Македонија
Извршниот комитет го овласти Мицкоски да преговара за составување влада

ВМРО-ДПМНЕ ја одржа својата редовна седница на Извршниот комитет прва по одржувањето на предвремените парламентарни избори. На седницата се дискутираше за актуелната општествено политичка состојба и последните избори кои се реализираа.
Извршниот комитет заклучи дека изборите се одржаа во недемократска атмосфера со масовен поткуп на гласови спроведен од актуелната власт на СДСМ.Воедно ВМРО-ДПМНЕ забележува и на бројните недостатоци на денот на изборите срочени во приговорите до Државната изборна комисија кои беа одбиени, а кои ќе се преточат во тужбено барање до Управниот суд, соопшти партијата.
„Во едни вакви околности ВМРО-ДПМНЕ ја доби довербата од народот во најголем број општини, и воедно издејствува поголем број мандати споредено со партијата СДСМ без коалицијата со Беса.
Воедно Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ даде насока да се изготви темелна анализа за резултатите од изборите за која подоцна ќе се дискутира на органите и телата на партијата.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го овласти претседателот Христијан Мицкоски да продолжи со разговори во обидот за составување ново парламентарно мнозинство.ВМРО-ДПМНЕ смета дека загрижува економската криза во државата која секој ден е сè полоша и за која треба активни мерки за истата да се надмине“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Големиот пожар кај струшко Октиси ставен под контрола

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, се присутни на терен кај селото Октиси, каде што беше активен голем пожар.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека пожарот, иако имал големи размери, е ставен под контрола, но на одредени места сè уште има чадења кои се внимателно следени од екипите на терен.
Во гаснењето дејствува и авион „Ер трактор“ од ДЗС, кој интервенира од воздух, како и шестмина пожарникари и едно противпожарно возило од ТППЕ – Струга, 10 лица од Јавното претпријатие „Македонски шуми“, две возила „Пинцгауер“ од ДЗС и локални жители.
„Благодарение на навремената интервенција, координацијата на сите служби и несебичната помош на локалното население, спречено е ширење на пожарот кон населени места“, велат од ЦУК.
Македонија
Поради пожар, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила на граничните премини.
На ГП Табановце, времето на чекање за влез и излез од државата изнесува околу 15-30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре и за време на викендот сончево време

Времето утре ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени, информира УХМР.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево време со умерена облачност. Во попладневните часови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Во првите два дена од новата седмица времето ќе биде променливо облачно, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за локално невреме со засилен ветер и изолирана појава на град.