Свет
САД повлекуваат 12.000 војници од Германија и го преместуваат командниот штаб во Белгија
САД повлекуваат 12.000 војници од Германија и ќе го преместат седиштето на американската команда во Белгија од Штутгарт, што е едно од претходните барања на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ги изненади своите сојузници.
Претседателот Трамп рече дека овој потег е одговор на неуспехот на Берлин да ги исполни целите за трошење во одбраната.
САД се подготвуваат да повлечат речиси 12.000 војници од Германија во потег опишан како стратешко репозиционирање на своите сили во Европа.
Приближно 6.400 војници ќе бидат испратени дома, а преостанатите се преместени во други земји на НАТО, како што се Италија и Белгија.
Претседателот Доналд Трамп рече дека овој потег е одговор на Германија, која не ги исполнила целите на НАТО во трошењето средства за одбрана.
„Не сакаме повеќе да бидеме наивни“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа непосредно по објавувањето на одлуката. „Ние го намалуваме бројот на војниците затоа што тие не ги плаќаат сметките, тоа е многу едноставно“.
Но, оваа одлука предизвика големо спротивставување во Конгресот меѓу оние што веруваат дека тоа ќе ја зајакне Русија.
Високи германски претставници на власта исто така изразија загриженост.
Секретарот за одбрана, Марк Еспер, истакна дека тоа е дел од поширок план за преместување на американските сили во регионот.
Тој рече дека станува збор за голема стратешка и позитивна промена со која ќе се постигнат основните принципи на зајакнување на влијанието на САД и НАТО врз Русија.
Овој потег ќе ја чини американската влада неколку милијарди долари и ќе го намали военото присуство на земјата во Германија повеќе од 25 проценти.
Ескадрилата на борбени авиони ќе биде преместена во Италија, а некои трупи би можеле да бидат преместени во Полска, рече Еспер.
Одлуката беше критикувана од германските власти, а претседателот на комисијата за надворешни работи на Германија посочи дека тоа ќе ја ослаби алијансата на НАТО.
И шефот на германската држава Баварија, Маркус Судер, рече дека жали за одлуката. „Ова им носи товар на германско-американските односи“, им рече тој на новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

