Македонија
СЗО: Коронавирусот не се пренесува преку мајчиното млеко
„Поддршка на доењето за поздрава планета“ е годинешното мото на Светската недела на доењето, што традиционално се одбележува од 1 до 7 август.
Од Комитетот за доење при Министерството за здравство (МЗ) посочуваат дека во согласност со препораките на СЗО и УНИЦЕФ, мајките треба да ги дојат своите бебиња и доколку имаат Ковид-19 бидејќи придобивките го надминуваат ризикот од зараза. СЗО препорачува мајките кај кои постои сомневање или е потврден Ковид-19 да бидат охрабрени, како и сите други мајки, да почнат или да продолжат со доењето. Многубројните предности од доењето за новороденчињата и за децата значително го надминуваат потенцијалниот ризик од зараза со Ковид-19.
Од МЗ додаваат дека досегашните научни истражувања покажуваат дека новиот коронавирус не се пренесува преку мајчиното млеко. За време на доењето и контактот со бебето треба да применуваат респираторна хигиена, доколку е можно да носат маска; потребно е да ги мијат своите раце пред и по допирање на бебето со сапун и вода или дезинфициенс на база на алкохол. Миењето на рацете треба да биде најмалку 20-30 секунди во согласност со препораките и техниките за правилно миење на рацете, како и редовно чистење и дезинфицирање на површините што ги имаат допрено.
„Доењето е еден од најважните начини за унапредување и чување на здравјето. Тоа е најдобриот начин на исхрана на доенчињата, ја поставува основата за добро здравје не само во периодот на детството туку и во адултната возраст, воедно носи и голем број бенефити за мајките и за општеството во целост. Во согласност со препораките на СЗО доењето треба да е ексклузивно во првите шест месеци од животот, да трае до две години и подолго, паралелно со воведувањето други видови храна по шестиот месец“, велат од МЗ.
Стручни совети од Комитетот за доење: одговори на најчесто поставувани прашања од мајките што се пред породување и во страв од инфекција, нивна или на нивното бебе:
1. Дали може да се пренесе вирусот од мајката на бебето?
Одговорот е дека постојат студии што се контроверзни, тие што пронашле вертикална трасмисија на вирусот се со мал процент од 7 до 10 проценти, а бебињата се без симптоми или со лесна клиничка слика.
2. Дали мајките што се суспектни или позитивни на коронавирусот може безбедно да ги дојат своите бебиња?
Одговорот е да, треба и пожелно е да ги дојат своите бебиња бидејќи ако се престане со доењето, ќе се намали и количеството мајчино млеко, а со тоа и заштитните фактори што ги содржи. Мајчиното млеко содржи антимикробни фактори: секреторен ИгА, ИгМ, ИгГ, олигосахариди, лизозими, леукоцити и таканаречени цитокини и антиинфламаторни фактори.
3. Дали во мајчиното млеко кај позитивна мајка на Ковид-19 може да го има SARs- CoV?
Реализирани се повеќе студии во разни региони од светот и во ниту една од нив не е докажано присуство на вирусот во мајчиното млеко. Тоа значи дека единствен начин на кој мајката може да му го пренесе вирусот на своето дете е преку респираторните патишта. Поради тоа, неопходно е одржување на личната хигиена и задолжителна употреба на заштитни маски при доењето. Во случај кога мајката е со потешка клиничка слика, која бара нејзина хоспитализација, пожелно е ако постојат услови, да се искористи нејзиното измолзено млеко со помош на медицински сестри. А во случај да е со исклучително тешка клиничка слика, може да се користи измолзено млеко од мајка донор.
Исто така, според СЗО и УНИЦЕФ, суспектна или позитивна мајка во првите моменти од раѓањето треба да го стави бебето на своите гради не само заради млекото, туку и заради таканаречениот контакт skin-to-skin, исклучително значаен за емотивната и психолошката поддршка како за бебето така и за мајката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајна несреќа на патот Кочани – Штип, сообраќајот во прекин
Од 20:30 часот сообраќајот на магистралниот пат А-3 Кочани – Штип (с.Долни Подлог – с.Тркање) е во прекин, поради сообраќајна незгода.
Сообраќајот се пренасочува преку с.Тркање кон екпресен пат Кочани – Штип, соопшти АМСМ.
Македонија
Ѓорѓиевски: Доста беше мрак, време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со покана до скопјани и гостите на главниот град за како што вели, незаборавен дочек на Новата 2026 година на плоштадот „Македонија“.
По подолг период, Скопје повторно ќе пулсира во знакот на радоста и врвната музичка забава, со богата програма што ги обединува сите генерации и ја враќа празничната магија во срцето на градот, истакнуваат од Град Скопје.
„Скопје, дали сме подготвени за најдобрата забава?
Со голема чест и искрена радост, ве поканувам на плоштадот „Македонија“ на незаборавен дочек на Новата 2026 година, ноќ која повторно ќе го сплоти градот.
Програмата започнува во 19:45 часот со моќниот вокал на Миле Кузмановски, а продолжува со Огнен Здравковски.
Следуваат Дина Јашари, легендарните Куку Леле и неповторливата Тамара Тодевска.
Кулминацијата ја носат милениците на младата публика Пајак, Лара и Два Бона, додека магичниот момент на пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева.
Почитувани скопјани, доста беше мрак.
Време е за заедништво и за радост.
Време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави, знае да обединува и знае да биде лидер во културните настани.
Со домашни изведувачи, љубени од публиката, создадовме програма што ги поврзува сите генерации.
Ова е наш подарок за градот убав – за повторно да живее, да пулсира и да сонува.
Ве поканувам сите, драги скопјани, да ни се придружите и заедно да ја пречекаме 2026 година со насмевки, музика и незаборавни мигови.
Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа новогодишна приказна, исполнета со позитивна енергија и врвна забава.
Се гледаме“, напиша на социјалните мрежи скопскиот градоначалник.
Македонија
Во прекин сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица), поради сообраќајна несреќа во прекин и сообраќајот кон ГП Ќафасан
Поради протест на грчките земјоделците, од 17:10 часот сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) е во прекин.
Поради сообраќајна незгода сообраќајот кон ГП Ќафасан е во прекин во двата правци, соопшти АМСМ.
На 30.12.2025 (вторник), од 15:00 часот, ќе има измена на режимот на сообраќајот на Коридор 10, на делницата Прилеп–Битола, при што сообраќајот ќе биде пренасочен по регионалниот пат Р1101, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

