Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска, ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата, која во следниот период имаме намера дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честита за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот што е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека се гордее на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоив повеќе од 80.000 гласа. Регистриравме субјект што постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблира на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади члена, а да освоите над 80.000 гласа. Искрено, се гордеам на секој глас што дојде како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Им порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој има 100.000 гласа помалку од Гордана Силјановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстанат централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете нѐ да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата, без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За Велигден претежно сончево и потопло време
Во недела и понеделник времето во земјава за најголемиот хртистикански празник Велигден ќе биде претежно сончево и потопло, соопшти Управата за хидро – метеоролошки работи.
Во вторник локално ќе има изолирана појава на пороен дожд и ретки грмежи. Под влијание на нов влажен бран во среда и четврток на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме.
Утре времето ќе биде променливо облачно, наместа со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Утринската температурата ќе се движи од 1 до 11 степени Целзиусови, а максималната дневна од 9 до 21 степени. Во Скопје слично време со температура до 19 степени.
Македонија
Посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи информира дека денеска поради одржување на манифестација по повод годишнината од смртта на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје по потреба ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, односно по потреба за сообраќај ќе биде затворена ул.„Самоилова“ на потегот од ул.„Иљо Војвода“ (виадукт Самоилова) до крстосницата со ул.„Прохор Пчински“.
Исто така попладне поради одбележување на верскиот празник Велигден ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром по повод верскиот празник Велигден.
– Во периодот од 18 часот до завршување на манифестацијата по повод верскиот празник Воскресение Христово Велигден, во центарот на градот по потреба за сообраќај ќе бидат затворени: 1. Бул.„Партизански одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”. 2. Бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски”. 3. На возилата од јавниот градски превоз, кои поминуваат преку мостот „Гоце Делчев”, по потреба ќе им се менува трасата на движење, при што ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите кои што поминуваат преку Центар ќе се движат по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов”, по што преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, се наведува во соопштението.
Во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров, по потреба, за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосницата со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром, по потреба, за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с.Лисиче. Исто така, по потреба за сообраќај ќе бидат затворани и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.
-Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните, наведуваат од МВР.
Сервисни информации
Променливо облачно, наместа со повремени врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно, наместа со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 11, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне 19 степени.
Во недела и понеделник времето ќе биде претежно сончево и потопло. Во вторник локално ќе има изолирана појава на пороен дожд и ретки грмежи. Под влијание на нов влажен бран во среда и четврток на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме.