Свет
(Видео) Демонстранти упаднаа во зградата на Министерството за надворешни работи во Бејрут
Демонстранти упаднаа во зградата на Министерството за надворешни работи во Бејрут, извикувајќи пароли против владата, пренесуваат светските медиуми.
Претходно денеска полицијата испали солзавец на демонстрантите кои се обидоа да се пробијат низ оградата за да стигнат до зградата на парламентот во Бејрут, за време на протестот поради владините реакции на разорната експлозија во градот.
Околу 7.000 луѓе се собраа на Плоштадот на мачениците во центарот на градот, а некои фрлаа камења кон полицијата.
Либанскиот премиер Хасан Дијаб најави дека ќе предложи одржување предвремени избори во земјата, откако експлозијата во градот предизвика криза.
Тој во телевизиско обраќање ги повика сите политички партии да ги остават несогласувањата зад себе и да работат заедно. Дијаб рекол дека е подготвен да остане на функцијата во наредните два месеци, за да им даде време нас политичарите да применат структурни реформи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела ѝ се заблагодари на Русија за поддршката на Мадуро
Министерот за надворешни работи на Венецуела, Иван Хил Пинто, изрази благодарност до Русија за поддршката за лидерот на таа земја, Николас Мадуро, и за осудата на мешањето на САД во внатрешните прашања на Каракас.
„Венецуела и Русија се братски земји и стратешки сојузници. Владата на Боливарската Република изразува длабока благодарност за изјавата на Русија со која ги поддржува барањата на суверената нација и ослободувањето на претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес“, напиша тој на својот канал на Телеграм, пренесува „ТАСС“.
Нагласи дека Венецуела, исто така, го цени повикот на Русија да се почитува правото на самоопределување на венецуелскиот народ и нејзината осуда на странското мешање на Соединетите Американски Држави.
Постојаниот претставник на Русија при Обединетите нации, Василиј Небензја, на 5 јануари изјави дека Русија изразува силна солидарност со Венецуела и го поддржува курсот на владата во соочувањето со надворешната агресија.
Шефот на руската дипломатска мисија изрази надеж дека „меѓународната банда“ на Вашингтон ќе добие „објективна и сеопфатна оценка во меѓународно-правна смисла, со користење на универзалните механизми на ОН и други мултилатерални формати“.
Небензја, исто така, го повика американското раководство веднаш да го ослободи легитимно избраниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, и неговата сопруга.
Соединетите Американски Држави на 3 јануари нападнаa цели во Венецуела, заробувајќи го претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес.
Свет
Мерц му порача на Зеленски: Младите Украинци да ѝ служат на својата земја, а не да бегаат во Европа
Од Украина, меѓу другото, се очекува да создаде услови младите мажи да ѝ служат на безбедна и економски здрава Украина, наместо да заминуваат во европските земји, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц обраќајќи му се на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Економскиот капацитет ќе биде неопходна гаранција дека Украина ќе може уверливо да ја одврати Русија во иднина. Драг Володимире, сакам ова отворено да го кажам: тоа подразбира и одредени очекувања за Украина. Тоа вклучува – и вие го знаете тоа, веќе разговаравме за ова во Брисел – дека Украина мора да биде организирана на таков начин што нејзините млади мажи ќе ѝ служат на безбедна и економски здрава Украина, а не да заминуваат во Германија, Полска или Франција, како што е случај сега“, нагласи Мерц во Париз по состанокот на Коалицијата на подготвените, пренесува „Укринформ“.
Според неговите зборови, тоа е очекување кое Украина „може и мора да го исполни“.
Украинската влада на седница одржана на 26 август ја ажурираше процедурата за преминување на државната граница. Мажите на возраст од 18 до 22 години сега можат непречено да ја преминуваат границата за време на воената состојба. Соодветните измени стапија на сила на 28 август, еден ден по официјалното објавување на резолуцијата.
Во Германија живеат околу 1,2 милиони Украинци. Нивниот број во последните години се зголемува, главно поради младите мажи помлади од 22 години, наведува украинската агенција.
Фото: Depositphotos
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

