Свет
На Олимписките игри во Токио им се заканува најлошо сценарио
Ситуацијата со пандемијата на коронавирус ги одложи Олимписките игри во Токио за следната година.
Сепак, сè уште има голем прашалник за тоа што ќе се случи следното лето, бидејќи безбедноста сè уште не е на највисоко ниво.
Едно од сценаријата е натпревар без присуство на публиката.
Тоа е веројатно најлошото сценарио, полошо и од самото откажување, бидејќи такво нешто досега не се случило.
Дека постои таква можност најави и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, иако тој сака да го избегне тоа.
„Безбедноста е главната грижа на организаторите во Токио“, откри Бах, пренесува АФП.
Во многу други спортови настапите пред празните стадиони се вообичаена практика поради коронавирусот.
„Олимписките игри зад затворени врати се очигледно нешто што не го сакаме. Ние работиме на решение кое од една страна го зачувува здравјето на сите, а од друга страна го одржува олимпискиот дух”, заклучи Бах.
Сè во време кога во Токио има црвено предупредување поради ново зголемување на бројот на заразени лица во главниот град на Јапонија.
Олимписките игри во Токио се закажани од 24 јули до 9 август 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел им се закани на Ирска, Шпанија и на Норвешка: Ќе има тешки последици
Министерството за надворешни работи на Израел ги предупреди амбасадорите на Ирска, Шпанија и Норвешка дека нивното признавање на палестинската држава ќе има „тешки последици“.
„Ќе има тешки последици во односите со тие земји поради нивната одлука“, најави Џејкоб Блиштајн, генерален директор на МНР по средбата со амбасадорите.
Тие биле поканети на разговори еден ден откако нивните земји објавија дека ќе ја признаат Палестина на 28 мај.
На средбата на амбасадорите им било прикажано видео од киднапирањето на пет жени војници за време на терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври. Во видеото од околу три минути, кое што го објавија светските медиуми, млади жени седат на подот со раскрвавени лица и врзани раце во базата Нахал Оз на југот на Израел.
Се додава дека ова признавање ќе го отежне договорот за ослободување на заложниците кои се држат во Газа од 7 октомври.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, кој посети неколку земји за да добие поддршка за палестинското признавање, рече дека одлуката ќе ги зајакне напорите за постигнување решение со две држави.
Израел жестоко реагираше и веднаш ги повика своите амбасадори од тие три земји „на консултации“. Премиерот Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека заедничкото соопштение на европските земји е „награда за тероризмот“, додавајќи дека суверена палестинска држава би била „терористичка држава“.
Свет
Чешкиот претседател Петр Павел повреден додека возел мотор
Чешкиот претседател Петр Павел е повреден додека возел мотор, но повредите не се сериозни, соопштија од неговиот кабинет.
„Претседателот е повреден додека возел мотор“, објавија од кабинетот на претседателот на платформата Х (Твитер), пренесе Ројтерс.
Според кабинетот, неговите повреди не се сериозни, но тој мора кратко да биде задржан на опсервација во болница.
Регион
Колони возила со српско знаме во Белград и Косовска Митровица за поддршка на Вучиќ
Колони возила со српски знамиња крстосуваат по улиците на Белград, по усвојувањето на резолуцијата за Сребреница.
View this post on Instagram
Во центарот на северниот дел на Косовска Митровица вечерва се возеле колони возила со српски знамиња во знак на поддршка за српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата борба во Генералното собрание на ОН.
Генералното собрание на ОН денеска усвои резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и се осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.
Претставници на 84 земји гласаа за усвојување на Резолуцијата за Меѓународниот ден на сеќавање и сеќавање на геноцидот во Сребреница на пленарниот состанок на Генералното собрание на ОН.
Имаше 19 против и 68 воздржани. Против резолуцијата гласаа Русија, Унгарија, Белорусија, Кина, Коморите, Антигва, Сирија, Куба, Конго, Јужна Кореја, Доминика, Еритреја, Есватини, Гренада, Мали, Науру, Никарагва, Сао Томе и Принципе и Србија.