Регион
Српскиот премиер Вучиќ нема да учествува на форумот во Дубровник
Српскиот премиер Александар Вучиќ нема да учествува на форумот кој во четврток започнува во Дубровник, а е посветен на соработка на земјите од регионите на Јадранот, Балтикот и Црното море (БАБС), пренесуваат српските медиуми.
Вучиќ уште во понеделникот изјавил дека најверојатно нема да оди на овој меѓународен собир, но тогаш додаде дека се уште нема донесено конечна одлука. „Се уште не донесов конечна одлука, само поради тоа што не гледам што суштествено би можеле да направиме, но секогаш сум подготвен за разговор“, рече Вучиќ во понеделникот.
И хрватскиот премиер во заминување Тихомир Орешковиќ во вторникот не можеше да го потврди учеството на Вучиќ на форумот, додавајќи дека форматот на овие средби бил променет така што на почетокот било предвидено тој да биде одржан на ниво на премиери, но потоа било одлучено да биде на министерско ниво. Форумот доаѓа во период кога односите помеѓу Хрватска и Србија се затегнати, откако двете страни почнаа да си префрлуваат поради теми поврзани со Втората светска војна.
Главната цел на форумот, пак, е засилувањето на соработката на 12-те земји од иницијативата Јадран-Балтик-Црно море, и во четврток и петок на собирот ќе присуствуваат претседателите и министрите на земјите од овие земји. Поранешниот „Кроација Самит“, а сега „Дубровник Форум“, кој оваа година се одржува под мотото „Посилна Европа – спојување на северот и југот“, ќе започне во четврток со обраќањето на хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ и нејзиниот полски колеги Анджеј Дуда. Говорниците ќе ја истакнат важноста на соработката и развојот на рамките за идните проекти, пред се во областите на енергетиката, транспортот и телекомуникациите./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

