Економија
Газди злоупотребиле милиони од државата, не им исплатиле ни денар на работниците

Управата за јавни приходи откри милиони евра злоупотреби со државната помош за исплата на минималецот од 14.500 денари.
Дел од сопствениците на 708 компании во Скопје, Тетово, Струга, Гостивар и Куманово зеле пари од државата, но ниту денар не префрлиле на работниците. Околу 3.750 компании, пак, им исплатиле на вработените помалку од минималецот.
Како што истакна директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, станува збор за 281 работодавач кои во април примиле финансиска поддршка во износ од 9.995.565 милиони денари, но не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени. Лукаревска посочи дека 427 компании во мај воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, иако добиле финансиска поддршка во износ од 13,698,998 милиони денари.
Другите компании на 52.465 работници им го скратиле и минималецот и исплатиле на сметките на работниците 1,5 милиони евра помалку.
Најголем дел од компаниите се од дејностите трговија на мало, подготовка на оброци и служење храна, транспорт.
„Управата за јавни приходи располага со детални податоци за искористеноста на финансиската поддршка и будно ја следи состојбата на искористеност на мерките, но и почитување на обврските од законот. Податоците за компаниите кои примиле финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на платата ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата како носител на мерката и исплатувач на финансиската поддршка од каде истите ќе може да бидат и јавно објавени“, рече Лукаревска.
Апелираше до сите работодавачи што не ја испочитувале оваа законска одредба да го направат тоа кон своите вработени, бидејќи целта била да се зачуваат работните места, а не парите да ги земат работодавачите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.