Спорт
Ѓорѓиоски тврди дека е жртва на измама
Кога финансиската полиција поднесе кривична пријава против 11 луѓе, меѓу кои и против поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, поранешниот прв човек на мак-фудбалот се јави со изјава во која тврди дека и тој самиот е жртва на измама и најави поднесување кривични пријави.
Соопштението на Ѓорѓиоски го пренесуваме целосно:
Како поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и неправедно инволвиран во случајот „ФФМ“, би сакал да ѝ се обратам на јавноста.
Во однос на написите во медиумите за моја вмешаност во кривичното дело несовесно работење би сакал да кажам дека ова е уште еден од низата напади против мене.
Јас од лицата наведени во кривичната пријава сум измамен и искористен, а тоа можам да го видам од приложените докази, кои ми беа дадени на увид од страна на финансиската полиција и за овие лица ќе поднесам кривични пријави, на кои веќе работи мојот правен тим.
Пријавата за случајот се однесува на периодот од 2016 до 2019 година, а јас како претседател на ФФМ поднесов оставка во 2018 година, што значи дека наведеното лице го правела истото дело не само во мое време туку и по мојата оставка, а многу веројатно и пред јас да станам претседател на ФФМ.
Јас како претседател и одговорно лице сум бил измамен од одговорното лице за финансиско работење во ФФМ, кое работи повеќе од 30 години како раководител на финансискиот сектор во ФФМ и секако дека ќе поднесам кривична пријава против неа и ќе преземам соодветни мерки за заштита на својот углед и достоинство како како човек и спортски работник.
Во својство на претседател согласно статутот и правилниците на ФФМ и позитивните законски прописи, формирана е финансиска комисија (експерти од областа на финансиско работење, пет члена) и е ангажирана надворешна ревизорска куќа, чија задача е да вршат контрола на финансиско работење на одделот за финансии при ФФМ, што значи дека како одговорно лице сум ги презел сите дејства за правење контролен механизам во финансиското работење на ФФМ.
Најлесно е да оцрниш човек, дефинитивно, без никаква совест и одговорност. Да ставиш бомбастичен наслов, во кој ќе срушиш сè што некој создавал со посветеност и макотрпна работа. Никогаш не видов бомбастичен наслов дека во времето на Илчо се направија Куќата на фудбалот и тренинг-центарот, ниту дека беше направена Академијата и Детската лига, од која излегоа врвни фудбалери и репрезентативци. Се направи најтешката смена на генерацијата во А-репрезентацијата и од 175. место на ФИФА ранг-листата, сега сме на 63., можеби и понапред во моментот, и ќе бидеме во иднина – сигурен сум во тоа зашто направивме одлична компетитивна репрезентација и влог и база за сите идни успеси. Во времето на Илчо се случи најголемиот успех – пласман на ЕП за фудбалери до 21 година, која генерација денес е носител на играта во А-репрезентацијата. Пласманот на младите репрезентации на елитните УЕФА-турнири стана нормална работа, иако претходно беа многу ретки. На клупско ниво Вардар играше во групите на Лига Европа. Се изградија многу терени и стадиони, со што значително се подобри инфраструктурата.
И на крај, во времето на Илчо се одржа Суперкупот на УЕФА, во кој играа Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, настан со кој во центарот на светот беа Скопје и нашата Македонија и првпат од осамостојувањето имавме еден позитивен настан. Можам сега да ви кажам дека Илчо е директен виновник за тоа што се одржа Суперкупот во Македонија и никогаш не ми требале ловорики за што и да било од ова. Секогаш сум го давал најдоброто од себе за Федерацијата и државата да имаат успеси. Мојата единствена грешка е што имав целосна доверба и бев измамен од луѓе вработени во Федерацијата за кои верував дека се компетентни и чесни во својата работа.
Со почит,
Илчо Ѓорѓиоски
Финансиски малверзации во ФФМ, поднесени 25 кривични пријави
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чеферин прогласи победа над Суперлигата
Во Брисел, пред ждрепката за Лигата на нации, овој четврток се одржа Конгресот на УЕФА, каде што претседателот Александар Чеферин ја одржа својата презентација.
Најважната порака што ја испрати од говорницата е дека Суперлигата на Европа е официјално поразена.
Во среда, УЕФА постигна договор со Реал Мадрид, а претходно и Барселона се повлече од проектот, ставајќи крај на обидот за формирање паралелно елитно натпреварување.
