Свет
Италијански адмирал бара Германија да го запре „ропскиот брод“ што превезува мигранти
Италијанскиот адмирал Никола де Феличе побара од германската влада да ги запре операциите за транспорт на мигранти на германската невладина организација „Си воч“, пренесува „Ил џорнале“.
Во отвореното писмо, во кое бродот „Си воч 3“ се нарекува „ропски брод“, се бара интервенција од германската држава, бидејќи бродот плови под германско знаме.
„Барам да ги преземете сите неопходни мерки за прекин на сите активности на ‘Си воч 3’ поврзани со превезување илегални имигранти во Италија“, напиша Де Феличе во писмото до амбасадорот на Германија во Италија.
Писмото, чии делови беа објавени во понеделникот во „Ил џорнале“, продолжува да го обвинува капетанот на бродот за кршење на неколку поморски правила и за вршење меѓународни злосторства.
„Овие дела не ја почитуваат неговата нација и неговото знаме, ставајќи ја Германија и најхристијанската германска Евангелска црква во позиција на несвесна соработка со трговците со луѓе. Како заклучок, чекам вашата влада да го отстрани чесното германско знаме од јарболот на ропскиот брод ‘Си воч 3’“, рече Де Феличе и додаде дека се надева оти германската влада ќе го направи она што е правилно.
Употребата на терминот „ропски брод“ доаѓа само еден месец откако италијанските власти уапсија неколку кинески бизнисмени во градот Прато кои користеле нелегални мигранти како робови. Тие ги принудувале да шијат медицински маски, работејќи смени до 16 часа на ден без слободни денови.
Во Италија, исто така, се појави голем проблем со тоа што мигрантите биле присилени на сексуално ропство, особено од нигериските мафијашки групи кои ги мамат жените во Италија и користат комбинација на закани и вуду-ритуали за да ги принудат на соработка.
Другите земји во Европа исто така објавија голем пораст на ропството, при што луѓето, особено мигрантите, биле принудени да работат во ропски услови. Во Велика Британија, Центарот за социјална правда и добротворната организација „Правда и грижа“ објави извештај во кој се тврди дека има само во Британија само 100.000 робови.
Извештајот доаѓа откако пратеникот Ендрју Бридген тврдеше дека Лестер станал најголемо жариште за ропството со околу 10,000 луѓе кои живеат како робови во градот, а многумина работат во слаткарници за две евра на час.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

