Регион
Тачи: Побезбедно е да се шетате во Приштина, отколку во Белград
Косовскиот премиер Хашим Тачи во петокот изјавил дека „српската заедница на Косово е безбедна“, и дека статистички гледано, „побезбедно е да се шетате во Приштина, отколку во Белград“.
„Мораме да се погрижиме да ги примениме резултатите од дијалогот за да ја нормализираме ситуацијата“, изјавил Тачи во интервју за белградскиот весник Danas.
„Ќе работиме заедно да воспоставиме доверба во нашата држава, меѓутоа не требаме да заборавме дека Косово беше соочено со закана од геноцид, пред сами 15 години“, додал Тачи, одговарајќи на прашање околу тоа како неговата влада, во случај тој повторно да биде избран за премиер, би работела на унапредување на безбедноста на српската заедница и враќањето на Србите.
На прашањето дали мисли дека со својата изјава за „Паркот на мирот“, кој е изграден на ибарскиот мост во Митровица и кој според Тачи бил „срамен чин на поставување на нова барикада“, придонел за подоцнежните немири кои се појавија во овој град, уште еднаш повторил дека „подигнувањето на новите барикади на мостот се срамен чин“.
„Тоа нема да го прифати Европската унија, тоа нема да го прифатат сите граѓани на Митровица – ни на југот, ни на северот – бидејќи на луѓето им е доста од поделби, тие сакаат добра економија и соработка. Очекувам овие барикади, и покрај тоа што се нарекувани „паркови на мирот“, да бидат отстранети за да можат луѓето слободно да се движат“, рекол Тачи.
Тој апелирал до лидерите на општинските заедници да мислат на тоа како да ги решат своите локални проблеми, „а не да ги зголемуваат проблемите“.
„Ние мораме да бидеме цврсти. Никакви паркови, спортски терени или градини не може да бидат поставени насред патишта или мостови, без разлика дали се работи за Приштина, Белград, Њујорк или Митровица. Тој таканаречен парк претставува исмевање на мировните напори. Но ние не смееме да подлегнеме на провокациите на оние кои се обидуваат да ја одложат примената на Бриселскиот договор“, рекол тој, додавајќи дека уште поважно е сите да се фокусираат на воспоставување на косовскиот суд на север и да се овозможи целосна интеграција на тој дел во косовскиот судски систем./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

