Спорт
Балак во добра состојба по операцијата на туморот на грбот
Германската фудбалска легенда Михаел Балак вели дека се чувствува добро по операцијата на грбот за вадење на тумор во близината на ’рбетниот столб, откриваат германските медиуми.
Лекарите го откриле туморот по скен откако 43-годишниот Балак не се чувствувал најдобро и тој бил на операција во Хановер минатиот месец по што заминал во Португалија на опоравување. Според германските медиуми потврдено е дека туморот е бениген и дека нема стравување од рак.
Балак, кој се повлече од фудбалот во 2012 година, во кариерата играше за Кајзерслаутерн, Баер Леверкузен, Баерн Минхен и Челси, а беше и капитен на германската репрезентација, освојувајќи го второто место во 2002 и третото во 2006. Тој во кариерата освои четири титули од Бундеслигата, три од Германскиот куп, титула од Премиер лигата и два ФА купа со Челси. Балак двапати губеше во финалиња на ЛШ, со Челси во 2008 и со Леверкузен во 2002.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Далас без Дончиќ падна во Мајами, Кливленд не знае за пораз на домашен терен
Кливленд Кавалирс против Торонто Репторс ја забележаа 17. победа во 18.натпревар сезонава. Кавалирс славеа над Репторс со 122:108.
Ова е десетта јубилејна победа за Кливленд на домашен терен. Кавалирс ја презедоа контролата од самиот старт и успеаја да одржат двоцифрена предност во поголемиот дел од натпреварот.
Исто така, ова е 18-ти натпревар сезонава во кој тие постигнаа повеќе од 100 поени. Донован Мичел доминираше со 26 поени, од кои 11 постигна во последната четвртина, со што дефинитивно ги згаснаа надежите на гостите за пресврт.
Тај Џером исто така уфрли 26 поени, додека Џерет Ален доминираше во рекетот со 23 поени и 13 скока.
На другата страна Торонто имаше шест кошаркари со двоцифрен број на поени: Скоти Барнс и Грејди Дик ги предводеа Репторс со по 18 поени, Џејлен Барет додаде 16.
Мајами Хит го победи Далас без Лука Дончиќ со 123:118. Мајами славеа по едно продолжение, кое со кош на четири секунди до крајот го избори Џими Батлер.
Батлер го одигра најдобриот меч од почетокот на сезоната со 33 поени, девет скока и шест асистенции. Одлична поддршка му дадоа Бем Адебајо со 19 поени и 11 скока и Тајлер Хиро со 18 поени и 10 скока. Кајри Ирвинг постигна 27 поени за Мавс (14 во последната четвртина), на кои се уште им недостасува Лука Дончиќ поради повреда на зглобот.
Во другите дуели, ЛА Клиперс ја декласираа сезнава очајна Филаделфија со 125:99 на гостински терен, додека Бруклин во Калифорнија го совлада Сакраменто Кингс со 108:103.
Спорт
Лестер го отпушти тренерот
Англискиот фудбалски клуб Лестер го отпушти менаџерот Стив Купер.
Како што е соопштено, Купер (44) добил отказ поради низа лоши резултати по само пет месеци како шеф на стручниот штаб на „лисиците“.
Лестер освои само еден бод во претходните четири кола во Премиер лигата и е 16-ти со 10 бода, два повеќе од Кристал Палас кој е прв во зоната за испаѓање.
Веб-страницата на клубот не објави кога ќе биде назначен наследникот на Купер. Пред Лестер, Купер од клупата ги предводеше Нотингем Форест и Свонси.
Спорт
Мурињо ги отфрли гласините за Роналдо во Фенербахче
Многу светски медиуми пред неколку дена пишуваа дека Жозе Мурињо го контактирал Кристијано Роналдо и го прашал дали сака да му се придружи во Фенербахче по истекот на договорот со Ал Наср.
Беше истакнато дека стрелецот на 68 гола на 79 натпревари за клубот од Саудиска Арабија наводно е подготвен да се врати во Европа, но доколку тоа се случи, се чини дека во моментов нема комбинации кои повторно ќе ги спојат Мурињо и Роналдо.
Во текстовите кои ја пренесоа веста, се наведува дека Мурињо му се јавил на Роналдо, го прашал дали е среќен во Саудиска Арабија и дали сака да замине. Наводно и го прашал дали ќе дојде во Фенербахче.
„Весите за Кристијано Роналдо и Фенербахче се смешни. Кристијано може да дојде во Истанбул на ручек бидејќи е на половина пат меѓу Саудиска Арабија и Португалија. А можеби ќе дојде да го види својот стар пријател Жозе. Ќе ручаме во мојот хотел“, изјави Мурињо.
Фенербахче е турски рекордер со 28 освоени првенствени титули. Мурињо го водеше Роналдо низ дел од кариерата во Реал Мадрид.