Македонија
(Видео) Коалицијата „Алијанса за Албанците и Алтернатива“: Да ја вратиме демократијата кај Албанците
Коалицијата „Алијанса за Албанците и Алтернатива“ вечерва на протестен марш испратија порака дека изборите на 15 јули биле најнедемократски досега. Според нив, овие избори оставиле дамка на демократијата и предизвикале обесхрабрување кај албанските граѓани да учествуваат на изборите кога веќе се знаел резултатот.
„Да ја вратиме демократијата кај Албанците“, порачаа учесниците на протестниот марш, кој го предводеа лидерите на двете партии, Зијадин Села и Африм Гаши.
Marshi për Demokraci
Posted by Ziadin Sela on Monday, July 27, 2020
Маршот почна од Чаир, а заврши пред Канцеларијата на делегацијата на Европската Унија во Скопје.
„Ние судиме дека изборите кои штотуку завршија докажаа уште еднаш дека демократијата кај Албанците е безначајна идеја затоа што зборот избори во албанскиот политички камп стана еквивалентен на зборот кражба. Манипулацијата со волјата на албанските гласачи, што веќе се случува на неколку изборни циклуси и која беше брутално истакната, особено на последните избори, е аларм за нас дека ако не реагираме денес, утре може да биде предоцна“, велат од коалицијата.
Двете партии соопштија дека за нив ДУИ не е победник на изборите, туку е арамија на албанската политичка волја.
„За нас, Демократската унија за интеграција не е победник на овие избори, туку е арамија на албанската политичка волја и следствено на тоа може да ја има легалноста според Државната изборна комисија, но никогаш нема да има легитимност за застапување на албанскиот народ во Северна Македонија“, порачаа организаторите на маршот.
Коалицијата „Алијанса за Албанците и Алтернатива“ побара од земјите на Европската Унија да се осуди злоупотребата на правото на глас и да не се признае легитимноста на ДУИ како претставник на Албанците во Северна Македонија и со помош на ЕУ да се почне процесот на радикална реформа на Изборниот законик, така што, како што велат, идните избори да станат пример дека нашата земја ги исполнува европските стандарди за фер и демократски избори.
„Нашата борба за демократија ќе продолжи и нема да запре сè додека не се постигне целосна демократија во албанскиот политички камп. Веќе имаме 12 пратеници, кои, без оглед дали ќе бидат дел од мнозинството или не, ќе бидат гласот на Албанците за демократија и нема да дозволиме ништо друго да ја замени демократијата во нашата земја. Ако сме земја која има цел европска интеграција, слободата и демократијата треба да бидат клучен збор за оваа интеграција“, велат од партиите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

