. Знаејќи дека од вас ја добиваме најголемата енергија и безрезервна поддршка. И успеавме, ги победивме. Ќе победиме со историски најголем резултат во независна Македонија. Ова го зборувам затоа што македонецот се обединувал секогаш кога било најтешко. Тогаш бил најсилен, кога сите мислеле дека го скршиле тој тогаш како пиреј изникнувал, се обединувал и застанувал еден до друг. И се спротивставувал на многу помоќен непријател отколку сега ова раководство на СДСМ и победувал. Така ќе биде и на 15-ти јули“, порача Мицкоски.
Овој пат, како што рече тој СДСМ и БЕСА ја имаат Македонија на маса и затоа секој оној што ќе заокружи за Љупчо Николовски заокружува за распарчување на Македонија.
„Но, јас сум сигурен. Сигурен сум во пркос, во одлучност, храброст и решителност дека повеќе никој не им се плаши. Македонија е разбудена, Македонија е на нозе и обединета пред голема историска победа на 15-ти јули. Дојде време за одговарање, за одговорност. После 16-ти одговорност следи. Тие се минато завршено време и никогаш повторено“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес и утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Град Скопје известија дека викендов (26.07 и на 27.07.2025 година), во раните утрински часови ќе се реализира авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин, дополнуваат надлежните.
Македонија
Денес пеколно топло со температури од 43 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени Целзиусови.
И во Скопје че биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 43 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре и во првата половина од следната седмица ќе има промена на временската состојба. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе го промени правецот во северен, а дневната температурата ќе биде во опаѓање.
Македонија
62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје во кој животот го загубија 1.070 лица

Скопје денеска ја одбележува 62. годишнина од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.
Во знак на почит и сеќавање на жртвите во катастрофалниот земјотрес, денеска во 10 часот делегации од Собранието и од Градот Скопје ќе положат цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта Бутел.
Во Музејот на град Скопје, вечер во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа”. Поставката ќе биде од траен карактер достапна за секој посетител во музејот. Градот како и секоја претходна година се сеќава на катастрофалниот земјотрес во 1963 година кој засекогаш го промени.
Скопскиот земјотрес во 1963 година е познат како една од најголемите трагедии кои се случиле во историјата на градот, но истовремено и шанса светот да ја покаже својата солидарност и да помогне во опоравувањето на заедницата.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.