Свет
(Видео) Терористот од Крајстчрч може да добие казна која сè уште не е изречена на Нов Зеланд

Брентон Тарант, кој минатата година уби 51 човек од мусламинаска вероисповед на Нов Зеланд, пристигна во Крајстчрч на рочиштето за изрекување казна.
Од затворот во Оукленд тој е пренесен со авион на аеродромот во Крајстчрч носејќи заштитен елек и кацига во придружба на вооружени полицајци пред да биде пренесен во комбе.
Тарант се изјасни за виновен по 51 точка од обвинението за убиство, 40 точки за обид за убиство и по една точка за терористички чин.
Судот во Крајстчрч денеска ќе почне со повеќедневно рочиште за време на кое преживеаните и членовите на семејствата на жртвите ќе даваат изјави. Тарант ќе биде осуден кога ќе му биде овозможено да даде изјава.
Пресудата за убиство на Нов Зеланд обично повлекува доживотна казна затвор. Судијата може да досуди казна доживотен затвор, без можност за ослободување, која никогаш не е изречена на Нов Зеланд, пренесе „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски објави кои земји ги разгледува Украина за преговори со Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Турција, заливските или европските земји би можеле да бидат домаќини на разговори со рускиот претседател Владимир Путин.
Зеленски бара директни разговори со Путин за да се стави крај на војната во Украина, но рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека не е подготвена агенда за таков состанок.
„Па, оваа недела ќе има контакти со Турција, со земјите од Заливот и со европските земји кои би можеле да бидат домаќини на разговори со Русите“, рече Зеленски во видео обраќање.
„Од наша страна, работите ќе бидат максимално подготвени за да се стави крај на војната.“
Зеленски рече дека разговорите зависат од координацијата со украинските партнери, првенствено со САД, за да се обезбеди доволен притисок врз Русија. Ова беше дискутирано вчера во Киев со американскиот претставник Кит Келог.
„Сè понатаму зависи строго од волјата на светските лидери, од кои најважни се САД, да извршат притисок врз Русија“, рече тој.
„Русија само дава сигнали дека ќе продолжи да избегнува вистински преговори. Ова може да се промени само со силни санкции, силни царини – вистински притисок.“
фото: принтскрин
Свет
(Фото) Трамп изврши едно од најдраматичните реновирања на Овалната соба: Никогаш не можете да споредите злато со боја, златото е злато

Трамп изврши едно од најдраматичните реновирања на Овалната соба во поновата историја за време на својот втор мандат, трансформирајќи го традиционално строгиот простор во раскошна сцена украсена со злато.
Најзабележителна промена е додавањето на бројни златни орнаменти низ целата канцеларија. Златни украси сега го красат делот на таванот висок 5,5 метри, додека златни медалјони и резби се поставени на каминот.
Трамп лично го надгледуваше поставувањето на тие детали, работејќи со мајстори од Флорида кои претходно работеа на неговиот имот Мар-а-Лаго.
„Со години, луѓето се обидуваа да направат златна боја што изгледа како вистинско злато, и никогаш не го направија тоа. Никогаш не можете да споредите злато со боја, затоа златото е злато“, им рече тој на новинарите.
Трамп ги претвори ѕидовите во она што тој го нарекува „галерија“, со речиси 20 портрети на претседатели и државници што ги почитува. Тоа е големо отстапување од шесте портрети на Бајден и минималистичкиот пристап на Обама. Портретите се прикажани во украсни златни рамки, а воен портрет на Џорџ Вашингтон е истакнат над каминот.
Трамп го врати и познатото црвено копче на бирото, познато како Diet Coke Button, преку кое ги повикува вработените да му го донесат неговиот омилен пијалок.
Канцеларијата сега изобилува со декоративни предмети од архивите на Белата куќа, вклучувајќи седум златни урни и вазни на каминот, а раскошни рококо огледала сега ги красат влезовите.
Повеќе од пет децении, местото беше дом на шведски бршлен, растение кое се смета за симбол на континуитет и стабилност во претседателството на САД.
Дури и малите детали го носат потписот на Трамп. Златни подметачи со неговото име и бројот „47“ (47-миот претседател на Соединетите Американски Држави) стојат на масички за кафе.
фото: принтскрин
Свет
Израелската армија за крвопролевањето во болницата: „Ја таргетиравме камерата на Хамас“

Израелската војска соопшти дека нападот врз болницата Насер во Газа, во кој загинаа најмалку 20 лица, бил насочен кон камера што Хамас ја поставил во близина на објектот. Според Си-ен-ен, израелските сили тврдат дека камерата била користена за следење на нивните активности и насочување на нападите против нив.
„Голанската бригада, која дејствувала во областа Кан Јунис за уништување на терористичката инфраструктура, идентификувала камера на Хамас инсталирана во близина на болницата Насер, која била користена за следење на активностите на израелските сили со цел насочување на терористичките активности“, се вели во соопштението на израелската војска.
„Во овој контекст, војниците дејствувале за да ја елиминираат заканата со насочување и уништување на камерата, а истрагата покажала дека војниците дејствувале со цел да ја елиминираат заканата“, се додава во соопштението.
Стануваше збор за таканаречен „двоен удар“ – два напада во непосредна близина – во кој загинаа здравствени работници, пет новинари и работници од службите за итни случаи кои побрзаа да помогнат по првиот напад. Си-ен-ен потсетува дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху подоцна ги нарече цивилните смртни случаи „трагична несреќа“.
Израелската војска, исто така, соопшти дека шест лица, кои ги опиша како „терористи“, биле убиени во нападот врз болницата Насер. Еден од нив, како што се наведува, учествувал во нападот на израелска територија на 7 октомври.
„Во исто време, началникот на Генералштабот изразува жалење за каква било штета предизвикана врз цивилите“, се вели во соопштението на израелската војска. Си-ен-ен не можеше независно да ги потврди тврдењата.
фото: принтскрин