Топ
Загина 16-годишник при судир на два мотоцикли во скопско Кадино
																								
												
												
											Во судир на два мотоцикли, управувани од тинејџери, синоќа во селото Кадино загинал 16-годишник.
Како што информираат од МВР, непосредно пред полноќ во скопското село се случила сообраќајна незгода меѓу мотоцикл „пиаџо“, без регистарски ознаки, управуван од 18-годишен скопјанец, на кој се превезувала и 17-годишна малолетничка од Скопје и мотоцикл „малагути“, без регистарски ознаки, управуван од 16-годишник од селото Јурумлери, на кој како сопатник се превезувал и 15-годишник.
На местото на незгодата од лекар на итната медицинска помош кај 16-годишниот мотоциклист од Јурумлери била констатирана смрт, додека останатите се здобиле со тешки повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската болница „Св.Наум Охридски“, каде биле пренесни за укажување на лекарска помош.
На местото на незгодата бил извршен увид од екипа од СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Ако ДУИ беше опозиција пред десет години, и тогаш ќе го имавме овој изборен резултат, тие немаа можност за злоупотреби, вели Алиу
														Граѓаните во нашата земја десет години сакаа промена на политичкиот амбиент и ако ДУИ пред десет години беше опозиција, ќе го имавме резултатот што сега го имаме на локалните избори. Вака актуелниот министер за здравство од коалицијата „Вреди“ гледа на изборните резултати, а на прашањето дали ќе остане министер одговара дека секој ден работи како да не му е грижа на која позиција ќе биде утре оти верува во својата експертиза.
„Резултатите се видливи, но, за жал, видливи се по десет години. Граѓаните во нашата држава и пред десет години сакаа да има промена во политичкиот амбиент во државата. За жал, беа искористени сите можни политички притисоци и администрација од страна на ДУИ за да може да опстои десет години, без желба на граѓаните. Тие првпат се соочија со локални избори од позиција на опозиција и ги немаа тие можности да се злоупотреби овој политички момент. Реалноста, ова фактички што го гледаме денеска, сите општини во државата се менаџираат од стручњаци од ‘Вреди“, верувам дека би била не денеска, ако се вратиме десет години и ако ДУИ била во опозиција тогаш, истиот резултат ќе го имавме и тогаш. За жал, тоа е тоа, по десет години, имаме нов амбиент во државата“, рече министерот Алиу денес при посетата на Клиниката за кардиологија.
Како владин коалиционер, министерот Алиу уверува дека фокусот на „Вреди“ е постигнување добри резултати оти бргу се доаѓа до процеси во кои граѓаните, ако не ги почувствуваат промените, ќе се почувствуваат разочарано.
„Тогаш разочараноста ќе биде многу поголема. Ние како политичари ќе имаме голема одговорност ако навистина по ваков добар резултат, по вакви избори, граѓаните не почувствуваат дека ние знаеме поинаку да менаџираме со политичките процеси и на локално ниво. На централно ниво тоа веќе го докажавме за една и пол година. Верувам дека и на локално ниво за една и пол година ќе се почувствуваат тие инфраструктурни подобрувања“, рече министерот Алиу.
Алиу стана министер за здравство пред половина година откога поранешниот министер за здравство Арбен Таравари ја напушти коалицијата „Вреди“ по низа несогласувања за настапот на локалните избори.
Македонија
Го тепал со метална шипка, со рацете и со нозете речиси половина час, па го оставил да искрвави на скалите: eден осомничен за убиство во дојранско Сретеново
														Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 1 ноември попладнето, во близина на угостителски објект во селото Сретеново, Општина Дојран, со умисла лишил од живот едно лице. Сега починатиот Никола Тимев инаку претходно бил негов пријател со кого заедно седеле на скалите и пиеле, но во еден момент меѓу нив настанала вербална расправија која преминала во физичка пресметка.
Осомничениот најпрво го удирал оштетениот со раце и нозе, а потоа и со метална шипка, нанесувајќи му повеќе од десетина скршеници на раце, нозе и на черепот. Од ударите кои траеле речиси половина час, оштетениот не успеал да се одбрани и се здобил со тешки телесни повреди и обилно крварење, а осомничениот го оставил на скалите и побегнал. Повредениот го забележале случајни минувачи кои повикале итна медицинска помош и тој бил пренесен во Медицинскиот центар во Гевгелија, но починал како резултат на здобиените повреди.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност од бегство и можност тој да ја попречува постапката со влијание врз сведоците кои треба да бидат испитани во текот на истрагата.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
														Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.

