Македонија
ИЈЗ: Помал број новозаразени на неделно ниво, најмногу новозаболени помеѓу 40-49 години
Министерството за здравство информира дека Институтот за јавно здравје денес го објави неделниот извештај за периодот од 13 до 19 јули 2020 година, кој покажува намалување на бројот на новозаболени и оздравени лица, а зголемување на бројот на починати лица во однос на претходната недела.
Во дадениот период направени се вкупно 8.161 тестирања (1.834 помалку од периодот 6-12 јули, што се должи и на еден дополнителен неработен ден) и регистрирани се 1.038 позитивни случаи на Ковид-19, што е 35 случаи помалку од претходната недела.
Новозаболени се регистрирани во 26 града, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (39,9 %) и во Штип (14,4 %). Во 17 града во земјата за истиот период бројот на новопотврдени случаи е под 20.
Во овој период се забележува промена на старосната структура на новозаболените во однос на претходните недели, при што најголем процент се лица помеѓу 40-49 години (21,1 %), потоа лица над 60 години (20,6 %), поголем број новозаболени се регистрира кај лица помеѓу 30-39 (20,4 %) и кај лица од 50 до 59 години процентот е 19,7. Најмал број новозаболени има кај децата, и тоа 0-9 години – 2,2 %, и од 10 до 19 години – 3,5 % од вкупниот број новозаболени.
Од случаите што се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 88 лица или 9,5 % од новозаболените, што претставува намалување од 2 % во однос на претходната недела на известување, а кај 275 лица или кај 29,5 % регистрирано е присуство на коморбидитети, што е 2 % повеќе од претходната недела.
Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени, 38,6 % имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 12 лица (10 помалку од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.
Во периодот 13-19 јули регистрирани се 545 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 472 лица помалку од претходната недела на известување (6-12 јули). Пред ова намалување од 40 % на неделниот број на оздравени лица, три недели бројот на оздравени лица бележеше раст од речиси 40 % на неделно ниво.
Во периодот 13 до 19 јули регистрирани се 44 смртни случаи, што е 8 повеќе смртни случаи од претходниот период. Повеќето од случаите се лица над 60 години – 81,8 %. 41 од случаите се починати во болнички услови, а 3 надвор од болница. Кај 35 од смртните случаи (79,5 %) регистрирани се претходни коморбидитети.
На 19 јули 2020 година, според извештаите од болниците КИБФС, ГОБ „8 Септември“, ИБЗД „Козле“, клиничките болници во Битола и Штип, општите болници во Прилеп, Куманово, Велес и во Гостивар, хоспитализирани се 392 лица позитивни на Ковид-19, од кои 102 се на кислородна поддршка, а 5 на механичка вентилација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Магла кај Ресен и Удово, видливоста е намалена
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла до 50 метри има кај Ресен и Удово, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Скопје утрово пак е покриено со магла, денес променливо облачно време со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 2, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
До вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.

