Македонија
(Видео) Костадинов: Губитникот Мицкоски не знае економија, парите завршуваат кај граѓаните и стопанството
Губитникот на три изборни циклуси, Христијан Мицкоски, продолжува со несериозниот, незрел и неодговорен однос кон државата и граѓаните. Освен што не научил ништо од поразите од граѓаните, Мицкоски никако да научи економија, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Показател за нашите економски политики и резултати сигурно не е ниту Мицкоски ниту ВМРО-ДПМНЕ. Во време на најголемата глобална здравствена и економска криза задолжувањата беа со една единствена цел – да осигуриме непречено функционирање на економијата, редовна исплата на пари кон граѓаните, плати, пензии, социјални трансфери, како и справување со здравствените, но и со економските предизвици од кризата предизвикана од Ковид-19.
Со обезбедените средства зачувавме над 120.000 работни места со обезбедување минимална плата за вработените во износ од 90 милиони евра. 30 милиони евра обезбедивме за граѓаните преку платежните картички, со која ја зголемивме приватната потрошувачка, а со тоа го поддржавме и домашното стопанство. Обезбедивме и речиси 12 милиони евра ваучери за граѓаните, со што ги поддржавме домашниот туризам и компаниите од туристичкиот сектор.
13 милиони евра обезбедивме за бескаматни кредити за поддршка на македонските компании од најпогодените сектори, како и 51 милион евра евтини кредити за домашните компании за поуспешно справување со корона-кризата. До овој момент Владата предводена од СДСМ осигури да се слеат над 200 милиони евра кај граѓаните и домашното стопанство. Помошта за граѓаните и економијата ќе продолжи и во следните месеци и веднаш по формирањето на новата влада.
За јавниот долг, дозволете да го потсетиме губитникот Мицкоски дека во 2007 година вкупниот јавен долг бил 1,7 милијарда евра. Во 2016 година, девет години по криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, изнесуваше 4,7 милијарди евра. Тоа се 3 милијарди евра повеќе, односно 6.000 евра долг од семејство.
Притоа секое семејство беше посиромашно и со пониски примања наспроти секоја претходна година. За разлика од 2020 кога задолжувањето се прави за справување со најголемата светска здравствена и економска криза и притоа тие се користат за да се поддржи секој граѓанин и секако да се поддржи домашната економија. Платите растат, приходите кај граѓаните се зголемуваат, сè повеќе пари завршуваат назад кај граѓаните.
Податоците се кристално јасни: приходите во јули во буџетот на државата не само што се над сите оптимистички сценарија туку го надминале и износот што од даноци е наплатен во истиот месец од 2019 година.
Откако покажа дека не знае економија, губитникот Мицкоски нека се занимава со решавање на проблемите внатре во сопствената партија. На 15 јули народот не му даде власт ниту нему ниту на неговата нереформирана и корумпирана ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ како одговорна партија во следниот четиригодишен мандат ќе покаже како се работи одговорно и посветено во интерес на државата, граѓаните и економијата. Ќе покажеме дека можеме уште повеќе за да биде уште подобро за сите“, порача Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

