Македонија
Следува многу топло време со високо УВ-зрачење

Времето утре ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен претежно северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени. УВ=9
Во Скопје сончево и топло со слаб северен веетр. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на многу топла воздушна маса до петок ќе преовладува сончево и многу топло време. Максималните температури насекаде ќе бидат над 30 степени, а во југоисточните делови од земјава ќе достигнат и до 40 степени.
В петок и особено в сабота претежно во попладневните часови ќе има зголемена облачност и услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се трага по 16-годишно девојче во реката Вардар, соопшти ЦУК

Денеска, во 16:42 часот, на бројот за итни повици била примена пријава за две потонати женски лица, на возраст од 16 и 26 години, во реката Вардар, во близина на селото Уланци, Општина Градско, соопшти ЦУК.
Пријавата била поднесена од лице присутно на местото на настанот, односно сестра на 16-годишното девојче, која, како што информираат од управата во видно вознемирена состојба, побарала итна помош.
Набргу потоа, се јавил и доктор од ИМП Велес, кој ја потврдил информацијата и побарал ангажирање на тимови за потрага и спасување на вода.
„По приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи веднаш ги извести надлежните институции – СИКС при МВР, Оперативниот центар на Генералштабот и Дирекцијата за заштита и спасување – со барање за итно ангажирање на тимови за потрага и спасување на вода.
Според последните информации од терен, на локацијата е присутна екипа на МВР со чамец, а 26-годишната жена е пронајдена жива.
Потрагата по 16-годишното девојче продолжува“, соопшти ЦУК.
Македонија
Кадровско зајакнување во ГОБ „8 Септември“, се реконструира хируршкиот дел и кровната конструкција на болницата, соопшти Алиу

Министерот за здравство, Азир Алиу во рамки на денешната работна средба со директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојаноски ја реафирмираа заложбата за континуирано унапредување на третманот на пациентите и условите за работа на здравствениот персонал.
При посетата, Стојаноски го информираше министерот дека веќе се почнати градежни активности за реконструкција на хируршкиот дел и кровот на болницата.
-Денес на лице место, заедно со директорот направивме обиколка на болницата. Оваа установа претставува столб на секундарното здравство и е стратешки важна. Веќе се отпочнати градежни активности за реконструкција на хируршкиот дел со вкупна површина од 2000 метри квадратни, со седум операциони сали, боксови за интензивна нега, придружни простории, а со реконструкција е опфатена и кровната конструкција на оваа установа. Со ова значително ќе се подигне нивото на здравствени услуги кои ги обезбедуваме за нашите граѓани, посочи министерот во рамки на посетата.
Истовремено, како што соопштуваат од министерството, болницата кадровски се зајакнува со девет приватни специјализанти, за чие вработување течат законските процедури.
Македонија
Марков: Измените на Законот за здравственото осигурување ќе овозможат директна судска контрола на актите на ФЗО и заштита на осигурениците

На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Марков, кој бараше по скратена постапка да се стави на дневен ред предлог-законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, со што би се овозможило директна управна судска контрола на првостепените акти на Фондот за здравствено осигурување.
„Како дополнување на дневниот ред барам да се стави предлог-законот за изменување на Законот за здравственото осигурување. Со ова законско предлог-решение се предвидува директна управна судска контрола на првостепените акти на Фондот за здравствено осигурување и на овој начин ќе се овозможи Фондот да биде тужен орган во управно-судска постапка, осигурениците во својство на тужители во контрадикторна судска постапка да ги остваруваат своите права“, рече Марков и додаде:
„Ова е особено значајно затоа што во судската постапка може да се изведуваат вештачења како доказни средства, што не е случај во второстепената управна постапка, и на тој начин одлучувањата за правата на осигурениците ќе биде на брз и ефикасен начин со правосилни и извршни судски одлуки. Дополнително, во законското предлог-решение е предвидено одлуката по управниот спор да се донесе во рок од 30 дена, што не е случај за управно-судските постапки за другите области“, вели Марков.