Регион
Додик му порача на Инцко: Ова не е ни 1918 ни 1945 година
Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, изјави дека поминаа 102 години од злосторствата што над Србите ги изврши Австро-Унгарија во Првата светска војна и 75 години од геноцидот над Србите извршен од усташкиот режим, кој бил сателит на фашистичка Германија, а Валентин Инцко сè уште се обидува да ги спроведува истите политики над Србите, овојпат без оружје, пренесува „Спутник“.
„Историјата очигледно ни се повторува како фарса кога од меѓународниот неизбран странец слушаме што е агендата, и тоа негова, чиј е нашиот имот, или за одлуките на Врховниот суд на БиХ, кој не постои“, рече Додик прашан за коментар на изјавите на Инцко во интервјуто за виенски „Стандард“.
Додик нагласи дека Инцко не пропушта можност да покаже дека тој не е во БиХ за да го надгледува спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор, што му е мандат од тој договор, туку да ја спроведува муслиманската политика завиткана во европските интеграции, што воопшто и не го крие, пренесува „Срна“.
Тој вели дека да помислел некогаш дека БиХ треба да се интегрира во ЕУ, Инцко би отстапил од тоа место и пред Советот за безбедност на ОН би рекол дека протекторатите не може да бидат дел од ЕУ и дека тој со своето заминување дава придонес во просперитетот на БиХ.
„Валентин Инцко повеќе сака да остане и за бесна плата да не работи ништо, одвреме-навреме да повика на војна за што подолго да остане тука, да дава интервјуа, да излаже нешто колку да нè потсети дека меѓународната управа е сè уште тука. А ова не е ни 1918 ни 1945 година“, заклучи Додик.
Инцко за виенски „Стандард“ изјави дека во БиХ сè уште се води војна без пушки, односно дека националистите и понатаму се обидуваат да ги унапредат своите воени цели. Тој посочи дека државниот имот сè уште не е распределен и дека Милорад Додик изјавил оти сè што се наоѓа на територијата на Република Српска ѝ припаѓа на Република Српска иако Врховниот суд одлучил поинаку.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Грција ќе забрани издавање нови дозволи за краткорочно изнајмување во центарот на Атина
Забраната за издавање нови дозволи за краткорочно изнајмување во три квартови во строгиот центар на Атина ќе остане на сила најмалку една година, објави денеска грчката влада, истовремено зголемувајќи го данокот за изнајмување на такво сместување за одмор.
Како и многу други европски туристички дестинации, Грција се бори да ја балансира профитабилната индустрија управувана од онлајн платформите како што е Airbnb со потребите на локалните жители кои се соочуваат со недостиг на станови.
Недостигот на станови и зголемените трошоци за живот ги натераа властите да објават одлука овој месец за зголемување на даноците за краткорочни изнајмувања, забрана на нови дозволи во центарот на Атина и охрабрување на сопствениците на имот да се префрлат на долгорочни изнајмувања.
Грчката министерка за туризам Олга Кефалојани денеска најави дека забраната за ново краткорочно изнајмување во Атина ќе стапи на сила од 1 јануари 2025 година.
Дневниот данок на краткорочни изнајмувања и помага на земјата да се справи со влијанието на природните катастрофи поврзани со климатските промени. Во периодот од април до октомври ќе се зголеми од 1,5 на 8 евра, изјави министерот за финансии. Во зимските месеци данокот ќе се зголеми од 0,5 на 2 евра.
Министерот Кефалојани рече дека Грција годинава од туризмот очекува приход од 22 милијарди евра, што е уште еден рекорд. Таа во борбата против масовниот туризам најави уште една мерка – такса во висина од 20 евра за посетителите од бродовите за крстарење кои во екот на летната сезона ги посетуваат островите Санторини и Миконос, а ќе стапи на сила следната година.
Регион
Земјотрес го погоди Сараево
Послаб земјотрес го потресе Сараево изутрината.
Како што соопшти Федералниот хидрометеоролошки завод во Сараево, во Центарот за сеизмологија е регистриран во 8.04 часот слаб земјотрес во областа на главниот град на Босна и Херцеговина.
Магнитудата на земјотресот била 2,2 степена според Рихтеровата скала, а интензитетот во епицентарот бил III степен според Меркалиевата скала.
Многубројни жители на Сараево пријавиле тресење на земјата на услугата EMSC.
„Кратко, но силно“, „Кратко, татнеж“, „Само мал трепет и силен звук“, „Кратко, но жестоко“, изјавија тие во своите коментари.
Регион
Ердоган ги спореди израелските напади во Газа со геноцидот во Сребреница
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска по разговорот со претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ изјави дека Израел ќе одговара за злосторствата во Газа, споредувајќи ги со геноцидот во Сребреница.
„За жал, денес во Газа и на окупираните палестински територии сме сведоци на сличен масакр што беше извршен пред очите на целиот свет во Босна и Херцеговина во 1990-тите“, рече Ердоган, кој денеска го прими Беќировиќ во Истанбул.
Тој додаде дека Израел ќе биде кривично гонет за убиствата на повеќе од 41.000 Палестинци во Газа, вклучително и турскиот активист Ајсенур Езги Ејги, кој беше убиен на Западниот Брег минатата недела.
„Сторителите на геноцидот во Газа, како оние во Сребреница во 1995 година, ќе одговараат пред меѓународните судови“, рече Ердоган.
Тој потсети дека Турција ја спонзорирала Резолуцијата на ОН за осуда на геноцидот во Сребреница и дека таа земја се залага за стабилноста на Босна и Херцеговина. Тој ги повика властите во БиХ да се приклучат во борбата против движењето ФЕТО, сметајќи дека таа организација е терористичка.
Фето е движење на Фетулах Ѓулен, поранешен сојузник, а сега противник на претседателот Ердоган, кого го смета за виновен за обидот за воен удар во јули 2016 година. Беќировиќ рече дека пријателството меѓу Босна и Херцеговина и Турција е нераскинливо.
„Република Турција е докажан пријател на Босна и Херцеговина и една од најсилните членки на НАТО алијансата и затоа, меѓу другото, нејзината поддршка за Босна и Херцеговина е исклучително важна“, нагласи Беќировиќ.