„Воодушевен сум затоа што Барселона и Реал Мадрид се вратија во нашето семејство. Вистина е дека сите бевме уморни од сè, но УЕФА никогаш не ја изгуби меѓусебната почит со Флорентино Перез, иако имавме различни мислења. Единствениот победник мора да биде фудбалот. Му се заблагодарувам и на Насер Ал Келаифи, кој беше клучен за нашето повторно обединување“, рече Чеферин.
Претседателот на УЕФА ја искористи можноста да испрати силни пораки надвор од самата Суперлига.
„Федерациите стануваат заложници на политиката. Во Европа, нема да прифатиме фудбалот да служи како оружје. Денес, единството се соочува со големи предизвици“, рече Чеферин.
Тој ја отфрли тезата дека фудбалот мора радикално да се промени за да ја привлече помладата генерација.
„Некои велат дека фудбалот мора да се промени за да преживее меѓу младите, но грешат. Младите не му го свртеле грбот на фудбалот, тие сè уште ги полнат стадионите. Во светот на екраните и вештачката интелигенција, ниту еден алгоритам или бот не може да го замени чувството за тоа што се случува на теренот. Фудбалот е реален и затоа неговата иднина е светла“, нагласи првиот човек на УЕФА.
Чеферин особено истакна дека реформите на Лигата на шампионите и Лигата на Европа, како и воведувањето на Конференциската лига, беа вистинскиот потег.
„Многумина се сомневаа во нас, велеа дека ќе пропаднеме, но натпреварувањата сега се подобри и поконкурентни. Моделот беше развиен одговорно и придонесе за зголемување на публиката, приходите и конкурентноста. Оваа сезона, речиси 450 милиони евра ќе бидат дадени на клубовите надвор од групните фази на нашите натпреварувања“, откри Чеферин.
Првиот човек на европскиот фудбал се осврна и на развојот на женскиот фудбал, потсетувајќи дека Европското првенство во Швајцарија минатото лето привлече повеќе од 650.000 навивачи на стадионите.
Во пресрет на Светското првенство во САД, Мексико и Канада, Чеферин нагласи дека фудбалот не смее да се дели помеѓу клубови и национални тимови.
„Фудбалот напредува преку национални тимови и клубови, а играчите не треба да избираат помеѓу едното или другото. Фудбалот не е инструмент на моќ, тој е заедница, а не производ. УЕФА останува посветена на тој принцип и знае каде се границите“, рече тој.
Чеферин, исто така, се спротивстави на идејата за играње натпревари од националните првенства надвор од матичните земји, алудирајќи на обидите од Шпанија.
„Домашните првенства црпат сила од своите навивачи. Нивниот извоз би ја ослабнал врската и лојалноста. Не можете да им го одземете фудбалот на луѓето во нивните заедници. Повеќе од 55 милиони луѓе го поддржуваат фудбалот и сè започнува на локално ниво“, заклучи Чеферин.
Foto/ EPA
Спорт
Карлсон ја прегази конкуренцијата на 10 километри, Цветановска заврши на 105-то место
Неверојатната Швеѓанка, Фрида Карлсон ја прегази конкуренцијата во трката на 10 километри, на Зимските олимписки игри во Милано и Коритна. На оваа трка настапи и македонската репрезентативка, Ана Цветановска.
Карлсон го освои вториот златен медла на овои Зимски олимписки игри, со најбрзата трка во историјата на светските првенства и олимписките игри. Карлсон во целта забележа време 22.49.2.

Речиси 47 секунди зад неа беше сонародничката Еба Андресон (+46.6), додека бронзениот медал го освои 34-годишната Американка, Џесика Дигинс (+49.7).
Цвенановска на крајот во конкуренција на 111 натпреварувачки го освои 104-то место, со време од 31.32.4., односно за осум минути и 43 секунди послаб резултат од победничката Карлсон.
Foto/ facebook.com/makedonskiolimpiskikomitet.mok
Спорт
Емил Рајковиќ замина од Тофаш
Македонецот, Емил Рајковиќ, повеќе не е тренер на кошаркарскиот клуб Тофаш. Клупските челници, решија да се разделат со Рајковиќ, поради серијата лоши резултати.
Рајковиќ го презеде клубот на почетокот на сезоната, започна добро, но како што одминуваше сезоната резултатите беа се полоши и полоши. Во турското првенство, Тофаш, во конкуренција на 16 екипи, се наоѓа на 10-то место со осум победи и 11 порази. Бурса се наоѓа во серија од четири порази.
Разочарувачки настап Бурса има и во Лигата на шампионите, има една победа по четири одиграни натпревари.
Фото/ Архива, Топспорт

