Свет
Бомбаш самоубиец со камион влета во воен конвој и уби осум војници во Авганистан

Бомбаш самоубиец со камион се залета во воен конвој и уби најмалку осум авганистански војници, соопшти Министерството за одбрана. Уште девет војници се повредени во нападот во провинцијата Мајдан Вардак.
Никој сè уште не ја презеде одговорноста за нападот, но Талибанците и припадниците на локалната Исламска држава веќе рутински ги напаѓаат авганистанските безбедносни сили како ова, пишува АП.
Талибанците ги интензивираа нападите низ Авганистан и покрај потпишувањето на мировниот договор со САД во февруари.Договорот беше потпишан со цел да се отвори патот за разговори меѓу бунтовниците и авганистанската влада, што ќе создаде услови за ставање крај на децениската војна. Разговорите требаше да започнат овој месец, но процесот беше запрен поради бавното спроведување на договорот за ослободување на затворениците.
Со мировниот договор авганистанската влада се обврза да ослободи 5.000 заробени Талибанци во замена за Талибанците да ослободат 1.000 заробени членови на владата.
Досега, владата ослободи повеќе од 4.200, а Талибанците околу 800 заробеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Украина и Европа подготвуваат мировен план од 12 точки за крај на војната

Европските земји во соработка со Украина изработуваат предлог од 12 точки за запирање на војната, кој би се темелел на задржување на постојните линии на фронтот, објави „Блумберг“.
Според изворите на агенцијата, планот предвидува прекин на огнот, враќање на украинските деца депортирани во Русија, размена на заробеници, гаранции за безбедност и финансиска помош за обнова на Украина, како и забрзан пат кон членство во Европската унија.
Спроведувањето на договорот би го надгледувал мировен одбор под раководство на американскиот претседател Доналд Трамп. Санкциите кон Москва би се укинале постепено, а околу 300 милијарди евра замрзнати руски средства би ѝ биле вратени дури по прифаќањето на руската финансиска помош за реконструкцијата на Украина.
Планот засега не е финализиран и може да претрпи измени. Европски претставници оваа недела ќе отпатуваат во Вашингтон за разговори, а целта е со договорот да се отвори пат за почеток на мировни преговори меѓу Киев и Москва, наведува Блумберг.
Регион
Хрватска урива стотина дивоградби покрај брегот

Во наредните три недели на плажата Зрќе во Новалија ќе бидат урнати 124 бесправно изградени објекти, соопшти Државниот инспекторат на Хрватска, пренесе „Јутарњи“. Од нив, 119 се наоѓаат во камп, а пет се угостителски објекти изградени без дозвола надвор од градежната зона.
Инспекторатот соопшти дека отстранувањето ќе се врши на трошок на сопствениците и е проценето на околу 720 илјади евра. Акции за уривање на нелегални градби ќе има и во други делови oд Хрватска.
Од 2019 година досега во таа земја се отстранети повеќе од 2300 нелегални градби, спроведени се повеќе од 42 илјади инспекциски надзори, поднесени се 334 кривични пријави, а изречените парични казни достигнуваат 16,5 милиони евра, соопшти Инспекторатот.
Свет
„Дојче веле“: Хамас и ИСИС добиваат пари од Германија

Терористички организации како Хамас и Исламска држава добиваат финансиска поддршка од Германија преку донации собрани на социјалните мрежи, објави Дојче веле. Според истражувањето, повици за „давање богатство за џихад“ кружат на интернет, а од германски следбеници се бараат пари за оружје.
Главна фигура во мрежата на финансирање, според германските истражители, е жена од Минхен, Елиф О., која како тинејџерка заминала во Сирија и наводно сега ги координира донациите за жените-припаднички на ИСИС. Судовите веќе осудиле неколку нејзини помагачи кои собрале околу 40 000 евра.
Поради правни ограничувања, тешко е да се докаже дека конкретна донација директно финансирала терористички чин. Затоа германското министерство за правда подготвува закон со кој би се казнувал и обид за финансирање тероризам.
Според експертот за тероризам Ханс-Јакоб Шиндлер, Германија треба да го следи американскиот модел каде секоја донација кон организација од листата се смета за финансирање тероризам и се казнува со најмалку десет години затвор.
Истражувањето наведува и пример со австрискиот активист Мустафа А. од Линц, кој преку својот Телеграм-канал „Gaza Now“ собирал крипто-донации во милионски износи, дел од кои, според американската компанија Chainalysis, завршиле кај Хамас. Тој е во притвор, а САД и Британија го ставиле на своите санкциски листи уште во март 2024 година.