Свет
(Видео) Шефот на СЗО ги отфрли тврдењата на Мајк Помпео дека е купен од Кина
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) изјави дека коментарите на државниот секретар на САД, Мајк Помпео, со кои тој ја оспорува неговата независност се невистинити и нема да го одвлечат вниманието на организацијата од справувањето со пандемијата на коронавирусот.
„Коментарите се невистинити и неприфатливи и без никаква основа. Нашиот единствен фокус – и фокусот на целата организација – е на спасување животи и во СЗО нема да бидат потресени од овие коментари. Не сакаме да биде одвлечено вниманието од меѓународната заедница“, изјави Тедрос Адханом Гебрејезус на брифинг во врска со тврдењата на Помпео.
Помпео ги изнесе овиненијата на состанок во вторникот со двопартиската група британски законодавци посочувајќи дека ниту Тедрос ниту СЗО не сторила нешто друго, освен што постапила во интерес на Кина откако вирусот првпат бил откриен во јужниот кинески град Вухан минатиот ноември. Тој соопшти дека САД имаат цврста разузнавачка основа за тврдењето дека Кина го купила Тедрос, пренесува „Тајмс“.
Според „Телеграф“, пак, Помпео го споредил СЗО со Советот за човекови права на ОН обвинувајќи го глобалистичкото тело дека ја избрало политиката пред науката.
Ова е вторпат за помалку од еден месец Тедрос да излезе во јавноста за да побара поддршка и крај на критиките за неговото постапување со пандемијата. На 10 јули видно потресениот Тедрос ги избриша солзите од очите обвинувајќи за недостиг од лидерство и солидарност за време на кризата предизвикана од коронавирусот барајќи светските лидери да се обединат и да ја поддржат неговата организација.
„Зошто им е тешко за луѓето да се обединат и да се борат против заедничкиот непријател, кој неселективно убива луѓе? Дали сме во состојба да го разликуваме или идентификуваме заедничкиот непријател? Не можеме ли да разбереме дека поделбите и јазовите меѓу нас се предност за вирусот?“, запраша тогаш челникот на СЗО.
Тим на СЗО во моментот е во Кина организирајќи мисија да го испита потеклото на вирусот, кој првпат го привлече вниманието на јавноста на пазарот за храна во централниот град Вухан кон крајот на минатата година.
Истражувачкиот тим го предводи поранешната премиерка на Нов Зеланд, Хелен Кларк. Левичарката Кларк претходно тврдеше дека СЗО била оставена на цедило поради недостигот од поддршка од Советот за безбедност на ОН и Г20.
„Неговата токсична геополитика го спречува да прави нешто корисно“, рече Кларк за моќниот Совет за безбедност во мај.
Дури и пред да слушне каков и да е доказ како дел од истрагата, Кларк истакна дека е бранител на СЗО затоа што, во околностите, организацијата ја завршила најдобрата работа што може. Вашингтон официјално почна постапка за повлекување од СЗО на 8 јули откако го најави тоа во мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

