Спорт
Меси, Тер Штеген и Де Јонг остануваат, другите може да си одат
По понижувачкиот пораз од Баерн Минхен, логично беше дека може да се очекуваат резови во екипата на Барселона.
Лисабонските 8-2 уште долго време ќе ги „печат“ сите што се на било кој начин поврзани со ФК Барселона.
По петочниот пораз во ЛШ, вчера се пренесе информацијата дека Кике Сетиен ќе добие отказ, но најверојатно на „Ноу Камп“ се подготвува комплетен ремонт.
Речиси сите играчи се на продажба, со исклучок на Лео Меси, Марк Андре Тер Штеген и Френки де Јонг, јавува „Мундо Депортиво“.
Ако се точни информациите на шпанскиот медиум, Барса размислува и за откази на играчи кои имаат уште година или две од нивните договори, под услов да добијат адекватна понуда.
Луис Суарез е првото од звучните имиња кое може „надвор“. Има договор уште една година, но е и „вредна карта“ за клуб кој планира да го доведе Лаутаро Мартинез во Каталонија. Уругваецот има опција да го продолжи договорот на уште една сезона, но останува да се види развојот на настаните.
Самуел Умтити е вториот скап играч на Каталонците кој е за продажба, иако има договор до 2023 година. Една од причините е лошата игра, втора се повредите, а трета е лошото однесување.
Слична е ситуацијата и со Усман Дембеле.
Иван Ракитиќ и пред дебаклот беше на листата за продажба.
Останува отворено прашањето за Жорди Алба. Има договор до 2024 година и откупна клаузула од 500 милиони евра.
„Мундо“ пишува и дека Гризман, Серхи Роберто, Нелсон Семедо, Артуро Видал лесно може да се случи да завршат со Барселона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
„Сѐ се случи за миг“ – сестрата на Линдзи Вон зборуваше за нејзината состојба по страшниот пад на Олимписките игри
Линдзи Вон моментално е на лекарски прегледи по тешкиот пад што ѝ се случи утрово, потврди нејзината сестра Карин Килдо во изјава за „Ен-Би-Си“. Таа рече дека сцената била застрашувачка и многу тешка за гледање.
„Тоа дефинитивно беше последното што сакавме да го видиме. Сѐ се случи многу брзо и во такви моменти само се надеваш дека е добро“, рече Килдо.
Таа додаде дека станало уште пострашно кога забележале дека изнесуваат носила.
„Тоа никогаш не е добар знак. Но, како што вели онаа изрека за човекот во арената – таа се осмели, даде сѐ од себе и одеше до крај. Тешко е да се гледа, но најважно е таа да биде добро“, изјави таа.
Сестрата на познатата американска скијачка потврди дека во моментов не знаат што следува: „Превезена е со хеликоптер од местото на несреќата. Со неа се сите нејзини лекари, хирурзи и физиотерапевти. Ќе не известат и ќе отидеме во болницата каде што ја прегледуваат. Засега знаеме само дека е на прегледи и се надеваме наскоро да добиеме повеќе информации.“
Главниот брзински тренер на американскиот скијачки тим, Пол Кристофик, изјави дека Линдзи Вон и понатаму е под медицинска проценка во Кортината, а тимот сѐ уште нема добиено никакво ажурирање за нејзината здравствена состојба.
„Сѐ уште не знаеме ништо конкретно“, изјави Кристофик. „Таа е со медицинскиот тим во болница. Во моментов се проценува во Кортината. А потоа, во зависност од сериозноста на повредата, ќе се донесе одлука каде ќе биде сместена.“
Спорт
(Видео) Тежок пад на Линдзи Вон на Олимписките игри
Американската скијачка Линдзи Вон не се прослави во спустот на Зимските олимписки игри.
Таа падна во раната фаза од спустот, по што ѝ беше укажана помош на патеката, а се слушаше како легендарната Американка плаче од болка.
Линдзи по падот остана да лежи, чекајќи помош од лекарите и спасувачката екипа. Мораше да реагира и хеликоптер, кој ја однесе во болница.
The crash of #lindseyvonn #Olympics2026 #Olympics pic.twitter.com/PJtuSCJwcm
— Dreamer (@MCnotHamm3r) February 8, 2026
Вон неодамна доживеа тешка повреда на лигаментите на коленото, но и покрај тоа одлучи да настапи.
Оваа 41-годишна скијачка во кариерата освои три олимписки медали – злато во спуст во Ванкувер, како и бронза во супервелеслалом. Покрај тоа, има и бронза од Пјонгчанг 2018 година.
Вон неодамна имаше враќање на натпреварувањата по подолга пауза и веќе забележа неколку запажани резултати во тековната сезона.
Сепак, се чини дека крајот на кариерата ќе биде тажен.
Спорт
Клабо е недопирлив во скиатлон
Јоханес Клабо ја оправда фаворитската улога и го освои златниот медал во нордиско скијање, во трката скијатлон од 10 км + 10 км.
Како што се очекуваше, Норвежанецот чекаше до самиот крај, а потоа влезе во пеколен финиш. Во тој момент ниту еден од конкурентите не успеа да го следи темпото на Клабо. Норвежанецот во целта влезе со 46:11.0.
Ова беше шесто олимписко злато за Клабо во неговата кариера, а негов трет поединечен. Тој денес го потврди статусот на најдобар натпреварувач.
Во голема борба за второто место, Французинот Делог успеа да го надмине Норвежанецот Нингет, кој мораше да се задоволи со бронза. Русинот Короцељев заврши на четвртото место.
Foto/ EPA

