Македонија
Без струја повеќе делови на Скопје

Од ЕВН Македонија информираат дека без електрична енергија ќе останат делови на Гази Баба, Карпош, Бутел, Кисела Вода, Сарај и Бутел.
Во периодот од 8:00 до 12:00 часот, без струја ќе бидат корисниците од ул. Боривое Милошевски, како и дел од корисниците од ул. Перо Наков лоцирани во околината на Кванташки пазар (општина Гази Баба), од 8:00 до 13:00 часот, дел од корисниците од улиците Римска, Атинска и Анкарска (општина Карпош), од 8:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од улиците Црвени брегови и Љуба Ивановиќ, како и корисниците на потегот од бул. Босна и Херцеговина до раскрсница со бул. Христијан Тодоровски Карпош (општина Бутел).
Во периодот од 8:30 до 15:00 часот, струја ќе немаат и дел од корисниците лоцирани во околината на кафеана „Теферич“ во населба Теферич (општина Кисела Вода), од 9:00 до 13:00 часот, дел од корисниците од село Љубин, како и објектите на „Даути комерц“ и УКА „Комерц“ (општина Сарај), корисниците од ул. 15 од бр.1 до бр.228 во населба Радишани, како и корисниците од ул. Радишанска лоцирани на потегот од црквата кон продавницата (општина Бутел).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Царинaта спречи опасен шверц на илјадници лекови, против лице од Косово поднесена кривична пријава

Царинските службеници на граничниот премин Богородица открија и спречија обид за криумчарење на 4.577 парчиња небезбедни лекови, скриени во багажниот простор на изнајмено возило. Против едно лице, државјанин на Косово, Одделението за истраги во Секторот за контрола и истраги поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“.
Станува збор за аналгетици, анестетици и антиалергиски раствори во стаклени вијали, кои биле во рефузна состојба, односно без оригиналното пакување, како и без соодветни дозволи и сертификати од надлежни институции. За да избегне царинска контрола, сторителот лековите ги наредил во редови и ги скрил меѓу патнички перничиња за врат, сместени во три картонски кутии.
Со ваквиот начин на транспорт се загрозува безбедноста на граѓаните, бидејќи лекови кои не се соодветно декларирани, складирани, транспортирани и без соодветни дозволи и сертификати можат да претставуваат сериозен ризик по здравјето.
По брзата реакција на инспекторите, кои работеа на случајот во текот на изминатото деноноќие, поднесена е кривична пријава до ОЈО Гевгелија, од каде што е изречена мерка за одземање на лековите.
Царинската управа ќе продолжи со засилени контроли на граничните премини со цел спречување на шверц на лекови и заштита на јавното здравје.
Македонија
Јавен увид во Избирачкиот список од сабота до 11 септември

Од сабота, 23 август, до 11 септември граѓаните може да го проверат Избирачкиот список и да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење податоци. Барањата се поднесуваат писмено до ДИК, по електронска пошта или преку месните канцеларии, а решенијата се носат во рок од 24 часа.
Заклучениот Избирачки список ќе биде готов најдоцна на 3 октомври, а политичките партии ќе може да го проверат списокот и да поднесат свои барања до 19 септември. Податоците за граѓаните што поднеле барање за лична карта ќе се впишат по службена должност, како и податоците за лицата во затвор или установи за вонсемејно згрижување.
Македонија
УЈП: Истече рокот за плаќање на месечните обврски за јули – повик за подмирување на долговите

По истекот на законскиот рок за плаќање на месечните аконтации за данок на добивка и исплатата на јулските плати со придонеси, Управата за јавни приходи утврди значителен број на неплатени обврски.
„Од 2.129 даночни обврзници не е извршено плаќањето на месечната аконтација за данок на добивка за јули 2025 година, а кај 11.555 обврзници не е евидентирана исплата на бруто плати и социјални придонеси за истиот месец. Дел од неплатените аконтации може да бидат подмирени преку пребивање со даночни побарувања, но тоа не ги исклучува законските обврски и потребата тие да се сервисираат во рок“, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи во текот на вчерашниот ден достави персонализирани известувања до сите обврзници со неплатени обврски и апелира веднаш да го извршат плаќањето.
Овие средства се дел од јавните приходи кои припаѓаат на граѓаните и обезбедуваат редовно финансирање на буџетските потреби, здравството, образованието и социјалната сигурност.
УЈП остро потсетува дека во следните денови ќе се преземат законските мерки за присилна наплата.