Македонија
Утре лидерска средба меѓу Заев и Ахмети на која се очекува конечен договор за Влада

За време на викендот и денес продолжија интензивните работни средби меѓу претставниците на СДСМ и коалицијата „Можеме” и ДУИ со цел креирање коалициски договор за идна стабилна Влада.
Од СДСМ велат дека во разговорите кои се водат на ниво на генерални секретари постигнат е напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада.
„Тимовите на СДСМ и ДУИ интензивно работеа на создавање брз и темелен коалициски договор уште во првите денови од уставно определениот рок од 20 дена по добивањето на мандатот. Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справувањето со здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид-19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Зоран Заев и Али Ахмети на која се очекува конечен договор за нова, стабилна, посветена Влада со мандат од четири години.
Имајќи ги предвид очекувањата за брз конечен договор, во текот на следните денови се надеваме дека ќе продолжи конститутивната седница за избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија. За сите нови информации од финалето на преговорите во јавноста ќе известуваат исклучиво официјални лица или прес-службите на партиите“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стејт департментот: Нема значителни промени во состојбата со човековите права во Северна Македонија

Во најновиот извештај на Стејт департментот на САД за човековите права за 2024 година се наведува дека во Северна Македонија не се забележани значителни промени во состојбата со човековите права.
Документот идентификува повеќе клучни прашања, меѓу кои ограничувања на слободата на изразување и медиумите, насилство и закани врз новинари, зголемено вознемирување на новинарки, стратешки судски тужби против медиумски работници и предизвици за уредничката независност поради политички и бизнис притисоци.
Во извештајот се посочува дека измените на Законот за аудио-визуелни медиумски услуги, кои овозможуваат рекламирање на кампањи со „висок јавен интерес“ платени од владата преку комерцијални радиодифузери, предизвикале загриженост за можен клиентелизам.
Се наведува и дека владата презела веродостојни чекори за заштита на правата на работниците, синдикално организирање и соработка со УНХЦР за бегалци и лица без државјанство.
Целот извештај на ЛИНКОТ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ако имало нешто противзаконско во Еразмус + како што зборува СДС, бомбастично ќе ги затвореа луѓето додека беа власт

СДС денес повторно вели дека имало спорен момент во раководењето на Националната агенција Еразмус +, односно бил спорен моментот од 2014 година до 2017 година. Да потсетиме, СДС беше на власт 7 години од 2017 година до лани. Доколку имало нешто спорно во Агенцијата Еразмус +, тие не само што ќе ги затвореа луѓето, туку и ќе ги снимаа и омаловажуваа како Гордана и Миле, реагира ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференцијата на Манасков.
„СДС имаше можност 7 години да провери и да расчисти доколку имало некаков криминал. Но, на нив им одговараше Лидија Димова и таквите како неа, а секако тоа му одговарало и на тогашниот претседател Заев, кој можеби со тие пари и си ја има купено јахтата, во која заедно со Филипче уживаат на Егејското море.
Лицемерието на СДС е огромно. Нивните поранешни функционери тонат во криминал и корупција, нема институција во која немаат направено криминал, ама затоа имаат судии и обвинители кои ги штитат. И на ова ќе му дојде крајот“, се додава во реакцијата.
Македонија
Меџити: Охридскиот договор е жив темел на правична и инклузивна држава

Владата е посветена на изградба на правен и институционален систем, кој гарантира реална, а не само формална еднаквост, изјави првиот вицепремиер, Изет Меџити. Тој посочи дека последиците од формалната еднаквост се чувствуваат во земјата наведувајќи го примерот со, како што рече, половичниот Закон за употреба на албанскиот јазик, оспорен пред Уставниот суд, како и укинатиот механизам на балансерот од страна на судот.
Меџити истакна дека Уставниот суд во мултиетничка држава има стратешка мисија да го штити не само уставниот поредок туку и мирот меѓу заедниците, како и да ја гради меѓуетничката доверба преку аргументирани и транспарентни одлуки.
Владата, додаде тој, ја зајакнува употребата на јазиците во согласност со Охридскиот договор и Уставот, спроведува инклузивни политики во образованието и културата, гради мултиетничка државна служба и поддржува реформи во правосудството за независно и непристрасно судство.
Меџити посочи дека во тек е изработка на законот за правична застапеност, а вработувањата и унапредувањата во администрацијата продолжуваат наведувајќи дека оваа година е најуспешната од осамостојувањето на Македонија.
Тој нагласи дека Владата подготвува и закони што ја продлабочуваат локалната демократија, ја зголемуваат отчетноста кон граѓаните и им даваат повеќе надлежности на општините.
„Духот што сакаме да го инсталираме во нашето општество е дух на соживот, меѓусебна почит и заедничка надеж за иднината. Нема вистинска демократија без доверба и нема функционална држава без еднаквост“, рече Меџити додавајќи дека Охридскиот договор треба да се реализира во секојдневни закони, политики и институции, кои му служат на граѓанинот со чесност.