Свет
СЗО најави борба против дезинформациите за коронавирусот

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека ќе собере научници и експерти од повеќе области за борба против дезинформациите, релативно нова закана за јавното здравство.
Математичари, информатичари, социолози, психолози, експерти за здравство и комуникација ќе бидат дел од проектот, објави СЗО, без да даде повеќе детали.
Соработката ќе се фокусира на нова област на истражување што СЗО ја нарекува „инфодемиологија“.
Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, предупреди на почетокот на пандемијата на „инфодемија“, наплив на информации, дезинформации и вознемирувачки теории на заговор.
„Инфодемиологијата проучува како најдобро да се справиме со оваа закана. Без разлика дали се точни или неточни, прекумерното количество информации може да има негативно влијание врз здравјето на луѓето, да го зголеми стресот и да ги поттикне да прифатат потенцијално опасен совет“, наведуваат од СЗО.
„Како никогаш до сега стана јасно дека комуникацијата е важна интервенција во јавното здравство што придонесува за контрола на пандемијата, заедно со епидемиологијата, вирологијата и клиничката пракса“, велат од СЗО.
Организацијата предупреди дека нејасните и погрешни информации може да ја загрозат довербата во здравствените власти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Фото) Драматични сцени од Газа, Палестинците по враќањето: „Тие уништија сè“

Илјадници жители на Газа почнаа да се враќаат од јужните делови на енклавата кон север и градот Газа, неколку недели откако беа протерани од израелската офанзива што го претвори поголемиот дел од градот во урнатини.
Бројни видеа и снимки покажуваат луѓе како одат на север по тесни, оштетени крајбрежни патишта, покрај урнати облакодери и урнати згради во најголемиот град во Појасот Газа. Многумина пешачеле повеќе од 20 километри, носејќи го она што им останало од работите на грб. Оние кои можеле да си дозволат да платат, изнајмиле магариња, коли или мали камиони по високи цени за да го олеснат патувањето.
„Некои од нас мавтаат со палестински знамиња и покажуваат знаци на победа, но преовладува исцрпеност. Многумина се слаби и неухранети по месеци раселување, глад и страв“, рече наставникот Алаа Салех, кој избегал од градот Газа со своето семејство во Кан Јунис. „Патувањето е долго и тешко, нема храна ни вода“, додаде Алаа Салех, пренесува Би-би-си.
Враќањето е мотивирано од очај, а не од верувањето дека е безбедно. Многумина веќе слушнале дека нивните домови се уништени или станале неупотребливи. Се проценува дека 700.000 луѓе од градот Газа и северот се раселени поради израелската офанзива, која вклучуваше интензивни воздушни напади и копнени упади. Израелските сили го опишаа градот Газа како „последно упориште“ на Хамас.
По повлекувањето на силите во согласност со договорот за прекин на огнот и размена на заложници, жителите на северните и западните населби на градот Газа наидоа на невиден пустош. Во областите Шеик Радван, Карама и Бич Камп, цели станбени блокови се срамнети со земја, стотици домови се уништени, а основната инфраструктура е практично збришана.
Десетици видеа на социјалните медиуми покажуваат како локалното население шета низ урнатините и снима што останало од нивните населби. „Ова е последната зона до која можеме да стигнеме. Армијата е сè уште блиску. Погледнете го обемот на уништувањето, тие уништија сè“, вели еден човек во видео што циркулира на интернет.
Додека некои го документираат уништувањето, други им помагаат на тимовите за цивилна заштита на Хамас да ги извлечат телата од подруми и купишта урнатини. „Во петок наутро извлековме осум тела од северна Газа“, изјави портпаролот Махмуд Басал за Би-би-си, додавајќи дека спасувачките екипи сè уште ги пребаруваат остатоците од градот „со многу ограничени ресурси“.
фото: принтскрин
Европа
Макрон не сака да назначи левичарски премиер: „Сето ова ќе заврши многу лошо“

Кризниот состанок со политичките сили организиран од францускиот претседател Емануел Макрон не донесе никаков напредок по левицата, оставајќи ја земјата во подлабока криза пред очекуваното назначување на нов премиер.
„Заминуваме без никаков одговор на ништо, освен ако следниот премиер кој треба да биде назначен во наредните часови не е од нашиот политички табор (левицата)“, изјави лидерката на Зелените, Марин Тонделиер, по состанокот што траеше речиси два и пол часа.
„Сето ова ќе заврши многу лошо“, додаде таа, предвидувајќи евентуално распуштање на парламентот. Нема „јасен одговор“ од шефот на државата, рече Оливие Форе, лидерот на социјалистите, кој побара назначување на премиер од нивните редови.
Макрон вети во среда дека ќе именува премиер до петок навечер откако Себастијан Лекорну поднесе оставка во понеделник.
фото: принтскрин
Свет
Висок функционер на Хамас: Трамп е одговорен за прекинот на огнот, го притисна Нетанјаху

Во интервју за Скај њуз, високиот функционер на Хамас, Басем Наим, му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за неговата улога во посредувањето за мировен договор меѓу Хамас и Израел во Газа.
Наим рече дека прекинот на огнот „не би бил можен без Трамп“, истакнувајќи дека тој лично вршел притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тој додаде дека Хамас сега очекува американскиот претседател да продолжи да го врши тој притисок за да се осигури дека договорот ќе се спроведе.
„Без личното вклучување на претседателот Трамп во ова прашање, не мислам дека ќе имаше крај на војната. Затоа му се заблагодаруваме на претседателот Трамп за неговите лични напори и неговиот притисок врз Нетанјаху да го прекине овој масакр“, рече Наим.
„Се надеваме дека претседателот Трамп ќе продолжи лично да интервенира и да врши максимален притисок врз Нетанјаху да ги исполни своите обврски – прво, според постигнатиот договор, и второ, според меѓународното право како окупаторска сила. Без тоа, ова нема да се случи“, додаде тој.
Тој, исто така, предупреди за изјавите на Нетанјаху во медиумите во кои израелскиот премиер се заканува со враќање во војна „доколку едното или другото не се исполни“.
Наим нагласи дека Хамас не ја исклучува можноста за повлекување од формалното управување со Газа по војната, но дека ќе остане „на терен“. Во исто време, тој јасно стави до знаење дека поранешниот британски премиер Тони Блер „нема да биде добредојден“ во никаква повоена улога за Газа.
фото: принтскрин