Свет
Статуи во француска црква уништени по повторените вандалски напади
Три статуи се целосно или делумно уништени во црквата „Сен-Андре“ во француската општина Ниорт кога црквата во последните неколку недели била цел на најмалку три напади, пренесува „Ла Нувеј републик“.
Црквата била принудена да ги затвори своите врати до крајот на август или евентуално уште подолго поради вандалските напади. За време на викендот биле уништени неколку статуи, вклучително и статуа на Исус како бебе во рацете на Сент Ентони, која беше распарчена на илјада парчиња.
Според извештајот од „Ла Нувеј републик“, неколку парчиња од статуата биле ставени во канта за отпадоци во близина, а парохијата поднела тужба до локалната полиција за нападите.
Изградена во 11 век, црквата била проширена пред да биде уништена од локалните демонстранти во 1588 година. Подоцна била повторно изградена од кралот Луј XIV. По француската револуција, била запуштена, а била обновена за време на втората француска империја под Наполеон III.
Нападите врз црквата се последни во бранот антихристијански напади во Франција во последните неколку години, од кои во најскорешниот беше запалена катедралата во Нант од 39-годишен мигрант од Руанда.
Мигрантот волонтирал во катедралата неколку години пред пожарот и бил еден од ретките доброволци кому му биле дадели клучевите од објектот.
Еден лански извештај сугерира дека меѓу 2016 и 2018 година имало илјадници случаи на напади врз француски цркви, при што земјата сведочела просечно на три антихристијански напади на ден.
Елен Фантини, директор на виенската Опсерваторија за нетолеранција и дискриминација врз христијаните во Европа (ОИДАЦЕ), минатиот месец рече дека меѓу 2008 и 2019 година Франција забележала пораст од 285 отсто во антихристијанските инциденти.
Во извештајот на ОИДАЦЕ во 2019 година се наведува дека има пораст на бројот на цркви, христијански симболи и гробиштата во цела Европа, кои се вандализирани, уништени и изгорени, во споредба со претходните години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.
Свет
Четири американски воени бази на Блискиот Исток нападнати од Иран
Иранската војска вели дека започнала напади врз четири американски воени локалитети во Катар, Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати како одмазда за заедничките напади на САД и Израел низ Иран.
Целите вклучувале воздухопловната база Ал Удеид во Катар, воздухопловната база Ал Салем во Кувајт, воздухопловната база Ал Дафра во Обединетите Арапски Емирати, како и американската поморска флота во Бахреин, според иранската новинска агенција Фарс.
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека ракетите биле насочени кон земјата и биле соборени од катарската воздушна одбрана. Сведоци изјавија дека слушнале експлозии во главниот град на Катар, Доха. Претходно во текот на денот, Министерството за внатрешни работи на Катар соопшти дека земјата е „безбедна“, но внимателно ја следи ситуацијата по нападите на САД и Израел врз Иран.
„Ситуацијата во Катар е стабилна и безбедна и во моментов нема индикации што предизвикуваат загриженост за внатрешната безбедност“, соопшти Министерството.
Извор рече дека дел од персоналот на американската воздухопловна база во Катар бил евакуиран по нападите на Израел и САД врз Иран.
Во Кувајт беа вклучени сирени за воздушен напад, каде што се слушнале силни експлозии. Во Кувајт се наоѓа седиштето на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ).
Во исто време, државната новинска агенција на Кувајт објави дека кувајтската армија пресретнала ракети во нејзиниот воздушен простор.
Претходно денеска, иранската државна телевизија официјално објави дека како одговор на заедничките напади на САД и Израел, силите на Техеран извршија ракетен напад врз седиштето на Петтата флота на САД во главниот град на Бахреин – Манама.
Силни експлозии одекнаа и во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати. Државната агенција на ОАЕ објави дека земјата делумно и привремено го затворила својот воздушен простор.
„Овој напад е грубо кршење на националниот суверенитет и меѓународното право, а ОАЕ го задржува правото да одговори на ескалацијата“, се вели во соопштението на ОАЕ.
Амбасадата на САД во ОАЕ, како и дипломатските мисии на САД во Катар и Бахреин, воведе режим на изолација за сите свои вработени и ги повика сите граѓани на САД на територијата на арапската земја да се самоизолираат до понатамошно известување.
Според медиуми, силни експлозии одекнле и во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
Сирија затвори дел од својот воздушен простор на југот од земјата, во близина на израелската граница.
САД и Израел почнаа да напаѓаат локалитети низ Иран денеска, вклучително и во главниот град Техеран, бидејќи тензиите меѓу земјите прераснаа во отворен конфликт. Иранските сили, исто така, лансираа бран ракети кон Израел.

