Топ
„Ауди“ полно со мигранти удри во полициско возило, еден загинат и неколкумина повредени

Синоќа во 22:30 часот било пријавено дека на магистралниот пат Струмица – Штип, кај клучка Радовиш, патничко возило „ауди Q7“, со скопски регистарски ознаки, управувано од непознато лице, во кое се превезувале 12 мигранти од Сирија, удрило во запрено товарно возило, сопственост на МВР.
На местото на незгодата починал еден од мигрантите, а еден им подлегнал на повредите во Медицинскиот центар Штип. Останатите лица се здобиле со тешки телесни повреди, додека еден полициски службеник се здобил со телесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар Штип.
Извршен бил увид на местото на незгодата од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Струмица. Во периодот од 22:40 до 23:40 часот сообраќајот на наведениот патен правец бил во прекин, а потоа е пренасочен по спореден пат, соопшти полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп го потпиша мировниот договор за Газа: „Поминаа 3.000 години за да се стигне до ова“

Американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша првиот мировен план за Газа, изјавувајќи при потпишувањето:
„Поминаа 3.000 години за да се стигне до ова, можете ли да поверувате? И овојпат ќе опстане.“
По него, документот го потпишаа египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Ова е неверојатен ден за светот,“ изјави Трамп, додавајќи дека договорот е толку важен што ќе ja спречи Третата светска војна, која, според него, можела да избие на Блискиот Исток.
Македонија
ЕУ отвора центри за вештачка интелигенција во Македонија и Србија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска најави дека Европската унија ќе отвори две „ВИ фабрики“ (центри за развој на вештачка интелигенција) на Западен Балкан – една во Србија, а друга во Северна Македонија, во рамки на пошироката иницијатива за вклучување на регионот во технолошкиот развој на Европа, пренесе агенцијата „Анадолија“.
Рече дека дека Западен Балкан има потенцијал да стане центар за стратешки индустрии и иновации и најави дека мрежата на „ВИ фабрики“ на Европската унија ќе се прошири и на регионот, почнувајќи со две „фабрички антени“ во Северна Македонија и Србија, како и дека високобрзинска дигитална инфраструктура ќе ги поврзе сите шест земји од Западен Балкан.
„Тоа значи дека вашите компании ќе имаат пристап до европската инфраструктура за вештачка интелигенција токму тука, во регионот. Со други зборови, компјутерската моќ на Унијата ќе ви биде на располагање. Сакам иднината на вештачката интелигенција да се создава во Европа. И сакам Западен Балкан да биде нејзин составен дел,“ изјави фон дер Лајен.
Истакна и дека Европската унија ќе го засили инвестирањето во земјите од Западен Балкан со цел да го удвои нивниот бруто-домашен производ (БДП) во следните десет години.
Говорејќи на отворањето на Инвестицискиот форум ЕУ–Западен Балкан во Тирана, фон дер Лајен рече дека Планот за раст на Западен Балкан има цел да ја забрза економската интеграција, да ги поддржи реформите и да привлече европски инвестиции.
„ЕУ ги отвора секторите од својата економија за вашите компании. Заедно работиме на реформи за рамноправни услови, а со реформите доаѓаат и инвестиции. Планот за раст на Западен Балкан има за цел двојно зголемување на регионалниот БДП во следната деценија,“ изјави таа.
Фон дер Лајен истакна дека Албанија, Црна Гора и Северна Македонија неодамна се приклучија кон Единствената европска зона за плаќања (SEPA), што ќе ги намали трошоците за трансакции и ќе им заштеди на компаниите од регионот околу 500 милиони евра годишно. „Ова не е само напредок на хартија, туку и во пракса,“ додаде таа.
Во однос на чистата енергија, фон дер Лајен рече дека Западен Балкан може да стане центар за производство, складирање и дистрибуција на обновлива енергија, што ќе придонесе за пониски цени на електричната енергија и за енергетската независност на Европа.
„Инвестирањето во Западен Балкан значи инвестирање во идниот континентален пазар од 500 милиони луѓе,“ истакна таа, нагласувајќи ја стратешката важност на регионот за европската индустрија и енергетика.
Форумот ги обединува претставниците на ЕУ, лидерите од Западен Балкан и инвеститорите со цел да се разгледаат и потпишат проекти кои се очекува да донесат над 4 милијарди евра нови инвестиции, создавајќи нови работни места и економски можности низ целиот регион.
Топ
Поранешен дечко со оружје дошол пред домот на девојка во Гевгелија, полицијата го спречила

Полицијата во Гевгелија денеска спречи обид за убиство на девојка од нејзиниот поранешен партнер.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи, 25-годишната М.П. од Гевгелија пријавила дека на нејзината влезна врата тропале нејзиниот поранешен партнер Ј.Г., кој користел отсуство од затвор, заедно со Л.Г.
Од пријавата произлегува дека двајцата се заканувале, а младата девојка слушнала и репетирање на огнено оружје.
Полициските службеници веднаш излегле на местото на настанот и извршиле преглед. Во ормарот за чевли бил пронајден пиштол без рамка. При извршеното алкотестирање кај поранешниот партнер биле измерени 3,3 промили алкохол во крвта.
Двајцата биле приведени, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава.