Спорт
Почина српската фудбалска легенда Владица Поповиќ, човекот кој го одби Ескобар
Легендата на Црвена звезда, Владица Поповиќ почина на 85 години во понеделникот навечер во Белград, потврдија од српскиот клуб.
Поповиќ е на петтото место на вечната листа по настапи за Звезда, откако во 499 натпревари од 1953 до 1965 година постигнал 38 гола. Со „црвено-белите“ тој освои пет титули на Југославија и три Купови, а играше и за Штутгарт, завршувајќи ја кариерата во Венецуела во тимот на Депортиво Канаријас. За поранешна СФРЈ тој настапи 20 пати и играше на Светското првенство во Чиле во 1962 година.
По фудбалската кариера, тој беше тренер во Боливија и во Колумбија, а потоа се врати во Црвена звезда во сезоната 1991/92, освојувајќи ја титулата светски шампион со победата над Коло Коло.
Тој освои титули со два различни клуба од Колумбија, Санта Фе во 1971 и Депортиво Кали во 1974 и подоцна призна дека го одбил нарко-босот Пабло Ескобар да го преземе неговиот тим Атлетико Насионал од Меделјин.
„Ме повика Пабло Ескобар, а тогаш таму сите знаеја кој е тој и дека не смееш да го одбиеш. Ме однесе во неговата вила и ми даде виски додека седевме во базен. Бараше да станам тренер, но го одбив. Знаев дека не смеам да му кажам дека ќе размислам, бидејќи тоа ќе значеше дека сум кажал да“, се потсети години подоцна Поповиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Ѓоковиќ: Разни „стручњаци“ ме испратија во пензија, им благодарам на тоа
Новак Ѓоковиќ, в недела ќе се бори за 11-та титула на Австралија Опен. Десеткратниот шампион во Мелбурн, во полуфиналето, во спектакуларен меч го победи бранителот на трофејот, Јаник Синер со 3:2 (3:6, 6:3, 4:6, 6:4, 6:4) за четири часа и девет минути игра.
„Никогаш не престанав да верувам во себе. Многу луѓе се сомневаа во мене. Гледам дека одеднаш се појавија многу „стручњаци“ кои сакаа да ме пензионираат или веќе го направија тоа неколку пати во последните години“, рече Ѓоковиќ и додаде:
„Сакам да им се заблагодарам затоа што ми дадоа сила и мотивација да им го докажам спротивното. Ова не е изненадување за мене. Знам на што сум способен“, рече Ѓоковиќ.
Неговиот настап прптив Синер, особено беше импресивен во петтиот сет, кога спаси осум брејк топки. Во текот на мечот Ѓоковиќ спаси 16 од 18-те топки за брејк.
Противник во финалето в недела ќе му биде Карлос Алкараз.
Foto/ depositphotos
Спорт
Заврши сезоната за Џек Грилиш
Џек Грилиш, еден од најдобрите играчи на Евертон ја заврши сезоната.
Како што стојат работите, Грилиш ќе мора да се подложи на операција поради фрактура на стапалото. Со ова паднаа во вода сите надежи дека би можел да добие повик од Томас Тухел за настап на Светското првенство.
Менаџерот на Евертон, Дејвид Мојес, ја потврди веста.
„Веруваме дека на Џек му треба операција. Иако сè уште не е 100 проценти потврдено, повредата веројатно ќе го држи надвор од терените до крајот на сезоната“, рече Мојес.
Откако пристигна на позајмица во Евертон, Грилиш повторно почна да игра како во времето кога беше играч на Астон Вила. Сезонава дресот на Евертон го носи како позајмен играч од Манчестер Сити.
Foto/ depositphotos
Спорт
Данска ќе се бори за европската титула
Данската ракометна репрезентација ќе игра во финалето на Европското првенство против Германија, откако во второто полуфинале во Хернинг го победи Исланд со 31:28 (14:14).
Данците, в недела ќе се борат за третото европско злато, исто како и Германците.
Данска последен пат беше европски шампион во 2012 година во Белград, оттогаш двапати беше во финалето и двапати загуби од Франција (2014 и 2024).
Тимот предводен од Николај Јакобсен од клупата ги освои последните четири светски првенства и е актуелен олимписки шампион.
Во натпреварот против Исланд, Данците го скршија отпорот на својот ривал во второто полувреме, откако првиот дел беше израмнет.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше незапирливиот Матијас Гидсел, најдобриот ракометар во светот, со седум гола од исто толку обиди.
Веднаш зад него по ефикасност беше Јохан Хансен со шест гола (седум шута), додека Симон Питлик постигна пет.
Во поразениот тим, Јанус Даги Смарасон и Ори Фрајр Поркесон беа најдобри со по седум гола. Омар Инги Магнусон постигна шест.
Финалето ќе се одигра во недела од 18 часот, претходно во 15.15 часот ќе се одигра натпреварот за третото место.
Foto/ EPA

