Свет
Иран погуби поранешен вработен во Министерството за одбрана за наводна шпионажа за ЦИА
Техеран погуби поранешен вработен во Министерството за одбрана под обвинение за шпионажа за ЦИА, изјави портпаролот на судството, Голамхосеин Есмаили, пренесува „Спутник“.
Пресудата против Реза Асгари, пензиониран од воздухопловниот оддел во Министерството, беше изречена минатата недела, рече Есмаили за новинската агенција „Мизан“, која покрива судски работи. Додека, наводно, работел за ЦИА, Асгари доставил информации за ирански ракети.
„Асгари добил големи суми пари од ЦИА по пензионирањето продавајќи им ги информациите што ги имал во врска со нашите проектили. Тој беше идентификуван и осуден на смрт“, рече Есмаили.
Смртната казна против Махмуд Мусави Маџд, обвинет за пренесување информации за убиениот ирански командант Касем Солејмани, кој загина во американска воздушна напад во Ирак на 3 јануари, сè уште не е спроведена.
Во јуни, Иран соопшти дека друг наводен шпион, Џалал Хаџизавар, бил обесен во затворот во близина на Техеран. Во извештајот се вели дека Хаџизавар – исто така поранешен вработен во Министерството за одбрана – признал дека бил платен да шпионира за ЦИА.
Во извештајот се вели дека властите исто така конфискувале опрема за шпионажа од неговата резиденција. Во него се вели дека судот ја осудил и сопругата на Хаџизавар на 15 години затвор за улогата во шпионажата.
Иран во февруари му изрече слична казна за Амир Рахимпур, друг човек осуден за шпионажа за САД и заговор за продажба на информации за иранската нуклеарна програма.
Техеран во декември објави дека уапси осум лица „поврзани со ЦИА“ и вклучени во улични протести на национално ниво, што избувнаа претходниот месец поради изненадувачкото покачување на цената на бензинот.
Исто така, во јули 2019 година Техеран рече дека прекинал шпионски прстен на ЦИА и уапсил 17 осомничени меѓу март 2018 и март 2019 година и осуди на смрт некои од нив. Пред тоа, во 2016 година, Иран погуби нуклеарен научник осуден за шпионажа за САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман до 7 март, откако САД и Израел извршија напади врз Иран, изјави денеска портпаролот на авиокомпанијата.
Тој додаде дека компанијата ги суспендира и летовите до и од Дубаи денеска и утре.
„Ер Франс“ исто така ги откажа летовите до и од Тел Авив и Бејрут што беа закажани за денеска.
Според холандска новинска агенција, „КЛМ“ откажа лет од Амстердам до Тел Авив по нападите во Иран.
„Виз Ер“ исто така ги суспендираше сите летови до и од Израел, Дубаи, Абу Даби и Аман до 7 март, соопшти компанијата.
Во соопштението се вели дека авиокомпанијата внимателно ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност на воздушниот сообраќај, безбедносните власти и надлежните владини институции.
Додадено е дека оперативните одлуки ќе продолжат да се разгледуваат и дека распоредите на летовите би можеле да се прилагодуваат како што се развива ситуацијата.
Ер Арабија, исто така, ги откажа летовите до Иран, Ирак и други делови од регионот.
Шпанската авиокомпанија Иберија Експрес, исто така, го откажа летот до Тел Авив, кој беше закажан за денеска во 17 часот по локално време.
Ирак, Катар и Кувајт, како и Обединетите Арапски Емирати денеска го затворија својот воздушен простор.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно денеска изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Извор потврди за Си-Ен-Ен дека израелскиот напад врз Иран утрово бил координиран со САД.
Американските претставници изјавија дека очекуваат нападот врз Иран да биде „далеку пообемен“ од американските напади минатиот јуни врз иранските нуклеарни постројки.
Американските напади врз Иран се извршуваат од воздух и од море, изјави американски претставник.
Свет
Операцијата во Иран наречена „Епски гнев“
Пентагон денеска објави дека американските напади врз Иран се нарекуваат операција „Епски гнев“.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД го напаѓаат Иран и ги наведе причините за таквата одлука.
Израел, исто така, објави дека го напаѓа Иран, а израелскиот министер за одбрана Израел Кац и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, ги наведоа причините за нивниот потег.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

