Свет
(Видео) Најмалку 17 загинати и десетици повредени во екстремистички напад врз хотел во Сомалија

Најмалку 17 лица загинаа, а десетици се повредени во напад на екстремисти на Ел Шабаб врз хотел во Могадишу, Сомалија.
Полицијата ја заврши драмата по четиричасовна борби, кога сите напаѓачи се убиени.
„Ал џезира“ наведува дека во нападот, што завршил по неколкучасовна борба меѓу безбедносните сили и екстремистите, загинале најмалку 17 лица, додека Си-ен-ен наведува дека загинале десет лица.
„Сомалиските специјални сили ја завршија четиричасовната опсада во хотел во Могадишу, откако ги убија сите напаѓачи“, напиша владиниот портпарол на „Твитер“.
Меѓу жртвите се напаѓачите, двајца владини службеници, еден војник, тројца членови на хотелското обезбедување, четворица цивили.
Десетици луѓе се повредени, според извори од болницата.
Милитантната група Ал Шабаб ја презеде одговорноста за нападот на хотелот „Елит“ на плажата Лидо, кој почна со самоубиствен бомбашки напад.
Вооружени припадници на групата потоа влегоа во борба со безбедносните сили, објави претходно „Ројтерс“.
Портпаролот на Министерството за информации, Исмаил Мухтар Омар, изјави претходно дека во нападот загинале двајца напаѓачи, двајца помлади директори и тројца цивили.
Шефот на службата за итна помош, Амин Абдикадир Абдирахман, претходно изјави за „Ројтерс“ дека службата превезла 28 повредени лица од местото на несреќата пред да почне размената на оган.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Ердоган: Нетанјаху го надмина Хитлер

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, вчера се осврна на конфликтот на Блискиот Исток, нагласувајќи дека Иран има право да се брани, објави Анадолу.
„Сосема е природно, легитимно и законско Иран да се брани од израелската бандитска насилничка сила и државен тероризам“, рече Ердоган за време на состанокот на парламентарната група на Партијата за правда и развој (АК) во главниот град Анкара.
Неговите изјави доаѓаат во време на ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран. Нагласувајќи ја сериозноста на конфликтот, Ердоган го осуди и израелското раководство:
„Нетанјаху одамна го надмина тиранинот Хитлер во злосторството геноцид. Се надеваме дека нивната судбина нема да биде иста“.
„Правиме сè што можеме за да ја запреме нехуманата агресија врз Газа, Сирија, Либан, Јемен и Иран“, додаде тој.
„Крвта на масакрирани цивили, убиени бебиња и деца не само што ги испрска рацете и лицата на оние кои ја поддржуваат израелската ароганција, туку и на оние кои молчат“, истакна тој.
Ердоган потврди дека Турција останува будна.
„Внимателно ги следиме израелските терористички напади врз Иран. Сите наши институции се во состојба на готовност поради потенцијалните последици од овие напади врз Турција“, изјави тој.
„Нашата нација може да биде мирна. Владата е целосно посветена на заштитата на интересите, мирот, единството и безбедноста на Турција. Подготвени сме и се подготвуваме за секој можен негативен развој и сценарио“, заклучи турскиот претседател.
Свет
Нетанјаху во ракетираната болница: Мојот син мораше двапати да ја откаже свадбата поради тревогата

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, им се обрати на новинарите пред болницата Сорока во Бершеба, која претходно беше погодена од иранска ракета. Зборувајќи за улогата на САД во регионот, Нетанјаху ја истакна својата доверба во американскиот претседател Доналд Трамп.
„Претседателот Трамп ќе го направи она што е најдобро за Америка. Му верувам на неговиот суд – тој е голем пријател, голем светски лидер, голем пријател на Израел и еврејскиот народ“, рече Нетанјаху.
„И ние ќе го направиме она што мораме да го направиме – и го правиме тоа. Ние сме посветени на елиминирање на заканата од нуклеарно уништување што се надвиснува над Израел“, рече тој.
Тој, исто така, ја нагласи важноста на соработката меѓу САД и Израел.
„Морам да кажам дека партнерството со Соединетите Американски Држави, партнерството со претседателот Трамп, со кого разговарам речиси секој ден – е неверојатно. Мислам дека неговата решителност, неговата цврстина и јасност кога вели дека Иран не може да има нуклеарно оружје – е несомнена“, рече Нетанјаху.
„За да се постигне ова, Иран не смее да збогатува ураниум. Толку е едноставно“, рече тој, додавајќи: „Тој им даде можност да го решат ова преку преговори, а тие го одложуваа. И не го одложувајте Доналд Трамп – тој ја знае играта.“
На прашањето дали САД ќе се приклучат на нападите, Нетанјаху рече дека тоа е само одлука на претседателот Трамп, но додаде дека САД веќе многу помагаат, особено во одбраната на израелскиот воздушен простор.
Тој се пожали дека неговиот син морал двапати да ја откаже својата свадба поради тревогата.
Според новинската веб-страница Ynet, Нетанјаху рекол: „Целиот израелски народ ја плаќа цената. Минуваме низ напади, и тоа го поминуваме на неверојатен начин.“
„Луѓето се повредени, семејствата ги загубија најблиските. Секој од нас плаќа лична цена, а моето семејство не е исклучок – мојот син Авнер мораше да ја откаже својата свадба по втор пат поради ракетните закани. Тоа е лична цена за неговата свршеница, и морам да кажам дека мојата драга сопруга е хероина, и таа плаќа лична цена“, рече тој.
Свет
Иранскиот министер за надворешни работи на средба со лидерите на ЕУ

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, денес потврди дека утре ќе се сретне со своите колеги од Велика Британија, Франција и Германија и со министерот за надворешни работи на ЕУ во Женева, објавија денес иранските државни медиуми.
Тој рече дека состанокот е свикан на барање на три европски земји – Франција, Германија и Велика Британија.
„Утре ќе се сретнеме со европската делегација во Женева“, рече министерот, според соопштението што го пренесе иранската новинска агенција ИРНА.
Средбата ја објави германски дипломатски извор.
Тој вчера изјави дека европските министри првин ќе се сретнат со шефот на европската дипломатија, Каја Калас, во германското постојано претставништво во Женева по што ќе одржат заеднички состанок со својот ирански колега.
Целта на состанокот, кој се одржува во координација со САД, е да ја убеди иранската страна цврсто да гарантира дека ќе ја користи својата нуклеарна програма исклучиво за цивилни цели, додаде изворот.