Македонија
Општина Аеродром привремено ќе ангажира образовни асистенти
Општина Аеродром објави оглас за работно ангажирање со скратено работно време на сите евидентирани невработени лица што се заинтересирани да се вклучат во програмата „Општинско-корисна работа“, проект „Социјални услуги за еднакви можности за сите генерации II“ за период од:
• 6 (шест) месеци (доколку поседуваат соодветен сертификат за давање социјални услуги);
• 7 (седум) месеци (доколку преку програмата треба да се стекнат со соодветен сертификат за давање социјални услуги), и
• 9 (девет) месеци (доколку се вклучат во поддршка на деца со попречености во редовен наставен процес)
Поради стекнување вештини и постепено вклучување на пазарот на труд, да се пријават во Агенцијата за вработување – Центар за вработување Скопје.
Евидентираните невработени лица што ќе бидат вклучени во програмата „Општинско-корисна работа“, ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време, 20 (дваесет) работни часа неделно, при што за време на работниот ангажман од:
• 6 (шест) месеци (доколку поседуваат соодветен сертификат за давање социјални услуги)
• 7 (седум) месеци (доколку преку програмата треба да се стекнат со соодветен сертификат за давање социјални услуги), и
• 9 (девет) месеци (доколку се вклучат во поддршка на деца со попречености во редовен наставен процес)
Статусот на невработените лица останува непроменет, а на невработените лица корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман ќе им биде активно правото на користење социјална помош.
Право на учество во програмата „Општинско-корисна работа“ имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата што првпат се јавуваат за учество во програмата.
За кандидатите што ќе бидат избрани и вклучени во програмата „Општинско-корисна работа“ се предвидува паричен надоместок во висина од 9.000,00 денари бруто-износ, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест.
Евидентираните невработени лица што ќе се пријават за учество во програмата „Општинско-корисна работа“ работа треба да припаѓаат на една од следниве целни групи невработени лица:
– долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над 5 години)
– млади лица до 29 години
– лица постари од 50 години
– лица корисници на гарантирана минимална помош
– лица корисници на паричен надоместок по основ на невработеност
– лица што имале статус на деца без родители и родителска грижа
– жртви на семејно насилство
– лица со попреченост
– самохрани родители
– родители на деца со пречки во развојот
– родители на 3 и повеќе деца
– родители на деца на улица
Работните позиции што се опфатени со овој оглас се однесуваат на ангажирање на:
– за работно место ОБРАЗОВЕН АСИСТЕНТ во времетраење од 9 месеци, потребни квалификации: (дипл. дефектолог, дипл. психолог, дипл. педагог или, пак, завршено високо образование со положени педагошки предмети),
– за работно место ПОМАГАТЕЛ НА СТАРИ ЛИЦА во времетраење од 7 месеци, потребни квалификации: завршено средно образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.

