Македонија
Растојание помеѓу лежалките и во водата, забрана за играње одбојка – објавен протоколот за плажите

Владата на денешната седница го усвои протоколот за работа на плажите во текот на пандемијата.
Во согласност со протоколот, покрај задолжителното почитување на основните превентивни мерки за носење лична заштитна опрема на лицето, за физичка дистанца од 1,5 до 2 метра, често миење на рацете со вода и сапун и редовно чистење и дезинфекција на околината на плажите, задолжително е точното и видливо информирање на посетителите со информативно-едукативен материјал во однос на почитување на основните превентивни мерки и начинот на однесување, како и со гласовно информирање за придржување кон препораките.
Препораките опфаќаат правила за однесување на плажите, кои се однесуваат на сите вработени лица и за посетителите за лична заштитна опрема на лицето, која ги покрива пределот на носот и устата, достапни и видливи места за средства за дезинфекција на рацете, физичка дистанца од 1,5 до 2 метра, вклучително и при престој во водата, како и ограничување на бројот на посетители на плажата во согласност со квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 м² нетоп-површина.
На плажите е задолжително меѓу индивидуалните чадори да се обезбеди минимално растојание од 4 метри, растојание од 1,5 до 2 метра помеѓу лежалките поставени под соседните чадори. Лежалките задолжително да се дезинфицираат пред и по користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави крпа на лежалката пред да ја употреби.
Се забрануваат групните спортови (како одбојка на плажа) и задолжително е одредувањето лица што ќе го контролираат бројот на посетители и спроведувањето на мерките.
Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија на Ковид-19 уште ги уредува и санитарно-хигиенските мерки, препораките за вработените, а за користење угостителски услуги се препорачува почитување на протоколот за угостителска дејност во услови на пандемија на Ковид-19.
На плажите не се препорачува користење гардероби на плажата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Патиштата влажни, се препорачува прилагодена брзина на движење

Сообраќајот на државните патишта се одвивa непречено, по влажни коловози. Интензитетот на патните правци надвор од градските средини е умерен, a на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Триото Трендафилов, Деановски и Пешевски, заедно имаат месечни примања околу 5.000 евра

Триото Трендафилов, Деановски и Пешевски, заедно имаат месечни примања околу 5.000 евра, или над 3 милиони денари годишно, немаат претстава како му е на обичниот работник. Триото Слободан Трендафилов, Трпе Деановски и Иван Пешевски, кои се продолжена рака на триото СДС, ДУИ и Левица, продолжуваат да работат по нивните насоки, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дека работниците немаат веродостоен претставник во ССМ се докажува секојдневно од страна на ова трио, кое одработува за политиките на опозицијата. Синдикалците на батерии не го интересира работникот, туку ги интересираат нивните милионски примања кои ги добиваат во вид на плата и други додатоци. Овие лажни синдикалци работат исклучиво по насока на опозицијата, а доказ за тоа е нивниот молк. Прашањето е зошто Пешевски, на минатата власт, која самиот тој вели дека за една година од 2023 до 2024 ги зголемила трошоците за живот за 200 евра, не излегоа на протест и тогаш да им побараат на истите тие кои ги бранат денес, зголемување на минималната плата за 200 евра? Зошто тогаш ССМ на чело со Трендафилов, не повика на протести, туку само мудро премолчуваат.
Трендафилов, Пешевски и Деановски ги интересираат само парите и поволностите кои следуваат во нивните синдикати, добивајќи ги парите од истите оние работници, кои поради нивната дволичност изминативе години, имаат ниски примања. СДС го насади ова трио по синдикатите, местејќи ги на позиции со огромни плати, кои ги добиваат од работниците кои земаат минимални плати, а потоа лицемерно бараат неаргументирано и неанализирано зголемување на платите. Милионските суми кои ги добиваат во само една година, директно од работниците кои членуваат во синдикатите, се во вид на плати кои се за 3 или 4 пати поголеми од минималната плата, а плус на тоа добиваат и останати финансиски додатоци, во вид на договори на дело. Прочитани се синдикалците на батерии. Владата ги зголемува платите на сите полиња, а тие ниту еднаш не го поздравија тоа, тврдат од партијата.
Македонија
Плата до 5-ти и породилно отсуство од 18 месеци – предлозите на Левица утре на дневен ред

После, за нас, неразумниот и неодговорен ‘платен распуст’ на пратениците, на седницата закажана за утре (вторник) ќе се најдат два предлог-закони поднесени од пратеничката група на Левица:
„Задолжителна исплата на платата до 5-ти наместо до 15-ти во месецот, затоа што работникот не смее да биде оставен во неизвесност, присилен да зема брзи кредити, да влегува во дозволени минуси или да се изложува на позајмици со високи камати додека чека половина месец за парите што чесно ги заработил;
Зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, со цел подобрување на социјалната и економската заштита на мајките и семејствата, нивно психофизичко закрепнување и развој, како и градење на здрава врска без страв од финансиска несигурност. Секое дете заслужува стабилен почеток во животот, а секоја мајка право на достоинствено мајчинство“, велат од Левица.
Како што велат од партијата, овие предлог-закони се само поднесени од пратеничката група на Левица, а се произлезени директно од потребите на народот. Дополнително, овие законски решенија не претставуваат светски феномен, туку се компаративно познати и пожелни во други европски земји.
„Оттука, доколку продолжи партиската суета на владејачкото мнозинство составено од ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ, и овие предлози не бидат изгласани – тоа ќе биде удар врз оние коишто им го дале мандатот, народот, а не врз Левица. Досега мнозинството предводено од ДПМНЕ не гласаше за ниту еден предлог на Левица, тие без дебата и разумни контра-аргументи ги одбиваа сите предлози. Пратениците ги потсетуваме дека предлозите се во интерес на граѓаните, а не на политичките партии. Одбивањето на вакви законски решенија, само затоа што доаѓаат од Левица, не е политика – тоа е непочитување на работниците и семејствата пред кои секој пратеник одговара“, завршуваат од Левица.