Македонија
Сугарески: Преку 3 милиони евра за локални патишта и улици во Прилеп и околните општини

Инвестициите во Прилеп и Прилепскиот Регион не застануваат без разлика на состојбите што беа и оние што следуваат. Само во моментов, во овој крај инвестираме преку 80 милиони евра за изградба, рехабилитација и реконструкција на патишта. За санација на улици и унапредување на локалната патна мрежа во Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Крушево, Министерството за транспорт и врски обезбеди преку 3 милиони евра“ – истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој денеска заедно со градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, изврши увид во рехабилитацијата на регионалниот пат Лагово-Штавица-Витолиште.
Проектот за рехабилитација на патниот правец Лагово-Штавица-Витолиште е во вредност од 650 илјади евра.
„Независно од здравствената криза со која се соочуваме и изборниот процес кој штотуку заврши, инвестициите во Прилепскиот регион се реализираат како никогаш досега. Денеска заедно со градоначалникот сме повторно во мариовскиот крај, каде извршивме увид во градежните работи на патниот правец Лагово-Штавица-Витолиште. На почетокот на овој месец започнавме со асфалтирање на патот, градежните работи за рехабилитација на 9 километри пат се во тек и се одвиваат со силно темпо. Проектот е од големо значење за жителите на овој крај и со него имаме за цел не само да ги подобриме условите за живот на локалното население, туку и да го заживееме Мариово и да создадеме можности за развој на туризмот, унапредување на земјоделството и економски раст. Како што ме информираа од ЈП за државни патишта, до крај на овој или во текот на следниот месец ќе се распише и тендерот за рехабилитација на патниот правец Фариш – Прилеп. Морам да напоменам дека не ја забораваме ни локалната патна мрежа и во меѓувреме работиме на реконструкција и санација на локалните патишта и улици во општините во овој регион, за што инвестираме преку 3 милиони евра“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Тој додаде дека во меѓувреме активно се работи на преку 30 проекти во комуналната инфраструктура и привршува изградбата на магистралниот гасовод Неготино-Прилеп-Битола, за што со општините се работи на изградба на секундарна гасоводна мрежа.
На крај, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, истакна дека во тек се подготовки за изградба на нова социјална зграда во Прилеп, со што ќе се овозможи пристоен дом за голем број социјално ранливи семејства.
Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, нагласи дека во интерес на граѓаните, градежните работи се одвиваат со силна динамика и очекува до крајот на оваа градежна сезона рехабилитацијата на патната делница од Прилеп до Витолиште да биде завршена.
„Овој регионален пат е од огромно значење за граѓаните и верувам дека со подобрување на условите на патот значајно ќе придонесеме за унапредување на земјоделството, сточарството и пчеларството, но и ќе создадеме услови за развој на туризмот во овој крај, кој изобилува со природни убавини“ – изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До средината на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Потоа времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.
Македонија
(Видео) Елитната полициска единица ЕБР прослави 24 години постоење

Со свечена церемонија вечерва на градскиот плоштад во Кавадарци беше одбележан 23 август – Денот на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и 24 години од формирањето на оваа елитна полициска единица при Министерството за внатрешни работи. Настанот се одржа во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, раководството на МВР, министри, пратеници, претставници на институциите и локалната самоуправа, полициските синдикати, како и семејства на загинати и починати припадници на ЕБР.
Граѓаните на Кавадарци имаа можност да се запознаат со опремата на единицата преку концептот „До вас, за вас“ и да се дружат со припадниците на полицијата.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во своето обраќање истакна дека ЕБР е симбол на сигурност и доверба, формирана врз темелите на професионализам, пожртвуваност и верност кон државата.
„Во изминатите две и пол децении, ЕБР се втемели како симбол на сигурност и брза реакција, вистински штит на државата и граѓаните. Ниту еден припадник не се двоуми да преземе одговорност и да дејствува во најризични ситуации, каде што секунда одлука може да значи спас на човечки животи“, порача министерот Тошковски.
Тој додаде дека токму оваа единица има незаменлива улога во борбата против криминалот и корупцијата.
„Разбиени се опасни криминални групи, расветлени стотици дела, запленета е дрога која ќе завршеше кај младите, спречени се илјадници обиди за нелегален влез во државата. Дојде време да покажеме дека државата е посилна од криминалот и дека институциите ја враќаат довербата кај граѓаните“, истакна Тошковски.
На свеченоста зборуваа и досегашниот командант на ЕБР, Зоран Јанаќијев, кој даде свое видување за иднината на единицата, како и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој ја поздрави иницијативата „До вас, за вас“.
Беа доделени плакети на најистакнатите припадници на ЕБР, а претходно во текот на денот беше положено свежо цвеќе пред спомен-обележјето во чест на загинатите херои на единицата.
Македонија
„Корумпираната држава ни ги украде децата“, потресни сцени на маршот во Кочани

Родителите, семејствата и пријателите на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ повторно одржаа марш во Кочани. Повторно се гледаа солзи, тишина и болка, а поворката ја следеа фотографии на загинатите кои нивните родители ги носеа во рацете.
„Корумпираната држава ни ги украде децата. Корупцијата ни го одреди местото каде да ги славиме нивните родендени – на гробиштата. Ни го украдоа сонот, ни ја скратија иднината, а болката ја претворија во наша секојдневна реалност. Бараме правда за нашите деца, бараме крај на корупцијата“, пишуваше на еден од транспарентите.
Слична порака се појави и на друг транспарент: „Моето дете умре, беше убиено од систем кој не штити, туку убива.“
Особено емотивен момент предизвика Мита Тасева, мајката на загинатиот диџеј Стефан Тасевски, чиј роденден се совпадна со маршот.
„Денес небото одекнува од твојата музика, синко наш. Слави го роденденот со ангелите“, порача таа, оставајќи длабока тишина меѓу присутните.
„Ние, родителите, скапо го плативме данокот на корупцијата“, стоеше напишано до фотографиите на младите кои повеќе не се меѓу живите.
Овој марш уште еднаш ја отвори болната тема за безбедноста, одговорноста на институциите и вечната битка на родителите – правдата за своите деца.