Свет
Европската комисија предлага закон против детска порнографија
Европската комисија објави дека ќе предложи закон со кој ќе се обврзат мрежните платформи да детектираат и пријавуваат споделување на детска порнографија и формирање на Европски центар за превенција и сузбивање на сексуална злоупотреба на деца.
„Злоупотребата на деца и сексуалната злоупотреба преку интернет се застрашувачки кривични дела. Пандемијата на коронавирус го влоши проблемот. Денес можам да соопштам дека ќе предложиме закон коj oд мрежните платформи ќе налага откривање и извештај за споделување на оваа нелегална содржина. Ќе размислиме и за формирање на нов Европски центар за спречување и сузбивање на сексуална злоупотреба на деца со цел да се одржи Европа во првите редови на борбата против злоупотребата“, рече комесарот за внатрешни работи, Илва Јохансон.
Комесарот Јохансон и Маргаритис Шинас, потпретседател на Комисијата за унапредување на европскиот начин на живот, во петокот претставија три нови иницијативи за спроведување на стратегијата на Унијата за безбедност: стратегија на ЕУ за поефикасна борба против сексуалната злоупотреба на децата, нова агенда и акциски план на ЕУ за борба против дроги и акционен план на Унијата за контрола на трговијата со огнено оружје.
Јохансон предупреди за „експоненцијален раст“ на содржината со детска порнографија.
Две третини од оваа содржина доаѓаат од ЕУ, претежно од Холандија. Минатата година беа пријавени 725 илјади фотографии или видеа, додека во 2018 година се снимени 23 илјади.
„Во моментов, известувањето за ваква содржина е прашање на добра волја на оние кои се среќаваат со тоа, а следната година Комисијата ќе предложи закон со кој ќе се присилат дигиталните платформи и социјалните мрежи да откриваат, да известуваат и да ја отстранат таа содржина“, рече Јохансон.
Комисијата проценува дека едно од пет деца во Европа е жртва на некаква форма на сексуално насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.