Европа
Мицотакис: Европа треба заеднички да настапи против турската агресија
Однесувањето на Турција по прашањето за „Аја Софија“ е насочено против Европа, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, јавија тамошните медиуми.
Тој додаде дека однесувањето на Турција е надвор од рамките на меѓународното право.
За време на заедничките изјави со кипарскиот претседател Никос Анастасијадес во Атина, Мицотакис рече дека турските провокации, кои ги има многу, не се насочени само кон овие две држави – Грција и Кипар – туку и кон Европа.
Тој потсети дека ваквото однесување доаѓа од земја што формално е кандидат за членство во ЕУ додавајќи дека потребен е европски одговор по однос на тоа прашање.
„Турција ја потврди својата улога како локален провокатор и се заканува на стабилноста во целиот регион“, рече грчкиот премиер додавајќи дека Грција и Кипар никогаш не отфрлиле дијалог со добра волја заснован врз принципите на меѓународното право, почитувањето на човековите права и добрососедските односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Белоруските спортисти одат на Олимписките игри, Лукашенко: Победете ги противниците
Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска им порача на белоруските спортисти кои учествуваат на Олимписките игри во Париз под неутрален статус „да ги победат своите противници“.
„Ако сте избрале и одите таму под неутрален статус, истепајте ги, покажете им дека сте вистински Белоруси“, рече Лукашенко во соопштението за печатот на претседателството.
За време на посетата на регионот Могилев во Белорусија, жителите го прашале Александар Лукашенко што мисли за ова учество под неутрален статус, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на белоруското претседателство.
„Спортистот треба да избере. Доколку одлучи да учествува на Олимписките игри, ќе биде уште пожесток. Затоа што разбирате дека состојбата на умот и гневот не се од мала важност во спортот“, реагира Лукашенко. „Вие сте Белорусија и кога ќе излезете како победници, тоа е добар начин политички да ги удрите во лице“.
Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, ги искорени сите форми на опозиција во неговата земја, потиснувајќи мирно масовно движење во 2020 година. Тој е навикнат и на широки изјави и испади, како на пример кога парадираше со калашников во раката пред демонстрантите кои се противат на неговото владеење, нарекувајќи ги „стаорци“. Во февруари 2022 година, тој ја отвори Белорусија за руската армија за да може да ја нападне Украина од север.
Белорусија беше исклучена како земја од Игрите поради нејзината поддршка за руската инвазија на Украина, а нејзините спортисти се натпреваруваат под неутрален статус, без химна, знаме или национални обележја.
Европа
(Видео) Полицијата го бркаше убиецот со меч низ Лондон, објавена е снимка
Би-би-си објави снимка на која се гледа лондонската полиција која го брка напаѓачот со нож, кој денеска уби 13-годишно момче и повреди неколку други.
На снимката се слушаат полицајците како им викаат на граѓаните: „Заклучете ги вратите“.
Полицијата смета дека не се работи за терористички напад.
Полицајците уапсија маж вооружен со меч по извештаите за сериозен инцидент со прободување во североисточен Лондон.
Со електрошокер бил совладан 36-годишниот маж кој мавтал со меч.
„Со голема тага можам да потврдам дека 13-годишното момче кое беше избодено, почина во болница набргу откако му биле нанесени убодите“, изјави началникот на лондонската полиција Стјуарт Бел.
Уште две лица и двајца полицајци се во болница поради убодни рани и се надвор од животна опасност.
„Не мислиме дека постои закана за пошироката заедница, полицијата не бара други осомничени и се чини дека овој инцидент не е поврзан со тероризам“, рече Бел.
Европа
Полските земјоделци повеќе нема да ја блокираат границата со Украина
Полските фармери го откажаа протестот на последниот блокиран граничен премин со Украина, објавија Киев и Варшава, ставајќи крај на повеќемесечната криза која ги наруши билатералните односи меѓу двете земји.
Украинскиот министер за земјоделство ја поздрави „конструктивната работа“ на Полска за укинување на блокадата, наведувајќи во соопштението дека преговорите со Варшава и индустриските здруженија не биле лесни, но „главната работа е што резултатот е постигнат“.
„За среќа, сите правци на границата со Полска се деблокирани“, изјави портпаролот на украинската гранична полиција Андриј Демченко, додавајќи дека полските фармери го ослободиле пристапот до преминот Рава-Руска.
Камиони утринава почнаа да ја минуваат границата во двата правци, рече тој.
Портпаролот на полската гранична полиција Анджеј Јузвијак изјави за Ројтерс дека Украина може да се премине „непречено“ на сите премини.
Полските земјоделци и камионџии ги блокираа граничните премини со Украина од крајот на есента минатата година во знак на протест против нелојалната конкуренција.
Како главна причина тие ја наведоа пасивноста на владата кон губење на работни места поради странските конкуренти од почетокот на војната во Украина, бидејќи камионџиите од Украина беа ослободени од обврската да имаат дозвола за преминување на полската граница.