Македонија
Град Скопје ги повикува граѓаните да се пријават за бесплатно чистење на оџаците
Град Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот. До овој момент до Град Скопје се пристигнати 95 барања за субвенции за чистење оџак.
Со оваа мерка Град Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинствата и на други субјекти за чистење на оџаците во нето-износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции може да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на град Скопје. Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари.
Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 1.1.2020 година, a јавниот повик трае заклучно со 30.11.2020 година и ќе биде реализиран по принципот прв дојден, прв услужен, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со буџетот на Град Скопје за 2020 година.
Целта на овој проект што Град Скопје го реализира континурано е намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ 10 и ПМ 2,5).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.
Македонија
Слаб снег провејува на Попова Шапка, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка кој во моментов не се здржува на коловозот, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно време со дожд и ветер, на планините снег – МЕТЕО за следните денови
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени, јавува УХМР.
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.

