Македонија
Светски ден на хепатитис – во Македонија 141 заболен од оваа болест
Светскиот ден на хепатитис се одбележува секоја година на 28 јули со цел подигнување на свесноста за глобалното значење на вирусниот хепатитис, заштитата и влијанието врз здравствената состојба.
Вирусен хепатитис претставува воспаление на црниот дроб што доведува до негово оштетување. Најчесто е предизвикан од пет главни видови вируси на хепатитис – А, Б, Ц, Д и Е. Иако клиничката слика на вирусниот хепатитис е слична независно од причинителот (пожолтување на кожа и склери, болки во стомак, тежина под десен ребрен лак, гадење, повраќање, губење апетит, замор, темна мокрача) тие се различни вируси кои даваат спрецифични одлики кај поединечните хепатитиси во начинот на пренесувањето, различни дијагностички тестови, исходот на болеста, лекувањето и превенцијата.
Се претпоставува дека 325 милиони луѓе во светот живеат со вирусен хепатит Б и Ц. Во Република Северна Македонија во 2019 година регистирани се 91 заболен од хепатит Б, а вирусниот хепатитис Ц е регистриран кај 50 случаи.
За хепатитис А и хепатитис Б постои вакцина како превентивна мерка. Вакцинација за хепатитис Б во нашата земја од 2004 година се спроведува како рутинската за сите новороденчиња, а дополнително се спроведуваат вакцинални програми кои ги опфаќаат ризичните групи како пациенти на дијализа, здравствени работници.
Хепатитис А и хепатитис Е обично се шират преку директен контакт и преку храна или вода загадени од столицата на заразено лице. Хепатитис Е може да се добие и со јадење недоволно термички обработено месо. Хепатитис Б, хепатитис Ц и хепатитис Д се шират преку контакт со крвта на заразено лице, а хепатитисот Б и Д и преку контакт со други телесни течности.
Постојат многу начини на пренесување преку контаминирана крв или крвни продукти, контаминирани игли случајно кај здравствени работници и кај и.в. наркомани, тетоважа, незаштитен секс, при породување од мајка на новороденче.
Вирусите на хепатитис А и Е обично предизвикуваат само акутни и краткорочни инфекции кои најчесто спонтано поминуваат. Вирусите на хепатитис Б, Ц и Д може да предизвикат акутни и хронични, па и трајни инфекции. Хроничниот хепатитис може да доведе до компликации како што се цироза, слабост на црниот дроб и хепатоцелуларен карцином. Раната дијагноза и антивирусна терапија може да ги спречи или намали можностите за развој на овие компликации.
Хепатитис А и Е најдобро може да се превенираат со добра лична хигиена (миење раце со вода и сапун), соодветна хигиена на храната и водата за пиење, подобрување на санитарните услови. Хепатитис Б и хепатитис Ц може да се превенираат со засилени мерки на грижа кај професиите со висок ризик и сексуалното однесување (употреба на кондоми). Не треба да се делат предмети од инфицирани лица. Многу важен поединечен фактор на ризик, посебно за хепатитис Ц е интравенската злоупотреба на дрога каде е потребна едукација да не се користат заеднички игли.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во државата се одвива непречено по претежно влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаб снег кој не се задржува на коловозот провејува на Попова Шапка, соопшти АМСМ и информира дека сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај.
Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Скопјани ќе немаат нови автобуси ниту во март, велат од Левица
Градската организација на Левица во Скопје забележува дека месец јануари е веќе при крај, а Владата сѐ уште нема распишано тендер за набавка на нови автобуси, иако повеќе од една година ги најавува и им ги ветува на скопјани.
Советничката група на Левица во Град Скопје потсетува дека премиерот Христијан Мицкоски „вети дека нови автобуси ќе има во октомври минатата година“. но, тоа не се случи бидејќи пропадна првиот тендер.
-Сега сѐ поизвесно е дека нови автобуси нема да има ниту во март, бидејќи нема нов тендер.
Изминативе три години советниците на ДПМНЕ, во Советот на Град Скопје, ја блокираа набавката на нови еко автобуси поради инает кон тогашната градоначалничка Арсовска со која се скараа после една година заедничко раководење со главниот град. Да не беше инаетот и суетата на советниците и раководството на ДПМНЕ до сега новите автобуси ќе возеа низ скопските улици, порачуваат од Левица- Скопје, додавајќи веќе е јасно дека „на ВМРО-ДПМНЕ не им е грижа за граѓаните“.
Министерството за транспорт и врски во јуни лани распиша тендер за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 треба да бидат за Скопје, а 40 да се распределат во другите градови. Но, тендерот пропадна затоа што единствената фирма која се пријавила не ги исполнувала потребните услови. Оттогаш поминаа шест месеци, а нов тендер не е распишан.
Македонија
Најмалку 61 лице го загуби животот, а 110 се повредени во снежни бури и поројни дождови во Авганистан
Најмалку 61 лице го загуби животот во обилните снежни врнежи и поројни дождови во Авганистан во последните три дена, покажуваат прелиминарните податоци објавени денеска од Националната служба за управување со катастрофи.
Според податоците, уште 110 лица се повредени, а 458 куќи се делумно или целосно уништени, а северните и централните делови на Авганистан се најтешко погодени, според мапата објавена од метеоролозите на „Икс“ .
Според авганистанската служба за управување со катастрофи, вкупно „околу 360 семејства биле погодени“ од лошите временски услови.
Портпаролот на службата ги повика граѓаните да избегнуваат непотребни патувања, бидејќи многу патишта во земјата се уште се блокирани или покриени со снег. Еден од главните автопати во Авганистан, превојот Саланг, е целосно затворен за сообраќај, соопштија локалните власти во покраината Парван во источниот дел од земјата. Во покраината Бамјан, во централен Авганистан, залихите со храна им беа поделени на возачите заглавени на превој покриен со снег.

