Македонија
Работната група за „Скопје 2014“: Објектите да бидат отстранети од „Малиот ринг“, фасадите вратени во првобитниот изглед
Во допис од осум точки, во форма на пополнет прашалник на јавната анкета за „ДУП Мал ринг“ на Општина Центар, работната група за справување со последиците од т.н. проект „Скопје 2014“, го испрати своето мислење до градоначалникот Богдановиќ и Општина Центар држејќи се единствено до аспектите на проектот.
Во прилог целосниот допис:
Наодите до кои е дојдена Работната група, врз основа на увид во целокупната документација за одлучувањето, финансирањето, изработувањето и подигањето на спомениците и другите артефакти предмет на елаборацијата, укажуваат дека во сите случаи без исклучок се работи за тешко прекршување практично на сите позитивни закони што ја уредуваат материјата на подигање на споменици, законите за буџет и јавни набавки, како и законите за просторно и урбанистичко планирање и градење.
Во Предлог – Детален урбанистички план Градска четврт Ц 01 – Мал Ринг 1, Општина Центар – Скопје, плански период 2019-2024, не постои ниту трага од спомениците, дури ниту во геодетската подлога врз којашто графичките прилози на планот се вцртани, поради што во планот не постојат ниту плански одредби и мерки за решавање на проблемот на незаконските споменици и други градби од т.н. проект „Скопје 2014“. Од друга страна, со невцртувањето на постојни градби и споменици во предлог планот тој станува спротивен на законот, како да е правен на неажурирана геодетска подлога.
Уште повеќе, не само што во предлог планот не постојат мерки за враќање на просторот во рамки на со закон утврдениот статус на земјиште за општа употреба, туку со него некои од спомениците се легитимираат така што им се потврдува незаконски формираната градежна парцела на земјиште за општа употреба и со планот им се даваат услови за градење, па така и овој план го претвораат во незаконски акт со кој се нарушува уставноста и владеењето на правото.
За да се обезбеди Предлог – Детален урбанистички план Градска четврт Ц 01 – Мал Ринг 1, Општина Центар – Скопје, плански период 2019-2024, да биде не само во согласност со уставот и позитивните закони, туку и да ги исполнува начелата и целите на урбанистичкото планирање од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи на урбанистичкото планирање, планот треба да претрпи корекции според укажувањата и забелешките од оваа Јавна анкета, и тоа:
1. Сите споменици што се изградени во планскиот опфат во периодот 2007 – 2016 (а не само оние за коишто е направен елаборат од страна на РГ), како и оние што се во градба, треба да се регистрирани како постојни градби и да бидат во планот нацртани со геодетска линија како дел од постојната состојба и геодетската подлога.
2. Предметните незаконски споменици треба да бидат нумерирани и обележани како постојни споменици во графичкиот дел од планот, додека во текстуалниот дел од планот, во Општите одредби за спроведување, треба да стојат со број и опис, по кој треба да се формулира општата планска одредба дека со планот се предвидува нивно дислоцирање и доведување на јавните површини во првобитна состојба.
3. Забелешките од точките 1 и 2 особено се однесуваат на Споменикот на Мајка Тереза и Порта Македонија, кои на најбрутален начин се ставени сред сообраќаен коридор, за коишто спротивно на устав и закон се формирани градежни парцели на сметка и во земјиште за општа употреба, јавна патна површина – градска улица и јавен простор: овие споменици не смеат да бидат со формирана градежна парцела и услови за градење во предлог планот, туку само со геодетска линија, како постојна состојба.
4. Под истиот третман мораат да бидат и т.н. Шпански скали, со геодетска линија што ја опцртува катастарската парцела на незаконски отуѓената и приватизирана јавна површина: таму во планот не треба да има ништо друго освен јавна плоштадска површина.
5. За случаите од точките 3 и 4 од овие забелешки, уредувањето на планските одредби со кои во планот се предвидува враќање на статусот на јавната улична површина и нејзино доведување во првобитна состојба, треба да се помести во текстуалниот дел од планот и во Општите и во Посебните одредби за спроведување на планот.
6. Таканаречените Галии во коритото на реката Вардар треба да бидат обележани (со нумерација и опис во легендата) и за нив во Општите одредби за спроведување на планот треба да се одредат плански одредби за нивно отстранување, поради незаконското градење (без хидротехничка студија што ја докажува нивната безбедност) и поради фактот што драматично ја нарушуваат јавната безбедност и ги зголемуваат ризиците од поплавување и разурнување во центарот на градот. Во Општите одредби за спроведување на планот треба да се уредат мерки за ревизија на сите други објекти во коритото на Вардар, незаконски изградени во предметниот период на реализација на „Скопје 2014“ и отстранување на оние што ги зголемуваат ризиците од плавење како и другите што и пречат на основната функција на коритото или на друг начин се спротивни на законот.
7. Во Општите одредби за спорведување на планот треба да има дел што ќе одреди мерки за враќање на оригиналните фасади на згради што имаат големо значење како културно наследство и високи архитектонски квалитети, како што се зградите на бивша НАМА, ЕВН, МЕПСО и други (при што во графичкиот дел од планот градежната линија на објектот на ЕВН треба да се совпаѓа со линијата на оригиналниот објект – а не со линијата на незаконската фасада, исто како што за објектот на бивша НАМА шрафурата за намена на објектот треба да биде само на површината на оригиналната основа, а не и врз незаконски исфрлениот трем).
8. Во планот треба да се поништат сите мали градежни парцели што се фомирани на земјиште за употреба и потоа отуѓени, а земјиштето повторно да добие статус на земјиште за општа употреба, додека овие и слични намени треба да се решаваат со урбана опрема или монтажни објекти со краткотраен закуп на земјиште за општа употреба (трафики и други мали услужни и трговски објекти).
Со овие забелешки се утврдува политиката на враќање на законот во центарот на Скопје, враќање на правата на граѓаните на јавен простор и визија за градски и граѓански центар ослебоден од товарот на фашистоидни и други радикални, националистички и налудничави злоупотреби што го претворија центарот на Скопје во европска престолнина на кичот и политичката злоупотреба.
Планерите и особено органите на Општина Центар треба да знаат со сигурност дека ниту еден процес или негово непостоење, за ниту еден случај од планскиот опфат, што се однесува на сопственоста на објектите и земјиштето или пак на правниот статус или се во судска постапка од кој било вид, не се релевантни, не се однесуваат и не треба да влијаат на планерските одлуки за расчистување на криминалното наследство од „Скопје 2014“ што ја детерминираат иднината на центарот и на престолнината.
Врз основа на Решение на министерот за култура бр.02-7117/1 од 28.07.2017 година, формирана е Работна група за изработка на Анализа за реализацијата и последиците од т.н. “ Проект Скопје 2014” што треба да ги предложи мерките за справување со последиците од оваа за Републиката ислучително штетна злоупотреба на државата и буџетските сретства. Групата работи во состав:
1. Мирослав Грчев, координатор,
2. Никола Наумоски, член,
3. Донка Барџиева-Трајковска, член,
4. Златко Теодосиевски, член.
Во прилог на дописот се доставени и сите елаборати што оваа работна група ги изготви за одделни делови од проектот, а кои своевремено беа доставени до надлежните институции – министрите за култура и Владата на РСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.
Македонија
Утре облачно време со температура до 14 степени, од недела заладување
Времето утре ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m² , а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.

