Свет
Израел го затвори граничниот премин со Газа поради подметнатите пожари
Израел одлучи денеска да го затвори граничниот премин Карем Абу Салем, главната трговска рута на Појасот Газа, за сите влезови, освен за хуманитарна помош и нафта, пренесува „Анадолија“.
„Карем Абу Салем ќе биде затворен за минување на целата стока, со исклучок на основната хуманитарна опрема и гориво“, се вели во изјавата на Министерството за одбрана на Израел.
Израелската јавна радиодифузна корпорација соопшти дека министерот за правда, Бени Ганц, наредил затворање на преминот поради постојаното пуштање запаливи балони од страна на Газа.
Според израелските медиуми, повеќе од 30 пожари избувнале вчера како последица на пуштените запаливи балони во пет населени области во близина на израелската граница со Појасот Газа.
Карем Абу Салем е еден од трите главни гранични премини на Појасот Газа со Израел и Египет, па токму тука поминуваат повеќето стоки дневно.
Палестински официјален претставник, кој не сакал да биде именуван, изјави дека израелските власти спречувале влез на градежни материјали на палестинската страна. Египет исто така го ограничува движењето во и надвор од Газа.
Вооружена група лансира неколку ракети во морето во понеделникот по неколкуте размени на оган со Израел во последните неколку дена. Ракетите беа порака до Израел дека вооружените групи во Газа нема да молчат пред израелската блокада и агресија.
Појасот Газа е под контрола на Хамас, една од двете најголеми политички партии во Палестина. Наведувајќи ја загриженоста за безбедноста, Израел одржува силна контрола над копнените и морските граници на енклавата.
Хамас и Израел водеа три војни од 2008 година. И покрај примирјето минатата година, поддржано од ОН, Египет и Катар, двете страни се напаѓаат спорадично со ракети, минофрлачки оган или со запаливи балони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пет големи европски земји: „Сакаме поевропско НАТО“
Франција, Германија, Италија, Полска и Обединетото Кралство најавија дека сакаат да преземат поголема одговорност за безбедноста на Европа преку создавање „поевропски НАТО“. Изјавата беше усвоена по состанокот во Краков, каде министрите за одбрана нагласија дека НАТО останува темел на колективната одбрана, но дека европските земји треба повеќе да придонесуваат.
Петте држави (формат Е5) се обврзаа на дополнително зајакнување на одвраќањето и одбраната со цел спречување евентуална руска агресија и справување со безбедносните закани. Тие повикаа и на „праведна распределба на товарот“ меѓу сојузниците.
Во фокус е и зголемувањето на издвојувањата за одбрана. Полска веќе издвојува 4,48% од БДП, додека Франција, Италија и Шпанија се околу 2%. Прашањето за трошоците ќе биде клучно и на самитот на НАТО во 2025 година во Хаг.
Лидерите нагласија дека секој мировен договор меѓу Украина и Русија мора да биде придружен со „цврсти“ безбедносни гаранции за Киев. Според нив, силна украинска армија е првата гаранција за траен мир, а евентуален прекин на огнот не смее да стане вовед во нова агресија.
Регион
Трамп ги спомена Србија и Косово: Ако не се согласувате, јавете ми се
Набројувајќи ги конфликтите што ги реши во претходниот период, претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера на состанокот на Одборот за мир ги спомена Србија и Косово, велејќи им на лидерите сами да продолжат да ги решаваат проблемите, а ако не можат – да го повикаат.
„Еден пример се Косово и Србија“, рече Трамп, повикувајќи ги лидерите да станат, иако Србија не се приклучи нa Oдборот, додека претседателката на Косово, Вјоса Османи, стана од своето место кога Трамп ја повика.
„Косово, Србија. Јас го направив тоа. Можете ли да станете, ако некој од вас е тука? Само станете на секунда. Косово, Србија, станете! Ви благодарам многу! Го цениме тоа! Одлично, а вие се согласувате. И кога не се согласувате, ме викате и ќе го решиме тоа, нели? Ќе го решиме“, рече Трамп на првиот состанок на Мировниот комитет, јавија српскките медиуми.
Вчера, во Вашингтон се одржа првата седница на Одборот за мир, основан на иницијатива на Трамп, а тоа е тело кое треба да работи на решавање на глобални безбедносни кризи и војни.
Првата задача, како што беше најавено, ќе се однесува на конфликтот во Појасот Газа.
Во јуни 2025 година, американскиот претседател одржа прес-конференција во Хаг на која се пофали со своите достигнувања, за кои верува дека ги постигнал како претседател на Америка.
Еден од примерите што ги наведе Трамп е дека, како што рече, тој спречил потенцијален конфликт меѓу Србија и Косово.
„Србија токму беше на прагот да го стори тоа, но ние го спречивме“, рече Трамп тогаш.
Свет
Мерц: Меѓународниот поредок базиран на права повеќе не постои
Германија мора да се наметне и да преземе поголема одговорност во преобликуваниот светски поредок, изјави денес германскиот канцелар Фридрих Мерц.
За време на својот говор на конференцијата на неговата партија, Христијанско-демократската унија (CDU), тој оцени дека меѓународниот поредок базиран на права повеќе не постои, пренесува Ројтерс.
„Ова ќе доведе до создавање нова голема стратегија за Германија во обединета Европа. Покажуваме храброст да ја обликуваме иднината и храброст да се наметнеме“, рече Мерц.
Конгресот на ЦДУ се одржува денес и утре, 21 февруари, и тоа е првиот голем состанок на партијата откако Мерц ја презеде функцијата канцелар во мај минатата година, пренесува Танјуг.

