Македонија
Експретседателот на кривичниот суд, Владимир Панчевски, осуден на три ипол години затвор

Поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд, Владимир Панчевски, е осуден на три години и шест месеци затворска казна за злоупотреби на АКМИС-системот, потврдија од судот во Велес за „Макфакс“.
Панчевски првпат се појави на судењето во велешкиот суд пред две недели. Инаку, на судењето на 10 јули откако Панчевски не се појави на судењето, судијата му одреди притвор и беше распишана потерница по него. По пет дена, на 15 јули, тој сам се пријавил во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.
Панчевски е осуден за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
Според обвинението, тој во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување.
„Обвинетиот со ставање на писмен „параф“ од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот. Со ваквите дејствија, обвинетото лице на странките во така распределените предмети потешко им го повредил правото на еднаков пристап пред судот во заштитата на нивните права и правно заснованите интереси“, пишува во обвинението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Не излегувајте ако немате потреба: сончево и многу топло време

Времето денеска ќе биде многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Максималната температура ќе биде во интервал од 31 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 39 степени.
Министерството за здравство вчера информира дека се активира фаза 3, кога се очекуваат вонредно високи температури, кои го загрозуваат здравјето на населението, особено на најранливите групи.
Граѓаните потребно е најтоплиот дел од денот да го поминуваат во затворени, разладени простории, да консумираат доволно течности и да избегнуваат алкохол. Посебно да бидат внимателни хронично болните, лица постари од 60 години, бремените жени и помалите деца.
Министерството апелира до сите институции, работодавачи и граѓани да постапуваат одговорно и согласно следните мерки:
-Активирање на планови за вонредни услови – сите здравствени установи, установи за згрижување стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.
-Да се реорганизираат работните процеси за вработените изложени на директна топлина и да се разгледа можноста за:
-Одложување на работниот процес во критичните часови (11:00–17:00) за работници изложени на директна топлина;
-Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо;
-Работодавачите да обезбедат микроклиматски услови за работа согласно акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
-Ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години, доколку работодавецот не е во можност да создаде соодветни микроклиматски услови за работа.
-Да се реорганизираат работните процеси за вработените изложени на директна топлина;
-Здравствените, образовните и социјалните установи да постапат согласно плановите за вонредни состојби, да го ротираат персоналот, и да обезбедат климатизирани простории за пациентите и вработените;
-Центрите за социјална работа, локалната самоуправа и Црвениот крст да ја интензивираат теренската поддршка за осамени, стари и бездомни лица;
-Образовните установи и градинките да избегнуваат активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
-Работодавачите да обезбедат соодветни услови за работа (температура до 25°C) и по можност да применат онлајн работа или флексибилно работно време;
-Да се обезбеди климатизиран јавен превоз за граѓаните во текот на целиот ден.
Министерството за здравство, заедно со сите надлежни институции, ќе продолжи со редовно информирање и спроведување на мерките, со цел заштита на здравјето на граѓаните.
Македонија
Кампања на владата – купувај домашни земјоделски производи

Преку кампањата купувај домашни земјоделски производи го стимулираме растот на домашната економија и директно влијаеме врз зголемување на потрошувачката на земјоделските производи кои ги произведуваат македонските земјоделци, соопшти Владата.
Од таму велат дека целта на оваа кампања на Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е да се промовира домашното производство и да се зголеми сопственото производство.
„Граѓаните ќе можат да купуваат домашни земјоделски производи во маркетите, а секој производ кој е произведен во Македонија или е увезен од надвор ќе биде обележан. Со ова не само што ќе се зголеми побарувачката на пазарот, туку ќе се зголеми и земјоделското производство. Ако претходно имавме состојба каде што се напуштаа нивите, сега ќе ги поттикнеме земјоделците со својот труд да се вратат на полињата. Наша основна цел е Македонија да ја направиме земјоделски независна држава3, велат од Владата.
Македонија
Мисајловски во Хаг: остануваме кредибилен сојузник во НАТО

Вчеравечер во Хаг, на покана на министерот за одбрана на Холандија, Рубен Брекелманс, министерот Владо Мисајловски учествуваше на средбата со своите колеги – министри за одбрана на земјите – членки на НАТО.
Министерот Мисајловски подвлече дека нашата земја останува силно посветена на заедничката цел – безбедна и сигурна Алијанса и безбедни над една милијарда луѓе во светот.
„Исполнувањето на НАТО Целите на способности се највисок приоритет на одбраната и тоа ќе се реализира преку инвестициите во одбраната, како и преку процесот на модернизација и опремување на Армијата кој е во тек“, рече министерот.
Самитот на НАТО во Хаг започнува денеска, а македонската делегација во чиј состав се министерот за одбрана, Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцински, како и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски е предводена од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.