Македонија
(Видео) Пендаровски се обрати на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, преку видеопорака се обрати на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што оваа година поради пандемијата со Ковид-19 се одржува дигитално.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски:
„Оваа летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ја организираме во несекојдневни услови. Поради пандемијата од Ковид-19 не можеме да бидеме заедно на брегот на Охридското Езеро, што било инспирација за словенските просветители Св. Климент и Наум Охридски и македонските преродбеници Миладиновци, Прличев и Шапкарев.
Меѓутоа, ме радува што ниту пандемијата не нè спречува барем виртуелно да ја продолжиме традицијата на Меѓународниот семинар. А да продолжиме е особено важно, и тоа најмалку од неколку причини.
Прво, одбележуваме значајни јубилеи, меѓу кои и 75-годишнината од објавувањето на македонската азбука и правопис. Во 1945 го заокруживме процесот на кодификација на македонскиот стандарден јазик. Со тоа македонскиот стана јазик на образованието, науката и уметноста не само во Република Северна Македонија, туку и на универзитетските катедри и лекторати во Европа и светот. Иако поради неповолната општествено-историска и политичка ситуација, македонскиот јазик е релативно доцна стандардизиран, неговиот историски континуитет е неспорен. Неговата долга усна и писмена традиција и богатството од дијалекти е одамна апсолвирано прашање во светската лингвистичка наука.
Сепак, повторно сведочиме на една анахрона реторика на оспорување на засебноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик. Затоа ни е потребен соодветен научен и аргументиран одговор кој се разбира дека го поседуваме. Токму во таа насока се и четирите тома за македонскиот јазик што неодамна ги објавија Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик.
И луѓето и настаните што ги чествуваме годинава се потврда на континуитетот на македонскиот јазик. Во 1920 година почина народниот раскажувач Марко Цепенков. Истата година е роден еден друг раскажувач – писателот Славко Јаневски, кој се смета за автор на првиот објавен роман на стандарден македонски јазик.
Годинава одбележуваме и еден век од раѓањето на основоположникот на македонската дијалектологија Божидар Видоески. Тој го втемели овој меѓународен семинар како креативна заедница во која до сега учествувале над 5.000 учесници од над 60 земји кои имале можност одблиску да се запознаат со македонскиот јазик и неговите специфики. Оваа исклучително важна меѓународна манифестација имаше и има голема улога во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура низ целиот свет.
Затоа почитувани, вашето учество на овој дигитален семинар и желбата да научите повеќе за македонскиот јазик и култура го разбираме не само како ваша посветеност кон научната вистина, туку и како чин на солидарност со македонските слависти и македонисти. И за тоа сум ви навистина благодарен.
Ви посакувам плодна работа, инспиративни дискусии, продлабочена соработка и пријателства. И искрено се надевам и посакувам наредната година да се видиме во Охрид“, порача Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

