Топ
Се истражува тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп – Битола, во која загина 36-годишна жена
На патот Прилеп – Битола, вчера, во попладневните часови, се случи сообраќајна несреќа, во која едно лице го загуби животот, а едно е потешко повредено.
Како што информираат од прилепското Основоно јавно обвинителство, според првичните сознанија, во несреќата учествувале три возила – „фиат дукато“ со прилепска регистрација, „ауди А8“ со бугарска регистрација и „фиат добло“ со прилепски ознаки.
Во незгодата животот го загубила сопатничка во возилото „фиат добло“, на возраст од 36 години. Сопатникот во автомобилот „ауди А8“, на возраст од 19 години, најпрвин бил хоспитализиран на одделението за интензивна нега во болницата во Битола, а потоа, поради сериозноста на повредите, бил префрлен на Клиничкиот центар во Скопје.
Веднаш по извршениот увид јавен обвинител издал наредби за обезбедување докази за утврдување на причините за несреќата, како и наредба за обдукција врз телото на починатата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Влен“: ДУИ како во холивудско сценарио оркестрирала сензационално враќање на Груевски
Јавноста деновиве дозна шокантни детали за тоа како ДУИ, како во холивудско филмско сценарио го оркестрирала сензационалното враќање на поранешниот премиер Никола Груевски во Скопје, велат од коалицијата „Влен“.
Од тука oбвинија дека во операцијата за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски во Северна Македонија, вмешани биле група шверцери предводени од претседателот на партијата Али Ахмети, поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој додека бил министер се сретнал со Груевски во Будимпешта.
„Во Вила Водно имаше средба за враќање на Груевски. На оваа средба што се одржа во март учествуваа Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Бојан Маричиќ, Артан Груби, Бујар Османи. Али, кој има толкава носталгија за Никола Груевски кој толку многу им нанел зло на Албанците, нагласи дека овој може да се врати на два начина, преку помилување од претседателот и преку „нашите луѓе„ во судовите. Сепак, ова беше најпозитивниот дел од средбата, кој го сними вработен во администрацијата. Колку што траеше средбата, тој успеа да го сними телефонскиот разговор од кабината на преведувачот, а на крајот истата снимка му ја предаде на Блерим Ќосето Беџети. Ахмети и ДУИ, за да го спроведат својот план за ослободување на Груевски, вршеа силен притисок врз Врховниот суд, но тука наидоа на неволност на претседателката на овој суд, Беса Адеми, против која подоцна беше покрената иницијатива за разрешување како резултат на неслушање на наредбите. Потсетуваме на јавноста дека тогаш холандскиот амбасадор го посетил Али Груевски во Мала Речица каде го предупредил дека тој и неговата партија треба да се откажат од судовите и да престанат со притисоците“, велат од „Влен“.
Додаваат и дека измените во кривичниот законик што ги спроведе ДУИ биле донесени за да се активира од Будимпешта.
Македонија
(Видео) Ветрот направи повеќе штети во Битола: Откорнати се покриви од згради, куќи, паднаа и бандери
Делови од Македонија во последното деноноќие беа зафатени со невреме проследено со силен ветер, што причини штети во неколку региони од државата, најмногу во Битола и Штип.
Според информациите од регионалниот Центар за управување со кризи во Битола, пожарникарите интервенирале на повеќе локации.
Меѓу штетите се паднат кров на две згради на улицата Нико Фундали, каде има настаната штета и на неколку возила.
Кровот се откорнал и од зградата кај печатницата Киро Дандаро, како и од зграда на улицата Хераклеа. Надлежните соопштија дека без дел од кровната конструкција останаа и две куќи на улиците Јанко Палигора и Партизанска.
Ветрот со јачина од 60 километри на час откорна и дрвја, билборди, а на земи завршија и голем број бандери во градот и жици кои предизвикале искрење.
Во Штип, според информациите имало повеќе паднати дрвја, како и откорнати делови од покриви на повеќе локации во градот и околината. Оштетени се електрични столбови, кровни конструкции на објекти, фасада од станбена зграда, олуци и автомобили. Појава на паднати дрвја како последица од вчерашниот силен ветер имаше и во селата Облешево и Истибања.
Прочитај повеќе: Силниот ветер предизвика штети во Штип: оштетен покрив на училиште, паднати дрвја на повеќе локации
Ветрот направи проблеми и Охрид, Виница, Тетово. Интервенирано е поради откачен лимен кров, паднато дрво и бандера.
УХМР најави дека и денес ќе дува умерен, долж Повардарието засилен ветер од северен правец над 70 километри на час. Засилен ветер особено долж Повардарието ќе има до крајот на денот.
Топ
Автомобил излета од патот кај Битола, возачот тешко повреден
Автомобил управуван од 68-годишен маж од Битола излета од патот Ресен-Битола.
Од МВР информираа дека несреќата се случила вчера во 17.50 часот, а возачот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Извршен бил увид.